Пратеник за пратеник, медиуми за пари – државните кампањи ќе се гласаат по скратена постапка

Со гласови на пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Собранието денеска ја усвои потребата од носење на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, со европско знаменце

Фото: Мета.мк

Со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои се наоѓаат на разгледување пред пратениците, повторно ќе се овозможи одлив на милиони евра од државниот буџет за организирање на владини и општински кампањи во телевизиите и радио-станиците. Денеска пратениците од сите политички партии, со исклучок на Левица, ја поддржаа потребата од донесување на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка. За потребата за носење на овие законски измени гласаа гласаа 78 пратеници „за“, а само двајца беа „против“.

„Финансирањето на државни кампањи на државно ниво се обезбедува од Буџетот во висина од 0,1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот“, се наведува во предложениот закон, кој ако се земе во предвид висината на актуелниот буџет ќе значат одлевање на неколку милиони евра годишно за државни кампањи.

Притоа, распределбата на средства за државни кампањи во медиумите ќе се врши исклучиво на телевизиите, радио станиците и на продукциските куќи за изработка и продукција на идејни решенија и финални презентации на државни кампањи.

Средствата за емитување на државните кампањи на државно ниво ќе се распределуваат на начин што 65 отсто од средствата на годишно ниво ќе се насочат петте приватни национални телевизии „Телма“, „Канал 5“, „Сител“, „Алфа“ и „Алсат- М“. Потоа, 25 отсто од средствата ќе се распределуваат на телевизии кои емитуваат преку сателит и радија на државно ниво.

Преостанатите 10 отсто од средствата на годишно ниво за државни кампањи ќе се насочат кон покривање на нивното емитување на телевизиите на регионално и локално ниво.

Според предложените законски измени, владата во текот на една година ќе може да организира најмалку една државна кампања на државно ниво. За доделувањето на средствата за државни кампањи ќе одлучува Комисија за одлучување по државни кампањи, која ќе се состои од тројца претставници од политичките партии на владејачкото мнозинство и тројца претставници на политичките партии од парламентарната опозиција.

Министерството за информатичко општество и администрација доставува барање до партиите да поднесат свои претставници во оваа Комисија, која пак ќе биде формирана со решение на ова министерство. За доделувањето на средства за државни кампањи во медиумите ќе се одлучува во периодот од 20 јануари до 5 февруари, а мандатот на Комисијата трае до формирањето на новиот парламентарен состав.

Но, не е само владата која ќе дава пари од државниот буџет на медиумите за реклами. Во законските измени се предлага и општините да можат во текот на една година да спроведат најмногу најмногу четири државни кампањи на локално ниво.

„Одлука за спроведување на државни кампањи на локално ниво донесува Советот на општината, Советот на општината во Градот Скопје и Советот на Град Скопје (во натамошниот текст:Советот), најдоцна до 15 ноември во тековната година за следната година, а средствата за спроведување на државните кампањи на локално ниво се составен дел од буџетот на единицата на локалната самоуправа“, се наведува во предложените законски измени.

Општинските совети ќе може да формираат Комисија за одлучување по државни кампањи на локално ниво, која ќе биде составена од членови на советите, а составот ќе соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во локалните совети.

Комисијата на локално ниво заседава од 20 јануари до 5 февруари во календарската година, додека мандатот на локално ниво трае до конституирање на новите општински совети.

„Членовите на Советот можат да достават предлози за теми за државни кампањи на локално ниво до Комисијата на локално ниво во периодот од 1 до 20 јануари“, стои во законските измени.

На општинско ниво, финансирањето на кампањите ќе може да се врши со средства во висина до 0,5 отсто од сопствените реализирани даночни приходи утврдени со последната донесена завршна сметка. Притоа, распределбата на пари за општински реклами ќе се врши најмногу до 10 отсто за избор на продукциски куќи за изработка и продукција на идејни решенија и финални реализации на државни кампањи на локално ниво, додека најмалку 90 отсто се за реализацијата на овие кампањи.

Средствата на годишно ниво за општинските кампањи ќе се наменети за емитување на националните, регионалните и локалните телевизии, како и на радијата на државно, регионално и локално ниво.

Кампањите финансирани со јавни пари на национално и на локално ниво имале за цел да имаат поголема транспарентност при изборот, како и почесто спроведување и емитување на истите со цел на поголемо подигнување на јавната свест, се наведува во предложените законски измени од страна на Владата на РСМ.