Државата обезбеди 14 милиони денари за оградување и покривање на арсенот во Лојане

Основното училиште во Лојане се наоѓа на 100-тина метри од јаловиштето со арсен; Фото: Бојан Блажевски

Министерството за животна средина и просторно планирање во буџетот за наредната 2023 година ќе одвои 14 милиони денари за оградување и покривање на депонијата со арсен и антимон во селото Лојане. Станува збор за опасната локација што се наоѓа во кругот на поранешниот рудник „Лојане“ и е на само 100-тина метри од основното училиште „Рилиндја“. Мета.мк и Порталб.мк повеќе од една година наназад пишуваа за оваа локација, која заедно со депонијата во Табановце, предизвикуваат загадување на почвата, водите и воздухот во овој регион.

Веста дека државата обезбедила средства за оградување и покривање на арсенот во Лојане денеска ја соопшти министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој за медиумите го претстави буџетот на неговото министерство за 2023 година.

„Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2023 година, иако навидум е мал, сепак за разлика од 2019 година кога изнесуваше некаде околу 556 милиони денари, видно е зголемен и основниот буџет за 2023 година изнесува 977 милиони и 540 илјади денари“, изјави министерот Нуредини.

Јаловиштето со расфрлан арсен и други отпадни минерали во Лојане е една од жешките еколошки точки во земјава. Нуредини денеска појасни дека и во 2023 година ќе продолжат со инвестициите за справување со проблемите на контаминираните подрачја во земјава. Па така, од буџетот на ова министерство покрај донаторските средства обезбедиле и 32 милиони денари од буџетот за реализација на проектот за Ремедијација на почвата контаминирана со линдан во кругот на ОХИС.

Како мерка за справување со загадувањето од шестовалентниот хром во селото Јегуновце, државата догодина ќе обезбеди 9,15 милиони денари за функционирање на пречистителната станица што се наоѓа во кругот на фабриката „Југохром“. На овој начин би се делувало превентивно и да се спречи можно загадување на површински и подземни води од депонијата близина на „Југохром“.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

По пишувањето на Мета.мк и Порталб.мк за загадувањето со арсен во декември минатата година, владата најпрво ја одзеде концесијата за експлоатација на арсенот во Лојане од дотогашниот турски концесионер, додека Министерството за економија е во постапка на изработка на физибилити студија за доделување на нова концесија за експлоатација на арсенот од поранешниот рудник „Лојане“.

Догодина физибилити студија и тендер за нова фирма за чистење на арсенот во Лојане

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во два наврата лани и годинава апелираше до Министерството за животна средина да обезбедат средства за прописно оградување и означување на арсенот, како и за ремедијација на теренот во Лојане и Табановце.

ДИЖС: Државата треба да обезбеди средства за решавање на арсенот во Лојане и отпадниот гипс во Згрополци