fbpx

Им нема трага на 1,8 милиони евра за услуги со магнетна резонанца, утврди ДЗР

Нема трага на кој начин се наплатени 17.503 услуги вредни 1,8 милиони евра од ЈЗУ и од Мој термин. Доколку пациентите платиле партиципација за овие услуги, тие би изнесувале 200 илјади евра, пари кои ревизорите ги сметаат за „изгубени“

-

И по обезбедувањето на нови апарати за магнетна резонанца, пациентите сè уште не добиваат соодветни услуга, а причините варираат – од расипани апарати до недостиг од радиолози. Дополнително, нема трага од 1,8 милиони евра за дадени услуги на пациенти за снимање со магнетна резонанца, се вели во ревизијата на успешност на тема „Користење на здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“.

Според Државниот завод за ревизија, обемот на услуги во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година, иако бројот на апарати е двојно зголемен – од седум на 14.

Додека во Македонија се изведуваат 2.800 снимања од апарат годишно, во другите држави се изведуваат од 4.000-9.000 снимања по апарат.

Принтскрин, извештај на ДЗР

Меѓу проблемите со услугите со МР се вели дека имало периоди кога со месеци не се објавувале термини за пациенти кои треба да се снимаат со магнетна резонанца или пак биле објавувани значајно помал број термини поради дефект на апаратурата, намален кадар и ковид-19 кризата во 2020 и 2021 година.

„Воспоставена е пракса за неосновано и неоправдано упатување за снимање со МР од страна на специалистите, за што, од Министерството за здравство не се преземени мерки за санкционирање. Ваквите состојби влијаат осигурениците не секогаш да можат да добијат термин за преглед и да ги остварат правата од задолжителното здравствено осигурување во јавното здравство, поради што, неретко користат услуги во приватното здравство, за кои пак надлежните институции немаат податоци“, утврдиле ревизорите.

Државниот завод за ревизија отвора сомнеж за „изгубени“ околу 200 илјади евра од партиципацијата на граѓаните, бидејќи нема трага на кој начин е извршена наплата на услуги од Фондот за здравство во вредност од 1,8 милиони евра за магнетна резонанца.

Па така, јавните здравствени установи прикажале 25.632 извршени услуги повеќе од податоците во Мој термин, за кои нема трага дали е напишан извештај. Истовремено, нема трага на кој начин се наплатени 17.503 услуги вредни 1,8 милиони евра од ЈЗУ и од Мој термин. Доколку пациентите платиле партиципација за овие услуги, тие би изнесувале 200 илјади евра, пари кои ревизорите ги сметаат за „изгубени“.

Ревизорите тврдат дека невозможно е да се потврди вкупниот број снимки, бидејќи дел од ЈЗУ немаат воспоставено ПАКС системи, па така нема ниту комплетна архива.

„Податоците од Мој термин покажуваат дека за 12 проценти од прегледите се нема издадено извештај, од кои 90 проценти се однесуваат на три установи, а една установа нема напишано ниту еден извештај во Мој термин. Инаку, установи не вршат синхронизација на податоците од интерниот болнички софтвер со Мој термин, поради што дел од издадените специјалистички извештаи се креирани надвор од Мој термин“, се вели во извештајот. 

Дополнително, во само три јавни здравствени установи се вршат снимања со МР за сите видови дијагностики, а во останатите поради недоволно обучен кадар или неисправни коили се вршат само одредени снимања. Снимањата на деца и дооенчиња се вршат само во две установи каде има обучен кадар. 

Во однос на времето на чекање за издавање резултат, 87 проценти извештаи во 2022 година се напишани во рок од 10 дена по извршениот преглед, но има и прегледи за кои резултат се чекал повеќе месеци.

Опремувањето на одделите за радиолошка дијагностика во ЈЗУ со нови радиолошки апарати, во последните три години е направено без соодветна анализа и координација во поглед на обезбедување на потребниот обучен стручен кадар и истите се недоволно искористени, а еден дониран апарат воопшто не е ставен во употреба, утврдиле ревизорите.

За надминување на наведените состојби се дадени препораки со цел преземање мерки од надлежните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...