Од денеска почнуваат настаните на „Студентска Уметничка Пролет“ што ги организира Europe House Скопје во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Серијата настани ќе траат до 26 април, а се посветени на збогатувањето на културно-уметничката понуда на кампусот, како и промовирањето на интердисциплинарниот пристап кон знаењето меѓу студентите.
„Целта на овие настани е да се обединат и поврзат студентите од различни факултети преку богата уметничка и културна програма. Во рамките на „Студентска Уметничка Пролет“, по повод 15 април – Светскиот ден на уметноста, ќе се одржат повеќе од 14 настани на различни локации, вклучително изложби, инсталации, концерти, претстави и интердисциплинарни предавања“, велат од Europe House Скопје.
Во организацијата на настаните се вклучени Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за музички уметности, Драмскиот факултет, Филолошкиот факултет, како и Академската сцена и Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Настаните ќе се одвиваат на локации како Сули Ан, Концертната сала на Факултетот за музички уметности, сцената на Драмскиот факултет, платото на техничките факултети и други, а преку нив ќе се промовираат уметноста и културата како единствена прилика за меѓуфакултетска соработка и размени на знаења.