Мемиња: јазикот на интернетот кој ги надминува културните бариери

Од хумор до активизам: како мемињата го менуваат светот?

илустрација: Мета.мк

За интерактивна верзија од сторијата, кликнете на овој линк

 

Додека ги читав пораките и прашањата што пристигнуваат на страницата „Студентарија“ на Инстаграм, една ноемвриска вечер, внимание ми привлече порака од студент што се нашол „во тесно“: го изгубил пенкалото што една од неговите колешки-соученички му го позајмила за време на писмен испит. Заплеткан во „небрано“, студентот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје не знае како да постапи и бара совет, затоа што и колешката-сопственичка си го бара назад пенкалото што ѝ носело среќа на испит. Не прифаќа замена за друго потполно исто пенкало – си го бара нејзиното, среќното.

Исповедта беше стара неколку недели (изгубена во сандачето за пораки), а по кратка дискусија и понуда на задоцнети предлози за решение, студентот се согласи оваа тривијална и слатка загадочна ситуација да ја споделиме со пошироката публика на платформата.

Она што започнало како едноставна размена на пенкало меѓу колеги на факултет, прерасна во комична сага на Инстаграм, заробувајќи ги срцата и предизвикувајќи насмевки во македонската академска заедница.

Набргу по објавата, несекојдневната приказна ја понесоа виралните бранови на интернетот, а креативните студенти почнаа да ја раскажуваат на јазикот кој им е најблизок – преку мемиња.

фото: Студентарија (@studentarijamk) на Инстаграм
фото: Студентарија на Инстаграм

Додека се движите низ лавиринтот од хаштагови, реакции и споделувања на социјалните мрежи, наидувате на ризница од чудни содржини: жаба што пие чај, мачиња со слатки или злобни погледи, несекојдневни фацијални експресии од познати и непознати личности. Ова не се случајни содржини, туку градежни блокови на културната револуција што го зафати интернетот и елементи што ја обликуваат актуелната дигитална реалност.

„Мемињата“ (или „мимовите“ – зависно од тоа на која група припаѓате) се културни симболи и идеи кои во онлајн просторот се шират со молскавична брзина, често уредувани и приспособувани од најобичните корисници на интернетот. Се наоѓаат во најразлични форми, па може да ги сретнете како слики, видеа, фрази и цитати или пак впечатливи звуци и музика, кои, од некоја причина, станале вирални. Артист зад овие креации може да биде буквално секој корисник на интернет, кој, со мала инспирација, кое било дигитално парче може да го претвори во уметничка онлајн сензација.

Во суштина, мемињата (зборот што ние избираме да го користиме) служат како средство на луѓето за споделување шеги, коментари на актуелни настани или културни референци, на хумористичен или лесно сварлив формат.

Интернет меме

Во раните денови на интернетот започнале како едноставни интерни досетки споделувани меѓу онлајн корисниците, но, со развојот на вебот и порастот на платформите за социјални медиуми, станаа широко распространети.

Еволуцијата на мемињата е обележана со постојани иновации и адаптација, но содржините кои вклучуваат слика над која се наоѓа објаснувачки текст, остануваат популарен меме формат и денес. И додека едни се фокусираат на хуморот и апсурдноста, други се занимаваат со посериозни теми како што се политиката, општествените прашања и поп-културата. Едно е сигурно: благодарение на нивната постојано променлива природа, мемињата со гаранција остануваат динамичен и интегрален дел од интернет културата.

Јазикот на младите и на интернетот денес

Комуникологот и експерт за социјални медиуми Бојан Кордалов, мемињата ги дефинира како „крик“ во општеството којшто знае да ни олесни на сите во одредени тешки општествени проблеми, да привлече маркетиншки или пак да даде пинаков, интересен, забавен или друг агол на нештата, преку перспективите и креативното размислување на младите. Тие се форма на комуникација којашто треба да биде препознаена и признаена како јазик на денешните млади генерации, вели тој, односно како јазик на социјалните медиуми и на дигиталните алатки.

„Во затворени општества како балканските, коишто не се склони кон целосно препознавање на различностите, мемињата и тоа како играат своја улога заради тоа што даваат една нова, интересна форма што младите ја препознаваат како различна од традиционалноста на општеството. Зборуваме за балкански општества коишто генерално се затворени, се трудат да бидат традиционални и да ги задржат само стандардните форми на комуникација што биле актуелни пред 20, 30, 50, па дури и 100 години. Секако дека традицијата е добра за оној што сака да ја почитува, тоа е неспорно, меѓутоа секое време си носи свои новитети, особено во делот на комуникацијата. Секоја генерација си има свои комуникациски знаци, канали, пораки, форми. И особено во ера на масовна дигитализација и на огромно влијание на дигиталните канали и интернетот врз комуникацијата, и тоа како е важно овие новитети да се препознаат и вреднуваат“, вели Кордалов.

