среда, 11 март, 2026
Meta.mk

Задолжителната вакцинација и инспекциските контроли во градинките се поради епидемијата на голема кашлица

Програмата за задолжителна имунизација не е поврзана со Клаус Шваб, ниту пак, со Светскиот економски форум. Парите за вакцините за задолжителната имунизација се обезбедуваат од буџетот на државата. Вакцинацијата е задолжителна затоа тоа што спречува ширење на епидемии ако вакциналниот опфат е над 95 проценти. Станува збор за одлука на национално ниво, донесена по претходна анализа на здравствените власти, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Значи невакцинираните деца ќе ги заразат вакцинираните дечиња. Агендата на болниот Шваб ја тераат соросоидните партии, доктори.

Во склоп на објавата се споделува наслов: „Невакцинирани деца нема во градинка од денеска, конечно инспекторите на терен“.

Не е точно дека се бараат вакцини за упис во градинка зашто на власт се „соросоидни доктори и партии кои ја тераат агендата на болниот Шваб“. Се бара децата да бидат вакцинирани зашто некои вакцини се дел од задолжителниот календар за имунизација и вакцините спречуваат заразни болести.

Имунизацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања.

Со вакцинирање се спасуваат 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година, согласно податоците од Светската здравствена организација (СЗО).  Благодарејќи на имунизацијата, многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавноздрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи, без смртни исходи и трајни последици, пишува во Програмата за задолжителна имунизација на населението за 2019 година.

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, во услови на прогласена епидемија, инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаат право да забранат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца да одат во градинките.Тоа е заради заштита на сите деца.

Во земјава задолжителната имунопрофилакса и хемопрофилакса е законски регулирана со Законот за заштита на населението од заразни болести и Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација.

Имунизацијата против одредени заразни болести се спроведува како задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (HiB), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla) и инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV) за сите лица на одредена возраст, согласно Календарот за имунизација.

Програмата за задолжителна имунизација не е поврзана со Клаус Шваб, ниту пак, со Светскиот економски форум. Парите за вакцините за задолжителната имунизација се обезбедуваат од буџетот на државата (страница 6 од Програмата дел „финансирање на програмата).

Хелсиншкиот комитет за човекови права има издадено правно мислење дека задолжителната имунизација не е дискриминација зашто имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата. Со обврската за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија и тетануси пертузис, се спречуваат вистински и непотребни здравствени ризици.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со почитувањето на човековите слободи и права. Дотолку повеќе што придобивките од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминуваат последиците од вмешувањето, односно ограничувањето, на човековите права на поединците, пишуваат оттаму. 

Согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.

Задолжителната вакцинација не е агенда на „болниот Шваб“ и „соросоидните партии и доктори“, туку национална агенда на ниво на цела држава, поддржана од медицина базирана на докази. Вакцината против некои болести е задолжителна во 12 земји од ЕУ.

Секоја земја во ЕУ самата одлучува дали вакцинацијата на нивната територија ќе биде задолжителна или доброволна. Националните влади во носењето на таа одлука земаат предвид повеќе фактори, како нивните здравствени системи, правни системи и културни норми.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека „се бараат вакцини за упис во градинка зашто на власт се соросоидни доктори и партии кои ја тераат агендата на болниот Шваб“.

Вакцинацијата е задолжителна поради тоа што спречува ширење на епидемии ако вакциналниот опфат е над 95 проценти, станува збор за одлука на национално ниво, која што е донесена со анализа на здравствениот систем кој е кревок и со персонал и со финансии и не може да поднесе финансиски товар предизвикан од епидемии. Исто така, медицината базирана на докази потврдува дека вакцините спречуваат болести и спасуваат животи.

Реконструираната делница Катланово-Петровец треба да биде готова до крајот на месецов

Рехабилитацијата на автопатската делница Катланово-Петровец е во завршна фаза и се очекува да биде пуштена во нормална употреба до крајот на овој месец.

Станува збор за делница од 10 километри меѓу селата Катланово и Петровец, која со рехабилитацијата добива уште една коловозна лента, односно целосно автопатски профил.

Претходно беше завршен десниот коловоз, односно насоката Петровец-Катланово и истиот е пуштен во сообраќај под времен режим.

Градилиштето денеска го посетија премиерот Талат Џафери, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.

