fbpx

Предизборно расфрлање со незаработени пари

Од презентациите што досега ги направија по различни собири може да се издвои една карактеристика – двете партии како да се натпреваруваат кој колку повеќе ќе вети јавни пари за граѓаните и за вработените во различни сектори

-

Постојат повеќе аспекти преку кои може да се анализира понудата на двете најголеми политички партии во македонскиот блок СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори. За тоа, секако, треба да бидат и достапни програмите за пошироката јавност, а засега не се ставени на нивните веб сајтови. Но, од презентациите што досега ги направија по различни собири може да се издвои една карактеристика – двете партии како да се натпреваруваат кој колку повеќе ќе вети јавни пари за граѓаните и за вработените во различни сектори. СДСМ за нијанса генерално подарежлив, ама ВМРО-ДПМНЕ води во инвестиции во образование и наука, локална самоуправа, како и директни 50 милиони во спорт. И двете партии ветуваат фантастични 5 и 5,1 отсто економски раст…, пишува Вистиномер. 

 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Двете најголеми партии во македонскиот блок – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе ги претставија своите програми на два одвоени настани во рок од седум дена, при што се стекнува впечаток од тоа што е изговорено и претставено, дека и двете партии во фокусот ја имаат и економијата и социјалата, при што, така да се каже, се расфрлаат со се уште не заработени пари.

Предизборните ветувањата се нормална работа во секоја политика, особено тука на Балканот, па и во македонската за што сведочат сите досегашни предизборни кампањи. Но, впечатокот од оваа е дека се оди со парични ветувања за четири години и економски развој каков што досега земјава нема видено.

 

Едните до 5 отсто, другите 5,1 отсто раст на БДП

Па, така, кога станува збор за ветениот раст, ВМРО-ДПМНЕ во нивната програма „Платформа 1198“ се обврза на економски „раст на БДП до 5 отсто годишно“. Ова го изјави и претседателот на партијата Христијан Мицкоски на 24.03.2024, а утредента и Гордана Димитриеска Кочоска, со тоа што таа изјави „раст на БДП од 5 проценти“.

СДСМ, претставувајќи ја својата изборна програма, за која што лидерот Димитар Ковачевски рече дека е „обемна и детална“, а кога зборува за економската програма, вели дека има предвидено „повеќе за сите“ преку „издржани и конкретни мерки“ и ветува за нијанса повеќе. И кај растот, Ковачевски вели: Проектираме просечна стапка на раст од 5,1 процент во наредните 4 години“(на 5.30 мин од видеото).

Јасно е дека партиите ова не го ветуваат за оваа или веќе за наредната година, па затоа може да се разбере дека крајот на мандатот 2028 г. ќе го дочекаме со ветениот раст. Но, имајќи ги предвид децениските бројки на раст, колкав раст имаат актуелните економски џинови, на пример, Германија, САД или Кина, која имаше раст и од 10-тина отсто, а сега е помеѓу 5 и 6 отсто, сосема е јасно дека ова ветување е нескромно и може да остане само уште едно неисполнето во низата.

 

Привлечноста на пензионерите: од 80 евра зголемување, до 100 евра новогодишен пакет

Пензионерите очигледно се во фокусот на двете партии и тоа не само од сега. Ветувањата почнаа од минатата година кога беа протестите на пензионерите, па така, ВМРО-ДПМНЕ имаше неколку дарежливи ветувања, за пред крај на годината да се стабилизираат на почетни 5 илјади денари линеарно за секој пензионер за една година откако ќе ја преземат власта. Сега и го потврдија ветувањето кое гласи:

5.000 денари поголема пензија за сите пензионери во рок од една година од формирањето на новата влада.

Фото: скриншот

На ова ветување реагираше СДСМ, велејќи дека нема да биде исполнето, за потоа да реагираат дека пензискиот буџетот не може да го издржи тоа ниту со намалување на сивата економија. Но, и СДСМ предвидува пакет за пензионерите. Го потврдија во неделата на 31.01. и тој гласи:

Се обврзуваме за минимална пензија од 20.000 денари, просечната пензија од 30.000 денари, усогласување на пензиите секој јануари и јуни… воведување новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6.000 денари, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи.

Се поставува прашањето, ако буџетот не може да издржи 5000 денари линеарно за секој пензионер, како може да издржи новогодишен пакет од 6000 денари, плус потрошувачка картичка со 30 отсто попуст? „Вистиномер“ повеќе пати пишувал на оваа тема, а последниот осврт може да го прочитате тука.

 

Капитални инвестиции од 3 до 3,5 милијарди евра

ВМРО-ДПМНЕ најави капитални инвестиции од 3 милијарди евра за 4 година. Тоа го изговори и претседателот Мицкоски на 24.03.2024: „Се обврзуваме на капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра“рече Мицкоски , појаснувајќи ја Платформата 1198.

