Ковачевски на пуштањето на патот Крива Паланка – Деве Баир „искара“ двајца бугарски премиери

Амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие нивната работа не ја завршија, рече Ковачевски, нагласувајќи дека покрај тоа што не е завршен „делот на патот кај Ќустендил“, но и патот на бугарска територија, до неотворениот граничен премин „Клепало“ кај Берово

Фото: Влада на РСМ

На денешното свечено пуштање во употреба на реконструираната и рехабилитирана патна делница Крива Паланка – Деве Баир, македонскиот премиер во заминување Димитар Ковачевски ги искритикува поранешниот и сегашниот премиер на Бугарија, Кирил Петков и Николај Денков дека не ги завршиле своите обврски за подобро сообраќајно поврзување на Северна Македонија и Бугарија.

Делницата Крива Паланка- Деве Баир од државниот пат А2 е во должина од 13 километри. Покрај рехабилитацијата, изградена е и трета лента. Се работи за инвестиција од 12, 2 милиони евра обезбедени преку грант на ЕУ и поддршка преку ЕБОР.

На настанот на кој беа и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, директорот на Европска банка за обнова и развој за Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, потоа министрите Благој Бочварски и Љупчо Николовски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, Ковачевски порача дека рехабилитацијата на патот што ги поврзува Крива Паланка и Ќустендил била тема за која во првиот ден од мандатот разговарал со тогашниот бугарски премиер Кирил Петков.

„И тогаш кажавме дека овој патен правец комплетно ќе го рехабилитираме, комплетно ќе го реконструираме и ќе отвориме трета лента којашто во тоа време не постоеше. Ние нашето ветување си го остваривме. Е сега сакам да му кажам на амбасадорот Гир и на медиумите, да му пренесат на сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија Кирил Петков, а сегашен сè уште претседател на партијата „Продолжуваат промените“, дека тие нивната работа не си ја завршија“, рече Ковачевски, нагласувајќи дека покрај тоа што не е завршен „делот на патот кај Ќустендил“, не е завршен ниту патот на бугарска територија до неотворениот граничен премин „Клепало“ кај Берово.

„Така што, амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие нивната работа не ја завршија“, нагласи Ковачевски.

Македонскиот премиер посочи дека од источниот дел од Коридор 8 во земјава, досега е рехабилитиран магистралниот пат Куманово-Страцин, што е инвестиција од 12 милиони евра, заедно со денеска пуштената делница од Крива Паланка до граничниот премин, а во тек се градежните активности на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.

„Реализацијата на патните правци, кои се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10-д за нас се од посебно значење бидејќи инвестициите во овие два коридори се политички и економски влог во нашата европска иднина. Целиот овој регион го заживуваме по неколку децениски застој. Плановите на многу влади пред нас ние ги реализираме бидејќи за нас приоритет се потребите на граѓаните“, порача Ковачевски.