Како што објасни премиерот Џафери, според известувањето на надзорниот орган до крајот на месецот би требало да е готова делницата за чија реконструкција се вложени 10,5 милиони евра.

Бочварски најави и дека пролетва треба да заврши рехабилитацијата на делницата Демир Капија – Неготино, а Коридорот 10 ќе биде надграден и со Интелегентен транспортен систем, во прва фаза од Велес кон Гевгелија, а потоа и втора фаза од кон граничниот премин Табановце.

Реконструкцијата почна уште во 2020 година, а во подолг период сите градежни работи беа замрзнати, бидејќи претходно избраниот изведувач потфрли со реализацијата.

Собранието го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики, се очекува намалување на цените

Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната седница го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со Законот се уредуваат условите и начинот за трговијата со земјоделски и прехранбени производи.

Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а и на квалитетот на производите.

За прв пат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат.  Се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.

Во Законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената.

Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10%, и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети, што ќе влијае во намалување на цените.

За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20 000 евра

Клучно во овој дел е поголемо приближување и воедначување на националната легислатива, со легислативата на земјите членки на Европската унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа Директива на ЕУ.

Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.

Комисијата за заштита на конкуренцијата за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија.

Се превртела цистерна со плин во Битолско

Центарот за управување со кризи (ЦУК) извести дека претпладнево во Битолско се превртела цистерна со плин. Според досегашните информации, нема поголема опасност за населението.

Сообраќајката се случила пред 9:30 часот во близина на битолското село Вашарејца. На местото на несреќата интервенирале четиримина пожарникари, а на увид излегла екипа на СВР Битола. Се чека механизација за да се подигне и одвезе цистерната.

Возачот на камионот е лесно повреден и е пренесен во Клиничката болница во Битола.

Деспотовски: Да ги платиме нашите луѓе повеќе за да останат дома, а не да увезуваме странци

Справувањето со недостигот на работна сила на Западниот Балкан бара рационален и храбар пристап. Треба прво да видиме што може да се направи во регионот со постоечките ресурси, а не да одиме во потрага по работна сила. Потребено ни е преструктурирање на економијата, инвестирање во технологија и индустрии кои носат поголема додадена вредност и подобро платени работни места“, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта.
Деспотовски, на покана на Унгарскиот институт за надворешни работи, како главен говорник на панелот посветен на справувањето со недостаток на работна сила во Централна и Југоисточна Европа истакна дека за решавање на ова актуелно прашање многу е важно работите да се гледаат и анализираат преку квантитативен и структурен пристап за да се изнајдат ефективни решенија.

„Разликата во продуктивноста меѓу земјите во регионот, што е потврдено и преку статистиките за продуктивност и удел во БДП по глава на жител, отвора критични прашања во врска со ефикасноста на работната сила и секторската дистрибуција. Споредбата на продуктивноста на Словенија со Македонија, Србија и Албанија открива остри контрасти. И покрај сличната големини на населението, Словенија покажува значително повисоки нивоа на продуктивност. Овде се поставува прашањето зошто ист број луѓе во Словенија произведуваат 5 пати повеќе отколку во Македонија или зошто истото производство во Србија се генерира со 3,5 пати повеќе луѓе отколку во Словенија?, “ рече Деспотовски.

Според него со оптимизација на сектори и трансфер на работници може да се случи потребната промена, како на пример со трансфер на работници од земјоделие, традиционалните ниско платени производствени дејности, како и од јавната администрација во сектори потребни на пазарот на работна сила.

Во справувањето со недостигот на работна сила, странските работници се појавуваат како брзо решение за ублажување на моменталните притисоци, смета Деспотовски, но според него од клучно значење е при ангажирање странска работна сила да се земат в предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини.

„Концептот за слободно движење на работната сила во Македонија, Србија и Албанија во рамки на Отворен Балкан има добар потенцијал да ги раздвижи пазарите на работна сила и да поттикне економски раст. Дозволувајќи поголема синергија меѓу овие земји, можеме да ја забрзаме нивната заедничка развојна линија и да го затвориме јазот којшто го имаме во однос на понапредните економии. Со поттикнување на редефинирање на секторите, разумно прифаќање на странската работна сила и користење на регионалната соработка, можеме да го отвориме патот за одржлив економски раст и просперитет низ Западен Балкан,“ посочи Деспотовски.

