fbpx

Државниот инспекторат за транспорт со години се жали дека има недостиг на инспектори

-

Постојат недоволен број на инспектори за контрола за нормално функционирање на Државниот инспекторат за транспорт. Ова денеска за Слободна ТВ кај новинарката Елизабета Дамјаноска-Спасеновска го изјави директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини, кој дополни дека во моментов имаат само 12 инспектори, што е недоволен број за да се направи надзор на сите компании кои вршат превоз на патници и стоки во земјава.

Ваквата изјава што доаѓа од Државниот инспекторат за транспорт не е прва во изминативе години, туку негативната состојба се повторува. Мета.мк пред повеќе од една година, во септември 2020 година пишуваше дека во Регистарот на инспектори се впишани само 16 државни инспектори во патниот сообраќај и двајца инспектори за безбедност во внатрешниот сообраќај.

Притоа, овие инспектори што треба да вршат контрола над превозот на патници во меѓуградскиот и меѓународниот превоз се надлежни за цели региони во земјава, а не само за еден град. Па така, лани пишувавме дека единствениот инспектор од Гевгелија, под своја надлежност има да врши инспекциски надзор и контрола и на Струмица, Валандово и Демир Капија, а слична е и состојбата во останатите делови од земјава.

И во 2019 година, Мета.мк и Порталб.мк пишуваа дека во јули 2019 година Државниот инспекторат за транспорт имал само 15 инспектори за транспорт, надлежни за контрола на 996 автобуси за меѓуградски и меѓународен превоз на патници. И тогаш, по несреќата со автобусот на „Дурмо турс“ што се случи кај селото Ласкарци, се постави прашањето за недоволната екипираност на овој инспекторат.

Инаку, на вчерашната прес-конференција во Владата на РСМ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски даваа објаснувања за кобниот автобус-учесник во автобуската несреќа во Бугарија. Спасовски информираше дека автобусот за последен пат бил на проверка на техничката исправност на 5 октомври 2021 година.

Истовремено, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера рече дека кобниот автобус со кој се случила несреќата не се наоѓа во електронската база на Министерството за транспорт и врски, иако скопската компанија „Беса транс БТБ“ во 2018 година добила лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Тогаш таа доставила целокупна документација и ја добила лиценцата, но конкретниот превозник е заведен со четири возила кои поседуваат лиценци за превоз, меѓу кои не е и кобниот автобус.

Поради ова, Министерството за транспорт и врски веќе ја отпочнало постапката за одземање на лиценцата за работа на превозникот, додека Владата го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор над таа компанија. Бочварски додаде дека контролата и надзорот над превозот на патници и стоки е во надлежност на Државниот инспекторат за транспорт. При констатиран недостаток од нивна страна, Министерството за транспорт и врски може да ја одземе лиценцата, но засега никој не кажува на кој начин ќе се реши проблемот со недостигот на инспектори во Државниот инспекторат за транспорт.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година во Македонија биле регистрирани вкупно 2.612 автобуси кои вршеле превоз на патници во градскиот, приградскиот, меѓуградскиот и меѓународниот транспорт. Просечната старост на автобусите во земјава лани изнесувала 18,2 години, при што дури 81,2 отсто од возилата со кои се врши превоз на патници се постари од 10 години.

За техничката исправност на возилата, ингеренции за да ги отстрани од сообраќај неисправните автобуси има Министерството за внатрешни работи, додека има и општински инспектори за патен сообраќај што се надлежни за општинскиот и авто-такси превозот. Сепак, според членот 88 од Законот за превоз во патниот сообраќај, државните инспектори за патен сообраќај се должни да вршат надзор на исполнување на условите за добивање на лиценца за меѓуопштински и меѓународен превоз на патници и стоки, како и воопшто, да вршат надзор врз превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...