Почина Мирко Попов, пионер на македонската електронска музика и поддржувач на локалната независна сцена

По кусо боледување, вчера, на 51-годишна возраст почина македонскиот диџеј, музичар, композитор, текстописец, продуцент и издавач на македонска електронска и алтернативна музика

Извор: Ивана Тасев, советник за односи со јавност

По кратко боледување, вчера, на 51-годишна возраст почина Мирко Попов. Тој важеше за еден од највлијателните скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти на македонска електронска и алтернативна музика.

Попов претходно беше хоспитализиран неколку дена по добиен мозочен удар, а информацијата за неговата смрт ја потврди неговата ПР консултантка.

Попов постојано беше ангажиран како диџеј или изведувач во скопските кафулиња и на музичките фестивали, а кога не настапуваше, тој постојано можеше да се види на секакви различни музички и културни манифестации низ градот, неуморно поддржувајќи ја локалната музичка алтернативна сцена, особено младите музичари во неа.

Почнувајќи од 1992 година, Попов не престанува со неговата активност на сцената. Тој бил пионер на техно-револуцијата во Македонија во 1990-те години, кога станува и еден од основачите на „ПМГ Колектив“, кој цели „да го победи незадоволството од актуелната состојба“, како што се вели во соопштенето испратено до медиумите.

Во 1998 година тој влегува во водите на музичкото издаваштво со отворањето на „ПМГ Рекордингс“, дискографска куќа која оттогаш има издадено над 300 изданија

Дополнително, од 2003 година е член на бендот „ПМГ Колектив“, бил уредник во „Канал 103“, потоа иницијатор и уредник на музичката платформа „Силата ЕУ младите“ (чиј последен концерт се одржа на 8 март) и беше вклучен во многу други иницијативи.

Многубројни музичари изразија сочувство и благодарност кон Попов и неговата дејност на социјалните мрежи.

„Мирко живееше во перспективна Македонија, не онаа која се заглавува и мумифицира во своето минато. Тоа многу ми се бендисуваше кај него. Кај нас повеќето луѓе живеат во минатото и се фокусираат само на лошото. Мирко не! Тврдоглаво одбиваше да живее во таква Македонија. Наместо тоа, ја градеше својата модерна Македонија и влечеше многу луѓе да му се придружат во неа. Тоа е и ќе продолжи да биде Македонија во која и јас сакам да живеам. Ми се чини дека не смееме премногу да жалиме. Тоа немаше да му се свиѓа. Подобро ќе е да продолжиме (ние што работиме слично како него) по зацртаниот пат. Би ни се налутил доколку тоа не го сториме“, напиша Вангел Ноневски од културната асоцијација „Аксиома“.

Младата музичарка Дина Јашари напиша дека непосредно пред својата смрт подготвувал компилациско винил издание во кое ја вклучил песната „Бои“ на Јашари. Јашари сподели порака од Попов, во која тој вели: „Благодарам за песната. Плочава е лудило. До солзи ме расположи“.

„Голема празнина оставаш на Македонската сцена. Огромна. Ништо повеќе нема да биде исто, ништо како со тебе, како двигател на сцената. Колку само проекти ми најави при последната средба, плочи, плочи, плочи… Колку ентузијазам внесуваше во секој проект – ти завидував понекогаш. Колку љубов кон македонската музика. Ме стимулираше и јас да го туркам својот дел. За да се надополнуваме. Фала ти и кога ме смируваше во моите нервозни изблици/кавги со институциите. Ќе фалиш бе друже, сериозно ќе фалиш“, напиша Тошо Филиповски, македонски музички новинар и архивист.

„Можеби имавме комплетно спротивставени политички ставови и животни филозофии и многу често влегувавме во конфликти, но огромниот позитивен импакт кој го имаше врз македонската алтернативна и андерграунд сцена не можам да го порекнам и за помошта која ја пружи на релативно новиот бран на импровизаторска музика која ја крена од инвалидска количка на нозе преку ПМГ Џез лејблот во времиња кога сите ја потценуваа. Можам само да ти се поклонам, затоа можам да кажам само дека животот кој го живееше и те како имаше смисла и беше достоен за почит, а и многу повеќе од тоа. Почивај во мир Мирко и се гледаме на друго место“, напиша џез-тапанарот Драган Теодосиев.