Секое трето девојче на 15 години во земјава изјавило дека е осамено

Студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“ открива широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија, односно распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња

Image by Marco Wolff from Pixabay

Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57 проценти од девојчињата на 15 години во Македонија, а од психосоматски тегоби повеќе пати неделно (главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата) пријавиле дека страдаат шест од десет девојчиња на 15 години.

Ова се вели во студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“, која открива широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија, односно распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња.

Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа по повод Меѓународниот ден на менталното здравје утврдила дека и во нашата држава, со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.

Илустрација: ХБСЦ Македонија

Студијата, исто така, покажува и дека задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.

Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во земјава.

Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат дека имаат чувства на осаменост, во Северна Македонија таа бројка е 31%. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности.

За овие наоди, Лина Ќостарова Унковска, водечки истражувач на студијата за Северна Македонија изјави дека овие бројки треба да се земат сериозно.

„Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Северна Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка“, вели Ќостарова Унковска.

Средношколците Алтина и Даријан ги пренесоа заклучоците од работилницата со нивни врсници за резултатите од истражувањето, на 20-годишниот јубилеј од спроведувањето на студијата ХБСЦ во Северна Македонија.

„Важно нѝ е родителите да нѐ сфатат и да ги земат предвид нашите чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот. Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Би сакале да имаме модерна и интересна настава која ќе нѐ мотивира на успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование“, рекоа средношколците.

Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“ и претседателка на активот на стручни соработници на Град Скопје вели дека овие сериозни наоди, како и изјавите на децата го адресираат училиштето како агенс на промена.

„Да ги направиме училиштата места каде учениците ќе се чувствуваат безбедно и задоволно. Да ги поддржиме учениците тие да бидат изворот на промените во училиштата преку користење на своите потенцијали, креативност и лидерство. Искусувањето на процесите на партиципација низ лично доживување е основа на менталното здравје и добросостојба“, вели Попризова.