СДСМ, преку Ковачевски се обврза на 500 милиони евра повеќе. Зборувајќи за предизборната програма, и наведувајќи безмалку 200 милиони евра кои ќе издвојат како и идна влада за помош за домашните компании, екс-премиерот на 31.03. изјави: „Дополнително предвидуваме 3,5 милијарди евра, јавни капитални инвестиции“ (7.30 од видеото).

Фото: СДСМ/веб

Капиталните инвестиции подетално ги објаснуваат преку ресорите, како што е транспортот, вложување во железничката инфраструктура и купување нов комплет возови, доизградба на коридорите и нови патни правци, вложување во здравството, итн. На пример, ВМРО-ДПМНЕ вети завршување на делницата Кичево-Охрид заклучно со 2026 година, а пред некој ден во Собранието како една од последните точки беше продолжување на договорот со Синохидро до 2026 година, без дополнителни финансии од досега дадените. Во повеќе јавни настапи Мицкоски, пак, има навестено дека ќе проба да го видоизмени, ама дека сепак ќе остане договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на 110 км автопатски делници.

На последниот настап на Телма (04.02.) Фатмир Битиќи од СДСМ потврди дека договорот со „Бехтел и Енка“(1,3 млрд евра од кои над 200 се веќе исплатени), влегуваат во ветените, 3,5 млрд. евра јавни капитални инвестиции. Внимателност треба да се има кон овие ветувања и поради фактот што никогаш планираните јавни инвестиции на годишно ниво од страна на која било влада досега не биле потрошени повеќе од 80, максимум 90 отсто, а многу често за успех се сметало и потрошени 70 отсто.

Специфики

Двете партии имаат уникатни специфични понуди кои можат да влезат во капитални инвестиции од 3-3,5 млрд. евра.

Првата е во енергетиката. Додека и двете партии се занимаваат со зелена енергија и производство на енергија преку нови капацитети без употреба на фосилни горива, како и пари за енергетска ефикасност, СДСМ планира државните енергетски постројки, вклучувајќи го и преносот да ги извади на берза и „да им ги врати во рацете на граѓаните“. Според Ковачевски, ако имаат влада, секој полнолетен граѓанин ќе добие акции од ЕСМ и МЕПСО и ќе можеле граѓаните да управуваат со овие капацитети. (види 17,35 мин. од видеото).

Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

ВМРО-ДПМНЕ пак, ветува 250 милиони евра инвестиции од централниот буџет за инфраструктурни проекти во локалната самоуправа. Првичните ветувања и најави беа по 50 милиони евра годишно, но во последниот настап Гордана Димитриеска Кочоска зборуваше за 250 милиони евра годишно само за регионален развој.

И конечно, специфика на ВМРО-ДПМНЕ е зголемување на издвојувањата за образование и наука на годишно ниво. Како што беше кажано при претставување на овој дел од Платформата 1198, зголемувањето „за образование од 3,4 на 5 проценти од БДП, за наука од 0,34 на еден процент од БДП“.

 

Земјоделство и сточарство – 1,35 милијарди наспроти 800 милиони евра

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски од СДСМ вели: „Даваме збор за историски највисока поддршка во земјоделството. Во следните 4 години вложуваме 1,35 милијарди евра за субвенции и инвестиции во модернизација“ (4.30 мин. од видеото). Еве дел од неговиот говор:

…– Имаме конкретен план за да обезбедиме рекорно домашно производство на македонска храна, во вредност од 1.5 милијарди евра, со извоз на домашни земјоделски производи, кој ќе достигне 1,25 милијарди евра

– …нови 100 милиони евра во руралниот развој. Поддршка во веќе докажаните мерки на набавка на приплоден добиток, мерката бизнис план и поддршка во набавка на механизација.

– Во наредните 4 години вложуваме 200 милиони евра, за брани и системи за наводнување, со кој обезбедуваме наводнување, до нови над 21.000 хектари. Испишуваме и нова успешана ИПАРД 3 приказна, во која за следните четири години вложуваме 200 милиони евра во иновации, модернизација и развој, рече Николовски…

Фото: Bluberry Nights on Unsplash

ВМРО-ДПМНЕ вети 800 милиони евра во следните 4 години, јавија медиумите пренесувајќи партиско соопштение. Она на што ќе се трошат парите се:.„.доходовна поддршка на земјоделците, како субвенции, грантови и друг вид на поддршка, потоа инвестиции во диверзификација, инфраструктура и опрема. Предвидени се средства за стимулирање на осигурувањето на земјоделските поседи и посеви. Ќе се одвојат значајни средства за водоснабдување, реконструкција и изградба на системи за наводнување. Како круна на целиот систем во земјоделството ќе биде изградба на откупно дистрибутивни центри, со што ќе се реши еднаш засекогаш проблемот со откупот. Земјоделието ќе биде во врвот на приоритетите на идната влада. Тоа ќе генерира приходи за десетици илјади семејства, како и за државата, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Ако може да се направи првична споредба е дека во земјоделието добар дел од проектите, посебно оние за наводнување СДСМ веќе почнал да ги спроведува. Има и некои разлики, на пример, ВМРО-ДПМНЕ воведува гарантиран откуп во рок од 30 дена преку риволвинг кредитирање, а СДСМ пак, два откупни и еден централен дистрибутивен центар, нешто што го нуди и опозициската партија. ВМРО-ДПМНЕ пак, нуди Агенција за управување со земјоделско земјиште и искоренување на корупцијата во управувањето со шумскиот фонд (види тука).