На панелот учествуваа претставници на германската Бизнис асоцијација за Југоисточна Европа, виенскиот Институт за економски студии како и професори од Економскиот факултет во Белград и унгарската Фондација за економски истражувања.

Над 100 експерти, политичари и претставници на невладини организации учествуваат на Балкански форум во Будимпешта 2024, во организација на Унгарскиот институт за надворешни работи. Меѓу нив годинава се и министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, Дубравка Џедовиќ, министерка за рударство и енергетика на Србија, Весела Чернева заменик директор на Европскиот Совет за надворешни односи и Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Албанија. Дводневниот форум годинава се фокусира на енергетиката, економијата и на евроинтеграцијата на Западен Балкан. Балканскиот форум се одржува осма година по ред.

Бугарското МНР го повикало македонскиот амбасадор да реагира за „неточни тврдења на политичари“

Бугарското министерство за надворешни работи (МНР) го повикало на средба македонскиот амбасадор во Софија, како што велат, „во врска со неодамнешните јавни коментари“ на овдешни политичари кои ширеле „неточни тврдења“, но не прецизираат за кого точно станува збор.

Оттаму посочуваат дека постојано поддржуваат конструктивен тон и се воздржуваат од коментари. Тоа го прават, како што велат, „со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествено спокојство за да може да се реализираат неопходните реформи“.

Поевтинуваат горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за поевтинување на горивата. Новите цени ќе стапат на сила на полноќ.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 1 денар, и од полноќ ќе изнесува 84,5 денари за литар.

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за половина денар. Од полноќ, литар ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе чини 82,5 денари, а литар ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 78 денари за литар.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 1,5 ден/лит. и од полноќ ќе изнесува 76 денари за литар.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,442 ден/кг и сега ќе изнесува 43,343 ден/кг.

Казнети 355 возачи за пребрзо возење

Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера 355 возачи биле казнети поради пребрзо возење.

Од нив, 24 возачи возеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Притоа, 197 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 158 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, предупредува МВР, апелирајќи за почитување на сообраќајните правила и прописи, заради побезбедни патишта и улици.

Државниот врв ќе ја одбележи 20-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски

Со државнички активности, Владата и Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе ја одбележат 20-годишнината од авионската несреќа кај Мостар, во која животот го загуби тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

На градските гробишта Бутел, со почеток во 12 часот, на гробот на поранешниот претседател Трајковски ќе положат свежо цвеќе неговата сопруга Вилма Трајковска со членови од семејството, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од претседателот на Собранието, Јован Митрески, делегација на Владата составена од вицепремиерката Славица Грковска и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, како и делегација на АРМ и Сојуз на борци од НОАВМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10 часот ќе положат свежо цвеќе претставници од владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Во Струмица, со почеток во 10 часот на споменикот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе делегацијата од Владата предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Комеморативните активности завршуваат вечерва, со комеморативен концерт во Национална опера и балет во Скопје.

 

Адвокатите на САД негираат дека обвинувањата против Џулијан Асанж се политички мотивирани

Кривичната пријава е поднесена против Џулијан Асанж бидејќи го открил идентитетот на изворите и поттикнувал кражби и хакирање, а не поради политички причини, рекоа адвокатите што ја застапуваат владата на САД, која бара екстрадиција на основачот на WikiLeaks (Викиликс) на денешното сослушување во судот во Лондон, извести „Гардијан“.

Асанж би можел да биде екстрадиран во САД за неколку дена. Таму би се соочил со обвинение за шпионажа, поради објавувањето илјадници тајни воени и дипломатски документи поврзани со војните во Авганистан и Ирак. До тоа ќе дојде ако Високиот суд во Лондон не му даде дозвола да се жали за неговото екстрадирање од Обединетото Кралство.

Во денешната сесија од сослушувањето адвокатите на владата на САД се обидоа да ги оповргнат аргументите изнесени од адвокатите на Асанж вчера. Бранителите на основачот на Викиликс на вчерашното сослушувачко рочиште тврдека дека САД има политички мотивирана намера да се одмазди на Асанж поради разоткривање државен криминал, вклучително и мачења, киднапирања и вонсудски егзекуции.

