Тендерот за оградување на депонијата со арсен во Лојане ќе се објави најдоцна нареден месец

„Согласно законските одредби за јавни набавки, до крајот на септември треба да биде избрана компанија за изведување на активностите, а кои треба да се реализираат до средина на месец декември 2023 година“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање

Арсенот и другите отпадни минерални суровини во рудникот „Лојане“; Фото: Бојан Блажевски

Министерството за животна средина и просторно планирање до крајот на август или почетокот на септември треба да го објави тендерот за оградување на депонијата со арсен и други отпадни минерали лоцирана во некогашниот рудник во Лојане. Од ова министерство додаваат дека до крајот на септември ќе биде познато името на компанијата што ќе го огради опасното јаловиште, кое се наоѓа на 100-тина метри од основното училиште „Рилиндја“.

„Согласно законските одредби за јавни набавки, до крајот на септември треба да биде избрана компанија за изведување на активностите, а кои треба да се реализираат до средина на месец декември 2023 година“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од ова министерство најпрво пролетва најавија дека тендерот за зафатот за оградување и покривање на депонијата со арсен ќе се објави најдоцна за два месеца, односно до крајот на јуни годинава. Ова ветување се одолговлечи, иако уште на крајот на минатата година беа најавени средства од 14 милиони денари од буџетот на Министерството за оваа намена.

И Државниот инспекторат за животна средина минатата година побара оградување на опасната депонија, како и поставување на предупредувачки табли дека е забранет влез и движење на лица и стока на локацијата. Инаку, Мета.мк и Порталб.мк веќе подолг период пишуваат за оваа жешка еколошка точка, поради која илјадници жители од селата Лојане, Ваксинце и Табановце со децении наназад се трујат со арсен и други отпадни минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“.

Мета.мк и Порталб.мк пишуваа дека на двете локации каде е расфрлан арсенот во Лојане (некогашниот рудник за арсен) и Табановце (железничката станица) има огромна опасност, како за луѓето и добитокот кои непречено се движат на локациите, така и за производството на храна, бидејќи на околните ниви се одгледуваат разни земјоделски култури.

Трајче Стафилов, долгогодишен професор и истражувач од Институтот по хемија, на почетокот од годинава во интервју за Мета.мк објасни дека час поскоро мора да се најде решение за арсенот лоциран во Лојане и Табановце. Штом престанал со работа некогашниот рудник „Лојане“ во 1979 година, неизвезени во Лојане останале 15.000 тони чист арсенов концентрат, кој во себе има присуство на дури 40 отсто арсен.

Стафилов додаде дека овој арсенов концентрат мора безбедно да се извезе од земјава, пред да почне било какво покривање на јаловиштето. Преостанатите половина милион тони на депонирана јаловина во јаловиштето во „Лојане“ би можеле да се покријат со соодветни методи, кои ќе оневозможат натамошно загадување на животната средина.

Арсеновиот концентрат од Лојане и Табановце треба час поскоро да се извезе, предупредува професорот Стафилов

Во меѓувреме, постапката за извезување на арсенот и другите отпадни минерални суровини од Лојане и Табановце е заглавена во обемните административни процедури. Министерството за економија треба допрва да ја изработи физибилити студијата за оправданоста на доделување на нова концесија, а дури потоа би се распишал новиот оглас за пронаоѓање на концесионер што ќе се нафати да го извезе арсеновиот концентрат надвор од земјава.

Инаку, на локацијата до јаловиштето со арсен во рудникот „Лојане“, настава посетуваат деца од основното училиште „Рилиндја“, кои се во голема опасност од неоградената локација. Исто така, фреквенција на луѓе има и кај железничката станица во Табановце, која во иднина треба да прерасне во заеднички железнички граничен премин на Македонија и Србија, каде што на едно место ќе се врши полициска, царинска и фитосанитарна контрола на патниците и товарот.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]