 

Здравство – Од вложување во кадар до инвестиции во Клинички центар

СДСМ ветува вложување во кадар, во плати, во образование и инвестиции во секундарното здравство.

Посветени сме на значително подобрување на финансиската состојба на нашите здравствени работници. Откако вкупните примања на лекарите специјалисти се повеќе од двојно зголемени, во следниот мандат се обрзуваме дека платите за специјалистите ќе се зголемат во терциерното здравство до 180.000 денари, во секундарното здравство до 140.000 денари, за општите лекари до 120.000, за медицинските сестри со висока школа до 90.000 денари, а на оние со средна 60.000 денари – посочи Филипче.

СДСМ ветува и укинување на партиципација за студентите на медицинските, стоматолошките и фармцевстките факултети и удвојување на квотата. Целосна реконструкција на секундарните јавно здравствени установи (Целото видео – тука).

Фото: Порталб

ВМРО -ДПМНЕ нуди поголема реконструкција и конечно завршување на Клиничкиот центар во Скопје, како и оној во Штип:

Изградба на Клинички центар Штип, 6 бесплатни ИН ВИТРО постапки, вработување на дефицитарни кадри во здравството, 100 нови возила за итна медицинска помош, како и … вториот приоритет, а тоа е достапноста на здравствените услуги, истакна Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Николов додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги намали листите на чекање преку уште еден процес, а тоа е процесот на дигитализација. Со дигитализацијата пациентите ќе добијат транспарентен пристап до листата на чекање за здравствени процедури. И на тој начин ќе се укинат или ќе се анулираат т.н. џебни листи на чекање на процедури.

Здравството и здравствените услуги мора да бидат транспарентни. За здравствените услуги пациентот и неговиот матичен лекар ќе добијат дигитализирана шифра и ќе можат автоматски во секое време да следат кога ќе ја добијат здравствената процедура без да седат во една несигурност или очекување. И втората работа која што ќе ни биде приоритет во здравствениот систем и во здравството е отчетноста, рече Николов. Мицковски пак, уште во неговиот говор најави и вработување на 500 лекари и 500 медицински сестри и прилично важен проект – намалување на маржите на веледрогериите при увоз на лековите.

 

Фрчат пари на сите страни

Ако се погледнат ветувањата за разни категории граѓани, посебно за младите, ќе се видат чудесни ветувања. На пример СДСМ тука предничи со воведување бесплатен превоз за сите, за секое прваче ваучер за среќен почеток од 6000 денари, 9000 денари за упис во средно училиште, плус по 3000 денари за секој почеток на нова училишна година, целосно бесплатни екскурзии за основците за запознавање на татковината, за средношколците за запознавање на регионот и за матурантите, запознавање на Европа!? Ова го вети коалицискиот партнер на СДСМ Моника Зајкова, претседателката на ЛДП. (Може да се види од 9 мин. во видеото).

СДСМ ветува и двојна плата од просечната за пожарникарите преку нов закон, повисоки плати за Армијата, изградба на станови за самохрани родители во одбраната, како и за членовите на семејствата на загинатите и починати припадници на безбедносните сили и вработени во одбраната кои немаат решено станбено прашање, работа за сите текстилни фабрики во земјава преку долгогодишни договори за шиење на униформите и изработка на обувките за вработените во АРМ (види Славјанка Петровска- тука).

ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ниту едно дете нема да чека ред за во градинка, враќање на данокот на личен доход од една, две и три години за првородено, второродено и третородено дете, директни инвестиции во спортот од 50 милиони евра за 4 години, итн…

Фото: Порталб

А каде се парите?

Останува прашањето од каде пари за сето ова? СДСМ ветува нула отсто данок за минимална плата, 10 отсто данок на добивка и воведување данок на луксуз, но и зголемување на повратот на ДДВ кај граѓаните до 3000 денари квартално до 2028 година.

ВМРО-ДПМНЕ ветува борба против сива економија, борба против корупција и намалување на даночна стапка за добивка под 10 отсто, како и уште пониско оданочување за странски капитални инвестиции. Тоа планираат да го постигнат преку реформа во даночната политика, особено преку измени на повратот на ддв за компаниите, за што имаат подготвено реформа на УЈП наречена 4Д (даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација).

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Владимир Путин во посета на Виетнам

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Виетнам, каде ќе се сретне со лидерите на владејачката Комунистичка партија. Со оваа посета, рускиот претседател ја завршува својата кратка тура на официјални...