Асанж и денеска и вчера не ги следеше сослушувањата со физичко присуство или онлајн, правдајќи се со здравствената состојба.

Украинската војна продолжува, уште гинат цивили

На борбеното поле во Украина и понатаму продолжи гранатирањето и бомбардирањето на цивилни цели, при што во нападите во регионот Донецк во изминативе 24 часа, еден цивил во селото Константинивка го загубил животот, а друг е повреден. Во целиот регион Донецк се повредени уште осум лица, соопшти шефот на Регионалната воена управа на Донецк, Вадим Флашкин.

Како што пренесува украинската државна новинска агенција ukrinform.net, во регионот од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, руската армија убила 1.868 цивили и повредила 4.589. Во оваа статистика не се вклучени Мариупол и Волноваха.

Во регионот Херсон во руските напади во изминатото деноноќие биле повредени четиримина цивили. Руските сили извршиле дури 47 гранатирања, вклучително и врз населени места, известува ukrinform.net.

Според Генералштабот на украинските вооружени сили, во изминатото деноноќие украинските војници убиле 1.130 руски војници. Во истиот период, собориле еден руски ловец-бомбардер Су-34. Во текот на викендот беа соборени вкупно четири руски борбени авиони.

 

АВМУ ги осуди навредите од Ковачевски за медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се огласи со остра осуда на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски со која обвини медиуми дека „дека самите се продале и уште сега се продаваат“ и се ставаат во функција на една политичка партија.

АВМУ алармира дека политичарите треба да покажуваат високо почитување за новинарската професија, наместо грубо да ги напаѓаат.

„Политичарите треба да бидат свесни за одговорноста што ја имаат и наместо да се служат со непримерна комуникација треба да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите. Етикетирање на медиуми, особено во чувствителни периоди како предизборните, негативно се одразува на слободата на изразување и го нарушува достоинството на медиумските работници“, се вели во реакцијата.

Агенцијата потсетува дека е неопходно да се почитуваат стандардите и ги повикува политичарите да се воздржат од употреба на јазик со којшто се дискредитираат медиумите.

Поскапеа геодетските услуги

Веќе пет дена е на сила нов тарифник за геодетските работи, со нови, повисоки надоместоци. Како што објаснува Агенцијата за катастар на недвижности, станува збор за поскапување што е неопходно поради зголемените реални трошоци на овластените геодети-поединци и геодетските фирми – струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и сл.

Цените може да се видат тука.

Владата го одобрила новиот геодетски тарифник изготвен од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на 30 јануари, тој е објавен во Службен весник на 7 февруари, а стапил на сила на 15 февруари.

Во висината на надоместоците од правилникот не се пресметани трошоците за користење податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додадена вредност.

Трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи надоместот за извршените геодетски работи пропишан со овој тарифник можат да го намалат најмногу до 50 проценти.

Како што за Мета објаснија од АКН, постои и отворен сет на бесплатни податоци кој може да се користи од страна на граѓаните, приватниот сектор и други заинтересирани. Листата на отворени податоци, за кои не се наплаќа надоместок е опишана во член 7 од Tарифникот за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информационен систем, како и за издавање на овластување за изработка на картографски производи и за висината на надоместокот за издавање на согласност за ставање во употреба на картографскиот производ.

На конгресот на Алијанса на Села, го разрешиле Таравари

Борбата меѓу двата непријателски табора во Алијанса за Албанците продолжи денеска, кога се одржа и вториот конгрес за неколку дена на „Алијанса за Албанците“. Имено, во Опера и Балет во Скопје, денеска се собраа делегати свикани од поранешниот партиски лидер Зијадин Села. На конгресот е донесена одлука за смена на сегашниот партиски претседател Арбен Таравари и избор на Села за нов партиски лидер.

Пред само два дена се одржа вонреден конгрес на Алијанса за Албанците свикан од Таравари, на којшто беше укината функцијата претседател на Собранието на партијата, која до тогаш ја извршуваше поранешниот партиски лидер Села. На конгресот во петокот Таравари беше реизбран за претседател на партијата.

Претходно денеска, Таравари го повика лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, да се кандидира за претседател на државата и така лидерот на опозицијата и лидерот на владејачкиот партнер од албанскиот политички блок да си ги одмерат силите.

