fbpx

Задолжителната вакцинација и инспекциските контроли во градинките се поради епидемијата на голема кашлица

Вакцинацијата е задолжителна поради тоа што спречува ширење на епидемии ако вакциналниот опфат е над 95 проценти, станува збор за одлука на национално ниво, која што е донесена со анализа на здравствениот систем кој е кревок и со персонал и со финансии и не може да поднесе финансиски товар предизвикан од епидемии

-

Програмата за задолжителна имунизација не е поврзана со Клаус Шваб, ниту пак, со Светскиот економски форум. Парите за вакцините за задолжителната имунизација се обезбедуваат од буџетот на државата. Вакцинацијата е задолжителна затоа тоа што спречува ширење на епидемии ако вакциналниот опфат е над 95 проценти. Станува збор за одлука на национално ниво, донесена по претходна анализа на здравствените власти, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Значи невакцинираните деца ќе ги заразат вакцинираните дечиња. Агендата на болниот Шваб ја тераат соросоидните партии, доктори.

Во склоп на објавата се споделува наслов: „Невакцинирани деца нема во градинка од денеска, конечно инспекторите на терен“.

Не е точно дека се бараат вакцини за упис во градинка зашто на власт се „соросоидни доктори и партии кои ја тераат агендата на болниот Шваб“. Се бара децата да бидат вакцинирани зашто некои вакцини се дел од задолжителниот календар за имунизација и вакцините спречуваат заразни болести.

Имунизацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања.

Со вакцинирање се спасуваат 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година, согласно податоците од Светската здравствена организација (СЗО).  Благодарејќи на имунизацијата, многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавноздрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи, без смртни исходи и трајни последици, пишува во Програмата за задолжителна имунизација на населението за 2019 година.

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, во услови на прогласена епидемија, инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаат право да забранат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца да одат во градинките.Тоа е заради заштита на сите деца.

Во земјава задолжителната имунопрофилакса и хемопрофилакса е законски регулирана со Законот за заштита на населението од заразни болести и Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација.

Имунизацијата против одредени заразни болести се спроведува како задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (HiB), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla) и инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV) за сите лица на одредена возраст, согласно Календарот за имунизација.

Програмата за задолжителна имунизација не е поврзана со Клаус Шваб, ниту пак, со Светскиот економски форум. Парите за вакцините за задолжителната имунизација се обезбедуваат од буџетот на државата (страница 6 од Програмата дел „финансирање на програмата).

Хелсиншкиот комитет за човекови права има издадено правно мислење дека задолжителната имунизација не е дискриминација зашто имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата. Со обврската за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија и тетануси пертузис, се спречуваат вистински и непотребни здравствени ризици.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со почитувањето на човековите слободи и права. Дотолку повеќе што придобивките од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминуваат последиците од вмешувањето, односно ограничувањето, на човековите права на поединците, пишуваат оттаму. 

Согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.

Задолжителната вакцинација не е агенда на „болниот Шваб“ и „соросоидните партии и доктори“, туку национална агенда на ниво на цела држава, поддржана од медицина базирана на докази. Вакцината против некои болести е задолжителна во 12 земји од ЕУ.

Секоја земја во ЕУ самата одлучува дали вакцинацијата на нивната територија ќе биде задолжителна или доброволна. Националните влади во носењето на таа одлука земаат предвид повеќе фактори, како нивните здравствени системи, правни системи и културни норми.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека „се бараат вакцини за упис во градинка зашто на власт се соросоидни доктори и партии кои ја тераат агендата на болниот Шваб“.

Вакцинацијата е задолжителна поради тоа што спречува ширење на епидемии ако вакциналниот опфат е над 95 проценти, станува збор за одлука на национално ниво, која што е донесена со анализа на здравствениот систем кој е кревок и со персонал и со финансии и не може да поднесе финансиски товар предизвикан од епидемии. Исто така, медицината базирана на докази потврдува дека вакцините спречуваат болести и спасуваат животи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...