Концертна промоција во „Џези“ за новиот албум на џез триото Букршлиев, Хаџи Коцев, Спировски

Вечерашниот настан, со почеток во 21 часот, ќе биде посветен на пионерскиот електронски музичар и поддржувач на независната музичка сцена Мирко Попов, кој почина изминатиот викенд

Фото: Ѓорче Ставрески

Вечерва во клубот „Џези“ ќе се оддржи концертна промоција на албумот „Transmarginal Beverly Hills“, кој е снимен од три члена на македонската авангардна независна џез сцена, односно Филип Букршлиев на гитара, Константин Хаџи Коцев на пијано и Нинослав Спировски на кларинет и сопран саксофон.

„Transmarginal Beverly Hills“ е третиот албум издаден од културната асоцијација „Аксиома“, која оваа година започна да се занимава со музичко издаваштво на албуми од локалната „терсене“ експериментална џез сцена. Претходните месеци го издаде деби албумот на триото „Строг пост“, како и албумот „Кичобал“ на Јордан Костов.

Станува збор за албум кој се состои од две долги импровизирани дела, „Transmarginal“ и „Beverly Hills“, кои траат 40 и 20 минути. Всушност, албумот е снимка од концерт одржан токму во „Џези“ изминатата година на 27 мај.

„На овој албум, Букршлиев, Хаџи Коцев и Спировски се зафатиле со исклучително тежок потфат: да спојат три инструменти кои досега многу ретко биле врзувани во трио формат. Меѓутоа, резултатот од тој спој звучи како тие да свиреле заедно долги години, а не на една спонтана музичка соработка/дружба, што и било случај таа вечер“, пишува во описот на настанот на Фејсбук.

Во духот на импровизираната музика, на промоцијата нема да се отсвират делата како што се отсвирени на албумот.

„Концертното претставување при оваа промоција нема да биде обид за евтина имитација на веќе постоечката изведба. Но, во нејзина чест ќе ги носи истиот дух и израз. Само што сето тоа ќе биде подобро, позрело и се разбира подлабоко. Гарантирано. Што всушност е и најдобрата причина за оваа промоција да не се пропушти“, вели саксофонистот Спировски.

Концертната промоција ќе е посветена на пионерскиот електронски музичар и поддржувач на независната музичка сцена Мирко Попов, кој почина изминатиот викенд.

„Мене, верувам и на другите вклучени во организацијата на овој настан, ми се чини небулозно да откажуваме музички настан (!) заради смрт на човек кој целиот свој живот го посвети на живеење музика и на градење респектабилна локална музичка сцена“, пишува во својата посвета Вангел Ноневски од „Аксиома“, кој е и воедно извршен продуцент на албумот и автор на неговата рецензија.

Авторот на корицата на албумот е Ѓорче Ставрески. Повеќе за приказната зад албумот и нејзината корица може да прочитате во вкрстената рецензија на албумот и последниот краткометражен филм на Ставрески „Дали си маж?“, која може да ја прочитате овде. Оригиналната рецензија за албумот може да се најде овде, или на англиски јазик на бендкемпот на албумот, каде истиот може да се купи дигитално.