Кинески „Синохидро“ ќе продолжи да го гради автопатот Кичево-Охрид

Владата на денешната седница сепак одлучи да потпише анекс на договорот со изведувачот за да се продолжи рокот за изведба на градежните работи, но притоа нема да има ново финансиско задолжување за доградбата и истовремено изведбата на автопатот ќе продолжи да се реализира

-

Ноемвриските најави на премиерот Димитар Ковачевски оти е можно да се раскине договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградбата на автопатот Кичево-Охрид не се реализираа. Владата на денешната седница сепак одлучи да потпише анекс на договорот со изведувачот за да се продолжи рокот за изведба на градежните работи, но притоа нема да има ново финансиско задолжување за доградбата и истовремено изведбата на автопатот ќе продолжи да се реализира.

„Владата ги овласти Кабинетот на заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот, за склучување анекс на договор, за продолжување рок за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот Кичево – Охрид. Истовремено, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира“, стои во владиното соопштение по денешната седница.

Крајниот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид истекува на 31 декември годинава. Во ноември, премиерот Ковачевски изјави дека е недозволиво пратениците во Собранието уште еднаш да разгледуваат продолжување на рокот за изведба и дека треба да се размислува во насока на раскинување на договорот со кинески „Синохидро“. Тој тогаш најави ревизија на целокупниот проект врз основа на која ќе биде донесена одлуката.

Ковачевски: Можно е раскинување на договорот со „Синохидро“ за автопатот Кичево-Охрид

На денешната седница Владата ја разгледала и усвоила Информацијата за Договорот за изградба на автопат А2, делница Кичево – Охрид, а потврдила дека изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид е приоритет.

„И Владата, преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта е определена да се продолжи со нејзината доизградба, како дел од европскиот Коридор 8“, се вели во владиното соопштение.

Владината одлука била донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од главниот надзор и надзорот на тунел, дека поради реални причини има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат, а при тоа земајќи го предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања.

Она што ќе треба да следи е изработката на идниот анекс на договорот, како и определување на новиот краен рок за изградба на автопатот. Анексот на договорот ќе треба да го усвои Собранието на РСМ за да може да стапи на сила. Исто така, надвор од целокупната процедура, ќе треба да следи во наредниот период и ново препроектирање на 11 свлечишта кои се наоѓаат долж трасата. Ова значи дека на овие делови од трасата најпрво ќе треба да работат проектантите, а потоа да се вклучи во работа изведувачот.

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради на почетокот од 2014 година, со проектна документација која дури во текот на изведба се утврди дека е со бројни пропусти во проектирањето. Првичниот рок за завршување на оваа автопатска делница беше 2018 година.

Цените на автобуските билети за меѓуградските линии и натаму „солени“, компаниите нема да ги намалат

Цените на автобуските билети за меѓуградските линии во Северна Македонија остануваат високи и недостижни за многу граѓани. Најпогодени се студентите, кои велат дека цените се „солени“ и бараат намалување...