Ковачевски: Анексот за изградба на Кичево-Охрид мора помине низ Собрание

Ковачевски појасни дека овој автопат се прави со договор кој претставува закон и секој досегашен анекс со „Синохидро“ бил одобрен во Собранието и само на тој начин може да се смени договор којшто претставува закон

-

Премиерот Димитар Ковачевски денеска информираше дека за било каков анекс за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид од кинеската компанија „Синихидро“ ќе мора да се изјасни Собранието. Тој додаде дека било каков договорен анекс со „Синохидро“ мора да биде одобрен во Собранието на РСМ, бидејќи овој автопат се прави со договор кој претставува закон и секој досегашен анекс со „Синохидро“ бил одобрен во Собранието и само на тој начин може да се смени договор којшто претставува закон.

Во однос на евентуалното поскапување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, премиерот Ковачевски изјави дека тоа ќе зависи од анализите коишто треба да ги дадат експертите во државните институции, ФИДИК експертите кои се ангажирани и пратениците во Собранието на РСМ.

„Јас очекувам сите договори да се почитуваат така како што се потпишани. Тој автопат според договорот одобрен во Собрание требаше да биде готов три пати досега. Затоа треба убаво да се анализира зошто има толку голем број на пропусти и во проектирањето и во други делови на активности“, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека трасата на автопатот е направена, така што на готови делови од автопатот пред Нова година имало 11 нови свлечишта, а цели ридови биле паднати врз новиот автопат. Ковачевски рече дека треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат свлечиште коешто паѓа врз автопатот.

„Од она што го гледав во проектот, јас не сум архитект, но она што ми покажуваа стручни лица, проектот кога е направен, една од косините е така направена да почнува на автопатот кај Кичево а завршува во Албанија колку високо е направена. Имате и такви парадокси на тој автопат“, изјави Ковачевски, оквалификувајќи дека тој проект е направен на Гугл Мапс.

Ковачевски додаде дека автопатот Кичево-Охрид е готов 80 проценти, но ќе мора новите 11 свлечишта да се регулираат соодветно со новиот анекс на договорот со „Синохидро“.

Владата на седница пред новогодишните празници одлучи да потпише анекс на договорот со изведувачот „Синохидро“ за да се продолжи рокот за изведба на градежните работи, но тогаш од владата најавија дека нема да има ново финансиско задолжување за доградбата, а истовремено изведбата на автопатот ќе продолжи да се реализира.

Кинески „Синохидро“ ќе продолжи да го гради автопатот Кичево-Охрид

Новиот анекс на договорот со „Синохидро“ ќе треба да го договори вицепремиерот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, кои треба да отпочнат преговори со изведувачот за склучување анекс на договор, за продолжување на рокот за изведба со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доградба на автопатот Кичево-Охрид.

Инаку, досегашниот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид истече на 31 декември годинава. Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради на почетокот од 2014 година, со проектна документација која дури во текот на изведба се утврди дека е со бројни пропусти во проектирањето. Првичниот рок за завршување на оваа автопатска делница беше 2018 година.

Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел за употреба во Газа, што предизвика критики од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Би-Би-Си. Макрон за...