Додека се чека да се изгласа Законот за прогласување на Матка за споменик на природата, дојдоа изборите

И по една година од усвојувањето во Влада, законот остана недопрен. Разгледувањето на законот на само два месеци пред избори е задоцнето и тешко дека ќе се усвои. Особено ако се има предвид фактот што толку долго никој не презел иницијатива да го третира како приоритет.

Фото: Мета.мк

Законот за прогласување на Кањонот Матка за заштитена зона од III категорија– споменик на природата една година стоел во фиоките во Собранието без истиот да се разгледа, а на само два месеци пред изборите пратениците најавуваат дека ќе го стават на разгледување во Собраниската матична комисија за екологија. Со оглед на краткото време до изборите, законот тешко дека ќе биде усвоен, пишува Порталб.мк.

Матка е уникатен природен резерват, кој речиси две децении не е заштитен. Кањонот Матка е дел од Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската унија и бројни видови од кањонот Матка се опфатени во анексите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна.

Претседателот на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, кој e од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, за Порталб.мк најави дека оваа недела законот треба да се разгледа во комисијата. Според него, причината зошто истиот досега не е разгледан е тоа што Министерството за животна средина и просторно планирање не побарало такво нешто од нив.

„Министерството за екологија не го побарало тоа. По менувањето на министерот за животна средина рекоа дека тоа не е итно и дека не треба да се разгледа. Потоа дојде новиот министер и не го побара тоа, но ние сепак ќе го ставиме на разгледување. Мислам дека треба да има јавна дебата за да се разгледа внимателно. Имаше и некои забелешки од граѓански организации“, рече Мисајловски, најавувајќи дека се очекува оваа недела да се стави на разгледување.

Од Министерството за животна средина кусо ни одговорија дека „со усвојувањето на законот во Владата нивната работа завршила и сега Собранието истиот ќе треба да го разгледа  и конечно да го усвои“.

Но, и по една година од усвојувањето во Влада, законот остана недопрен. Разгледувањето на законот на само два месеци пред избори е задоцнето и тешко дека ќе се усвои. Особено ако се има предвид фактот што толку долго никој не презел иницијатива да го третира како приоритет.

„По усвојувањето во Владата, по еден долг период на усогласување, се постигна консензус во интерес на заштитата на оваа единствено природно богатство. Со усвојувањето на законот ќе се овозможи не само заштита на природните вредности, биолошкиот диверзитет, туку и дека ќе се создадат нови можности за управување и одржлив развој на овој екосистем, се вели во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање пред една година.

Според предлог-законот, Матка е поделена на неколку зони – зона на строга заштита, зона на активно управување, зона на одржливо користење и заштитен појас. Зоната на строга заштита зафаќа речиси 39 отсто од површината, што опфаќа четири поголеми реони – Козјак, Добрашија, Матка – Врело и Плоча.

Согласно правилникот на Собранието, седницата на Собранието за прво читање на предложениот закон се одржува во рок од десет работни дена од денот на усвојувањето на одлуката за свикување на седницата, но може да трае и до 20 работни дена од денот на доставувањето на предлог-законот до пратениците. Датумот на одржување на редовните парламентарни избори е одреден за 8 мај.

Недостатокот на заштита на Матка е нотирано  и во последниот Извештај на Европската Комисија за 2023 година за напредокот на Република Северна Македонија, во делот за заштитата на природата, каде што се нагласува дека процесот за прогласување на Студенчишкото блато, Кањонот Матка, Охридското Езеро и Белчиското Блато како заштитени подрачја сè уште не е завршен.

Матка беше прогласена за споменик на природата во 1973 година, но Законот за заштита на природата од 2004 година предвидуваше одново прогласување на сите заштитени подрачја прогласени според старите закони. Постапката за оваа област започна во 2010 година и во 2014 година беше изготвен Предлог-законот, но процесот веќе долги години наидува на препреки.