Бојан Кордалов / фото: лична архива

Виралноста на овие содржини, комуникологот Кордалов ја објаснува со тоа што тие се кратки, јасни, досетни и одат „straight to the point“ (директно на поентата).

„Играат големо влијание, заради тоа што претставуваат типична комуникација за одредена генерација, за одредена епоха“, додава Кордалов.

Извештај на Инстаграм за 2021 година открива дека на оваа платформа дневно се споделувале по еден милион мемиња, што претставува двојно зголемување во споредба со 2018 година.

Меѓу ентузијастичните меме-фанови во Македонија е и младиот новинар Марио Спасевски, кој овие содржини, на различни јазици, ги среќава и споделува речиси секојдневно. За да едно меме стане вирално, според него, потребно е да има добра смисла за хумор, да не е навредливо и да е наменето за одредена заедница или пак за поширока публика.

„Јас би кажал дека мемињата денес се многу привлечна содржина од причина што на сите ни требаат малку повеќе моменти на среќа и хумор. Сите имаме тешки моменти, лоши и депресивни денови, едноставно ни треба нешто што ќе нè насмее и развесели барем на момент. Кога се креира мим (меме), најчесто крајната цел е да предизвика смеење или смешна реакција, и убавината е кога тоа нешто ќе се споделува помеѓу другари и блиски личности, па дури и јавно на социјални мрежи. Мемињата денес најчесто се креираат со работите што се актуелни во даден момент. Факт е дека сега секој се фокусира на едно нешто, а утре тоа нешто е веќе заборавено па се бара нешто ново. Затоа, тие што креираат и споделуваат мемиња најмногу уживаат во сегашниот момент, бидејќи знаат дека утре или после одредено време тоа нема да биде толку смешно, бидејќи ќе дојдат други новитети“, вели новинарот на ГГ.мк.

Дневната доза мемиња најчесто ја наоѓа во затворени заедници и групи на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, иако понекогаш ги посетува и „Х“, Јутјуб и ТикТок.

„На пример, јас сум голем фанатик на приказната “One Piece” и често следам содржини коишто се поврзани со таа приказна, специфично групи и страници коишто споделуваат мемиња за тоа. Затоа, би им предложил на сите – ако не знаат од каде да почнат, нека најдат нешто што обожаваат и само тоа нека го следат“, препорачува Спасевски.

Марио Спасевски / фото: лична архива

Мемињата, меѓу другото, се и моќна алатка за зближување. Прикажуваат ситуации, појави и чувства со кои може да се идентификуваат припадниците на одредена заедница за која се наменети (како во случајот со пенкалото) – сите се сретнале со истите или слични искуства и емоции и тоа е она што ги поврзува и им дава чувство на припадност. Едноставно, мемињата се заедничкиот јазик на кој се смеат припадниците на една група.

„Имаат сериозно голема моќ да зближат луѓе, дури и до степен да станат многу добри пријатели. Ова го кажувам од лично искуство, бидејќи мене ми се има случено често пати, да сум во некоја група или заедница, и со споделување на вакви содржини да се зближам со луѓе коишто се со тотално различна позадина од мене, но на крај на денот делиме исти размислувања за одредени работи. Мемињата се хумористична содржина, и тотално небитно ти каква позадина имаш и од која култура си, бидејќи доколку заедно го делите истото мислење, истата желба и љубов кон некоја одредена работа, можете многу лесно да се здружите и едноставно да уживате во тематиката којашто ја следите“, вели Спасевски.

Како фан на поп-културата, Спасевски вели дека мемињата се и одличен канал за популаризација на одредени содржини, како серии, филмови и видеоигри.

„Сметам дека влијаат многу позитивно кон актуелниот пејзаж на поп културата, посебно кога има некои актуелно содржини на коишто сите се „нелепуваат“ многу лесно. Многу често луѓе се врзуваат за некој филм, серија, стрип или игра само поради тоа што виделе некоја хумористична слика како извадок од нив и сакаат да дознаат буквално сè  што се случува во таа приказна, па дури и во тој универзум. Така се формираат фан бази“, коментира младиот новинар.

Фасцинантни и „непредвидливи“

Фасцинантно е што се може да стане вирално и навистина е непредвидливо од каде ќе потекне следниот тренд, вели Христина Младеновска, која работи како креативна директорка и е поранешна креаторка на содржини на македонски јазик, која твореше под името „Кика Авеиро“.