Таравари „му фрли ракавица“ на Ахмети за претседателската трка

Инаку, интересно е што денеска соопштенијата до медиумите од двата табора на Алијанса за Албанците дојдоа од два службени мејла. Крилото на Таравари испраќаше од [email protected], а крилотo на Села, коешто има контрола и врз познатата Фејсбук-страница на АА, испрати материјал од [email protected].

Расколот во Алијанса за Албанците изби откако Таравари соопшти оти партиското раководство донело одлука на следните парламентарни избори Алијанса за Албанците да настапи во коалиција со другите опозициски албански партии. Села реагираше дека за тоа не е консултирано партиското членство и порача дека Алијанса за Албанците на изборите треба да настапи сама.

Таравари „му фрли ракавица“ на Ахмети за претседателската трка

Во статус на социјалната мрежа, претседателот на Алијансата за Албанците и кандидат за претседател на РСМ од опозициската коалиција ВЛЕН, јавно го предизвика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да го прифати предизвикот и конечно да се кандидира за претседателските избори, за двајцата да си ги одмерат силите.

„Пропагандата на ДУИ, откако ја објавив мојата кандидатура за претседател, некогаш вели дека Али Ахмети ќе се кандидира, некогаш се повлекува… Отворено го поканувам господинот Али Ахмети да се натпреварува со мене и да вие изберете кој најдобро ве застапува!“, пишува Таравари на социјалната мрежа Фејсбук.

Османи, по Бон, стави во функција дополнителен пункт за пасоши и во Берн

Во продолжение на серијата посети на дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија со значително зголемен обем на конзуларна работа, денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи престојува во Амбасадата во Берн, Швајцарија.

Во оваа Амбасада покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку базната станица се врши фотографирање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи, а од денес паралелно со базната станица, се става во функција и дополнителна мобилна станица.

„Дојдов овде за да ги охрабрам дипломатите кои им служат на околу 300 наши државјани дневно, но и да гледам како тече процесот на издавање на нови патни исправи. Донесов уште една мобилна станица за фотографирање, што значи дека и овде во Берн работиме со два пункта паралелно, што значи два тима паралелно фотографираат и врачуваат нови патни исправи” истакна Османи.

Од Швајцарија, Османи продолжува за Венеција.

Соборени четири борбени авиони на Русите во Украина викендов

Од петокот вечерта до утрово, Военото воздухопловство на украинските вооружени сили соборило четири борбени авиони на руските сили, јави украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Од нив, три се соборени од петокот вечерта до вчера претпладне, а утрово Украинците неутрализирале уште еден борбен авион. Во последниот случај, пилотот на погодениот руски авион го насочил леталото кон селото Антрацит во регионот Луханск, но за среќа нема загинати или повредени цивили. Сепак, претходно авионот убивал цивили, посведочиле жителите на селото Дјакове, соопшти шефот на Регионалната воена управа на Луханск на неговиот Телеграм-профил, пренесува украинската државна новинска агенција.

Станува збор за три руски авиони Су-34 (ловец-бомбардер) и еден Су-35 (ловец).

По таквите загуби, извесно време може да се очекува пауза во користењето на тактички летала од страна на Русите, но тие сепак нема да престанат да бомбардираат, бидејќи се чувствуваат супериорни во воздухот, порача утрово Наталија Хумењук, шеф на Заедничкиот прес-центар на украинската Оперативна команда Југ.

„Верувам дека извесно време ќе имаме пауза во користењето тактички летала. Русите ќе пресметуваат нови граници за летовите, пресметувајќи каде авионите би можеле да бидат погодени. Но Русите нема да престанат да бомбардираат, бидејќи се чувствуваат супериорни во воздухот“, рече Хумењук.

Таа нагласи дека сѐ додека Украина има модерни борбени авиони, непријателот ќе користи воздушна сила.

Во меѓувреме, во руските напади во различни подрачја на судири, животите ги загубиле најмалку четиримина цивили, а најмалку 20 се повредени.

Во однос на потребите од оружје на Украина, нов удар зададе Претставничкиот дом на Конгресот на САД, заминувајќи на одмор без да ја изгласа најновата транша од 60 милијарди долари од САД за Украина.

