Министерството за животна средина и просторно планирање најдоцна за два месеца ќе го распише тендерот за избор на компанија што ќе ја огради и покрие депонијата со арсен и други отпадни минерални суровини во кругот на некогашниот рудник „Лојане“. Најавените средства од 14 милиони денари за оваа намена се обезбедени од буџетот на Министерството.
„Моментално се работи на тендерската спецификација. Тендерот ќе биде распишан веднаш по изготвувањето на спецификацијата, за што ќе треба време од еден до два месеца, бидејќи треба претходно да се соберат податоци од катастар за просторот, како и Министерството за економија, која ја спроведуваше постапката за концесија“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Оградувањето и покривањето на депонијата со арсен и антимон во некогашниот рудник „Лојане“ ја најави претходниот министер за животна средина Насер Нуредини уште кон крајот на 2022 година. Обврската треба да се спроведе во текот на годинава.
Државата обезбеди 14 милиони денари за оградување и покривање на арсенот во Лојане
Мета.мк за оваа жешка еколошка точка пишува во континуитет уште од крајот на 2021 година. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во два наврата во 2021 и 2022 година апелираше до Министерството за животна средина да обезбеди средства за прописно оградување и означување на арсенот, како и за ремедијација на теренот во Лојане и Табановце.
На само 100-тина метри од депонијата со арсен во рудникот „Лојане“, лоцирано е основното училиште „Рилиндја“. Голем проблем е и втората, помала депонија во Табановце, која се наоѓа веднаш до железничката станица. Како и во Лојане, и оваа локација во Табановце е неоградена и без поставени табли за предупредување за опасниот арсен.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека се во редовна комуникација со Министерството за економија, бидејќи жешката еко-точка во Лојане и Табановце е од заеднички интерес и под надлежност на двете министерства, и тоа нивното министерство во делот за заштита на животната средина, додека Министерството за економија во делот за спроведување на законот.
Во тек е постапката за пронаоѓање концесионер за арсенот
Од Министерството за економија информираат дека постапката за повторно доделување на концесијата за експлоатација на техногената минерална суровина од Лојане е во тек.
„Се собираат мислења од сите надлежни институции, согласно Законот за минерални суровини. По добивањето на мислењата и условите содржани во истите, ќе се создадат услови за изработка на физибилити студија“, велат за Мета.мк од Министерството за економија.
Изработката на физибилити студија за оправданоста на доделувањето на нова концесија од Министерството за економија е задолжителен чекор наведен во Законот за концесии и јавно-приватно партнерство. По изготвувањето на овој документ, треба да следи нов јавен повик за пронаоѓање концесионер што ќе треба да го отстрани арсенот и другите отпадни минерални суровини од јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“.
Догодина физибилити студија и тендер за нова фирма за чистење на арсенот во Лојане
Инаку, чистењето на арсенот и другите отпадни минерални суровини од некогашниот рудник „Лојане“ е постапка заглавена веќе неколку години, поради фактот што претходниот концесионер – „Калтун Мадденџилик“ успеал да исчисти и продаде само 60 тони од вкупно 15.000 тони арсен сулфид, колку што е проценето дека се складирани во јаловиштето на овој рудник. Поради ова, македонската влада минатата пролет ја донесе одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата доделена во 2014 година.
Дополнително, во претходната постапка воопшто не бил избран концесионер за расчистување и извоз на преостанатите 1.000 тони арсен и други отпадни материи, коишто се расфрлани на депонијата лоцирана во близина на железничката станица кај Табановце.
Илјадници жители од селата Лојане, Ваксинце и Табановце со децении наназад се трујат со арсен и други отпадни минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Мета.мк и Порталб.мк пишуваа дека на двете локации во Лојане и Табановце има огромна опасност, како за луѓето и добитокот кои непречено се движат на локациите, така и за производството на храна, бидејќи на околните ниви се одгледуваат разни земјоделски култури.
Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]
Трајче Стафилов, долгогодишен професор и истражувач од Институтот по хемија, во неодамнешното интервју за Мета.мк рече дека час поскоро мора да се најде решение за арсенот лоциран во Лојане и Табановце. Тој нагласува дека арсенот и другите отпадни суровини ќе мора да се отстранат и безбедно да се извезат од земјава, пред да започне било какво покривање на јаловиштето.
Стафилов тврди дека покрај арсеновиот концентрат, во јаловиштето во „Лојане“ има и околу половина милион тони на депонирана јаловина, која настанала за време на работењето на рудникот и која во себе содржи 1-2 проценти на арсен и уште толкав процент на антимон. Овој дел од јаловината со пониска концентрација на арсен и антимон би можело да се покрие како едно од можните решенија на проблемот.