„На пример, неодамна се појави нов тренд на ТикТок – звукот има преку 300.000 ремикси, а потекнува од епизода од серијата ‘Glee’ стара околу 15 години“, вели Младеновска.

Во однос на користењето на мемињата во маркетинг цели, таа вели дека, за да останат релевантни денес, неопходно е компаниите и организациите да бидат во тек со брзиот развој и менување на трендовите.

„Сите трендови имаат една заедничка работа, а тоа е треба да бидат лесни за кој било да може да направи свое. Често брендовите им се приклучуваат на овие трендови за да ѝ покажат на нивната публика дека имаат нешто заедничко со нив, ги разбираат нивните ‘маки’, што понатаму може да вроди со повисока доверба од страна на купувачите кога треба да донесат одлука каде да ги потрошат своите пари“, смета Младеновска.

Христина Младеновска / фото: лична архива

Истражување на Универзитетот во Њујорк открива дека мемињата се десет пати поефикасни од обичните маркетиншки визуелни елементи, додека според Форбс, бизнисите што користат мемиња во рекламирањето имаат 60 отсто поголема веројатност да привлечат купувања.

Младеновска споменува пример од, според неа, една од најуспешните кампањи од ваков вид, спроведена од страна на технолошка едукативна компанија чија вредност денеска е проценета на 9,5 милијарди американски долари.

„Голем дел од популаризирањето на апликацијата, особено меѓу младата популација, се должи токму на нивната стратегија на социјалните медиуми која вклучува и приклучување во речиси сите вирални трендови во даден момент“, вели Младеновска.

Мемињата како општествен активизам

Покрај нивната улога во ширењето хумор и забава, мемињата служат и како моќна алатка за општествени коментари и активизам.

Надвор од сликите и видеата што предизвикуваат смеа, овие содржини имаат капацитет да поттикнат значајни разговори и да ја подигнат свеста за актуелни општествени проблеми – како нееднаквоста, неправдата и политичката корупција.

Преку духовити натписи или потресни слики, мемињата можат да ги преточат сложените прашања во сварлива содржина што се споделува меѓу одредена засегната заедница или пак со пошироката публика.

Младите, едноставно, се вклучуваат во општеството на начин автентичен за нивната возраст.

„Општествен активизам не е само ако вие како млад човек станете активисти во политичка партија, ако се вклучите во граѓанска организација или ако бидете активни во некакви дебати на телевизија, на интернет портали или во традиционални медиуми. Активизам е и кога ќе објавите или искреирате меме, а на тој начин испраќате одредени пораки кои се комерцијални, бунтовни, досетни, ќе ги променат или ќе им дадат друг агол на нештата. Вие сте општествено активни и кога пишувате театарски претстави, поезија, проза или создавате музика“, вели комуникологот Кордалов.

Од движења кои се залагаат за права и правда, до кампањи кои промовираат еколошка одржливост – мемињата служат како средство за активизам, овозможувајќи им на младите да ги изразат своите поплаки и повици за промена на еден креативен, а сепак влијателен начин.

Социјалните мрежи станаа бојно поле за идеолошки дебати и културни судири, со мемињата често во првите редови на овие дигитални препукувања, појавувајќи се како моќен облик на дигитален активизам способен да ги мобилизира заедниците и да изврши промени во реалниот свет.

Студентскиот активизам е само еден од македонските примери кога мемињата предизвикале реакција од надлежните институции. Задоцнетата исплата на државните студентски стипендии и субвенции за храна, често е „исмевана“ на Инстаграм каде студентите се најмногу присутни и активни. Со креирање мемиња и нивно ширење на страниците на социјалните мрежи, студентите кои се во незавидна положба придонесуваат кон притисокот врз Министерството за образование и наука како надлежна институција за спроведување на овие државни мерки.

Фотографии и написи инспирирани од мемиња, исто така, се најдоа меѓу транспарентите на низата студентски протести што изминатава година се одржаа во Скопје.

Преку креативно искористување на моќта на хуморот, иронијата и сатирата, мемињата продолжуваат активно да ги предизвикуваат општествените норми, да поттикнуваат критичко размислување и да инспирираат акција.

Од необичните слики со животни до содржините со политички намери, оваа културна сила несомнено ќе продолжи да ги обликува нашите онлајн интеракции и да го одразува постојаното менување на пејзажот на современата култура, често поттикнувајќи разговори за разни (важни) прашања.

 

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.