Откако Конгресот „дигна рачна“, Бајден порача дека ќе се бори за постојана помош за Украина

Откако Конгресот „дигна рачна“, Бајден порача дека ќе се бори за постојана помош за Украина

Претседателот на САД, Џо Бајден порача дека ќе ги прави сите напори за да дојде до тоа Конгресот на САД да одобрува помош за Украина, иако Долниот дом на Конгресот на САД ја блокираше дополнителната воена помош од 60 милијарди долари за Украина.

Објаснувајќи го тоа за новинарите по телефонскиот разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски, тој рече дека вчера попладнето тој и Зеленски разговарале, при што првиот човек на САД му порачал на украинскиот претседател дека со сигурност може да се каже дека ќе се обезбеди поддршка за Украина.

Бајден нагласил дека многу работи се на коцка и дека е „апсурдна“ и „неетичка“ одлуката на Претставничкиот дом (Долниот дом на Конгресот) да оди на одмор кога помошта за Украина е од витална важност.

Американскиот Сенат одобри 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван

„Ќе се борам да им ја обезбедам муницијата што им е неопходна“, вели Бајден.

Според извештајот за разговорот меѓу Бајден и Зеленски, украинската армија била присилена да се повлече од Авдиивка откако украинските војници морал да штедат муниција „поради опаѓачката достава како резултат на неактивноста на Конгресот“. Што резултираше во првиот забележителен напредок на Русија во последните месеци“.

Идентична оценка дојде и од администрацијата на Бајден.

„Повлекувањето на украинската армија од градот Авдијивка, на истокот на земјата, е доказ за неактивноста на американскиот Конгрес кој ја блокира дополнителната воена помош од 60 милијарди долари за Украина“, оцени синоќа Белата куќа.

Портпаролката на Советот за национална безбедност Адријен Вотсон го повика Конгресот да ја одобри помошта „без одложување“, откако украинската војска се повлече од градот.

Украина со месеци се надева дека ќе се гласа за клучниот пакет помош од 60 милијарди долари предложен од администрацијата на демократскиот претседател Џозеф Бајден во неговата кампања за втор мандат.

Украинската војска се повлече од Авдиивка за да ги спаси животите на војниците

Пендаровски на Минхенската безбедносна конференција: ЕУ во Западен Балкан со години не е „прашање на денот“

Претседателот на Северна Македониија, Стево Пендаровски, во рамки на 60. Минхенска безбедносна конференција вчера говореше на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“, на која учествуваа и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама и американската сенаторка Џејн Шахин, член на Комитетот за меѓународни односи на Сенатот на САД.

На настанот се дискутирало за перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, и можностите за деблокада на процесот.

Претседателот Пендаровски посочил на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ, соопшти Кабинетот на претседателот на Северна Македонија.

Во однос на промената на Уставот, како пречка за натамошно продолжување на интеграцијата на Северна Македонија, претседателот Пендаровски рече дека до одржувањето на изборите тоа нема да е можно, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори.

Пендаровски рекол дека Европската Унија не е прашање на денот години наназад во целиот регион на Западен Балкан, не само во Северна Македонија, посочувајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и помеѓу самите македонски граѓани во однос на ЕУ, не само на етничка основа.

Говорниците на панелот посочиле на потребата од обезбедување на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и просперитет на регионот, соопштува претседателскиот кабинет.

ЗНМ одбележа 78 години постоење со доделување на годишните новинарски награди

Здружението на новинарите на Македонија ги додели годишните награди „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење. Истовремено беа доделени и четири признанија за посебен придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство.

Комисијата за награди во состав Жана Божиновска, Ристо Тасев и Ведат Мемедалија, наградата за животно дело ја додели на Соња Николовска, наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ беше доделена на Мирослава Симоновска за сториите „Клиниката за Онкологија во 2017 година го фрлила во подрум системот за следење на цитостатици кој оневозможува да се крадат дози“ и „Потресен исказ за Онкологија во судница: Не ми беше за парите што му ги давав на аптекарот, туку затоа што не ми се даваше терапија“ и Ирена Мулачка за вестите во низа за скандалот со клиниката за онкологија во Скопје, додека награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење замина во рацете Анета Блажевска за сторијата „Како „Мал битолски Монмартр“ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката“.

Признанијата беа доделени на колегите Фисник Џелили од Portalb.mk, Петар Клинчарски, Горан Антевски и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).