Извор: Министерство за транспорт и врски

По подолготрајниот застој и проблеми, продолжува изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп на патниот Коридор 10д. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска извршија увид во градежните работи.

Првата фаза од Градско до Дреново е со должина од 15,5 километри и вредност од 24,7 милиони евра. До сега се изградени 35 отсто и градежните работи ги презема австриската компанија „Штрабаг“.

Во однос на втората фаза, од Дреново до Фаришка клисура, градежните работи ги презема кинеската компанија „Синохидро“. Прогресот на градежните работи до сега е 35 отсто, а инвестицијата е вредна 32 милиони евра.

„Од денеска засилуваат градежните активности за изградба на овој експресен пат, проблемите со старите изведувачи за првата и втората фаза се надминати, избрани се нови изведувачи и ги уверуваме граѓаните на Прилеп и Пелагонија дека за две години од денеска ќе возат по модерен и безбеден експресен пат. Вкупната инвестиција е 64,5 милиони евра“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој додаде дека активно се работи на подготовка на документацијата и за проширување со по уште една лента во двата правци на потегот од мостот на Ленишка река до влезот на Прилеп. Тендерот за оваа фаза треба да се распише до крајот на 2021 година.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека на делницата Градско – Дреново предвидени се 5 вијадукти/мостови, 4 надпатници, 4 подпатници и две клучки кај Градско и Росоман. Експресниот пат ќе се состои од две возни ленти со ширина од по 3,5 метри, две ленти за застанување од по 2,5 метри и по две рабни ленти, со вкупен патен профил од 12,4 метри.

Директорот на ЈП за државни патишта нагласи дека за многу краток време ќе започне и рехабилитацијата на третата лента на превојот Плетвар.