fbpx

Чендлер – кучето кое беше оставено врзано да умре на врвот од напуштена фабрика, доби шанса за нов живот

Чендлер веќе е многу подобро, а во текот на наредната недела ќе биде објавен за вдомување, велат од ЈП Лајка.

-

Среќен, весел и разигран. Вака сега изгледа германскиот овчар кој пред два дена беше оставен да умре, без храна и без вода, заврзан на врвот од напуштена фабрика во Скопје. Вработените во ЈП „Лајка“ кои го презедоа напуштеното куче, го нарекле Чендлер, во спомен на Метју Пери од серијата „Пријатели“, кој беше пронајден мртов во неговиот дом пред неколку дена.

На видеото објавено на социјалните мрежи од ЈП Лајка се вели дека Чендлер најмногу му се радува и сака да игра со вработениот во Лајка, заловувачот Зоран, бидејќи тој и го спаси од напуштената фабрика и му пружи прва помош.

„Кучињата никогаш нема да ја заборават вашата добрина, да покажеме љубов, добрина и љубезност, како што ни ја покажуваат и даваат тие на нас. Чендлер веќе е многу подобро, а во текот на наредната недела ќе биде објавен за вдомување“, велат од ЈП Лајка.

Приказната за Чендлер создаде многу реакции на социјалните мрежи. Тој првично бил пријавен од граѓани дека веќе подолго време е на јавен простор и напуштен. На 18-ти месецов, кучето било заловено од заловувачките екипи во општина Аеродром.

„По стандарна проверка се воспостави дека кучето има микрочип, а неговиот сопственик веднаш беше контактиран. Наредниот ден на 19.10.2023 кучето беше превземено од неговиот сопственик, кој си плати за заловување на кучето, согласно правилникот за работа на ЈП Лајка“, соопштија од претпријатието.

Минатата недела повторно имало пријава од граѓани дека има напуштено и заробено куче во напуштена фабрика во населба Автокоманда.

„Нашите екипи веднаш постапија по пријавата. Кога пристигнаа на посочената локација, го најдоа истиот германски овчар, напуштен и врзан во напуштената фабрика. Кучето беше изгладнето, изнемоштено и болно, свесно оставено без пристап до вода и храна, видно вознемирено, но среќно кога виде дека доаѓаат луѓе да му помогнат. Кучето веднаш доби вода и храна, а и самото влезе во нашето комбе“, изјавија од ЈП „Лајка“.

Фото: Колаж, ЈП Лајка

Кучето ќе остане во стационарот до негово вдомување, а случајот ќе биде пријавен до Агенција за храна и ветеринарство. Од Лајка најавуваат и дека ќе биде покренета кривична постапка согласно член 233 од Кривичен законик за мачење на животни, против сопственикот на кучето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...