Ковачевски: Можно е раскинување на договорот со „Синохидро“ за автопатот Кичево-Охрид

И на Првата конференција за патна инфраструктура што се одржува денеска во Охрид, вицепремиерот Артан Груби излезе со идентичен став како и премиерот Ковачевски

Автопатот Кичево-Охрид во изградба; Фото: Архива на „Мета“

Недозволиво е пратениците во Собранието уште еднаш да разгледуваат продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, кој се гради веќе десетта година и треба да се размислува во насока на раскинување на договорот со кинескиот изведувач, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на пуштањето во употреба на обновениот пат Подмоље – Струга – Ќафасан.

„Недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради веќе над 10 години, сè уште не е направен. Притоа пак да се бара одложување. Јас веќе ги информирав некои од колегите од Владата дека ќе барам ревизија од страна на државната ревизија на овој проект врз основа на која ќе биде носена одлуката. Со оглед на тоа што овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект. Сметам дека би требало да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање изведувач што ќе го направи на квалитетен начин“, изјави Ковачевски.

И на Првата конференција за патна инфраструктура што се одржува денеска во Охрид, вицепремиерот Артан Груби излезе со идентичен став како и премиерот Ковачевски. Груби вели дека џабе се сите инфраструктурни проекти во државата доколку не се заврши автопатот Кичево-Охрид.

„Повикувам на одговорност, пред сите вас тука, сметам дека крајно време е Владата и Собранието да го разгледаат тој договор и да видиме што ќе правиме понатаму“, изјави првиот вицепремиер Груби.

Инаку, кинеската компанија „Синохидро“ има рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид до 31 декември годинава. Последниот анекс за продолжување на рокот на изградбата на овој автопат беше усвоен во август 2021 година, кога владата и Собранието на оваа компанија им дадоа дополнителни месеци за неговото завршување.