Студентите не би го оцениле ни со тројка животот во студентските домови

Ревизорскиот извештај фрла сомнеж врз начинот на кој се примаат студентите во домовите. Домовите во моментов добиваат по 6.820 денари по студент месечно, додека проценетата економска цена на чинење за станарите да имаат подобар студентски стандард е двојно повисока – 14.680 денари

Студентски дом „Стив Наумов“, нови бараки / фото: Мета.мк

Мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од страна на надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување на одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана, како и реализирање на проектите за реконструкција и проширување на капацитетите на државните студентски домови. Ова е заклучокот во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во однос на ефикасноста на мерките, политиките и проектите за исполнување на условите во кои функционираат студентските домови.

Ревизорите утврдиле значително намалување на сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови во периодот 2019-2022 година, односно од 5.815 легла во 2019 на 4.490 легла во 2022 година, што претставува 77,28 отсто пополнетост, но и отстапувања во бројот на сместени студенти во однос на предвидените со конкурсот.

Исплатата на средствата на државните студентски домови не се вршела врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на одговорните лица во МОН.

Сумата што ја добиваат домовите по студент не е променета 15 години

Од страна на ангажиран независен експерт била извршена анализа на соодветноста на утврдената цена за сместување која е основен извор на приходи за Државните студентски домови. Анализата покажала дека сумата што ја добиваат домовите не е променета од 2008 година и изнесува 6.820 денари месечно по студент за 10 месеци во годината. Притоа, МОН партиципира 50 отсто од цената, а остатокот го плаќаат студентите.

„Истата не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост во домовите што упатува на потреба од реално определување на економската цена за сместување и исхрана по студентите во ДСД“, се вели во извештајот.

Во извештајот, ДЗР прави процена на економска цена за сместување и исхрана на студентите во студентските домови, при што се дадени две сценарија за тековната академска година – сценарио 1 во кое се задржува постојниот студентски стандард во поглед на исхраната и сценарио 2 во кое се предвидува „подобрување на постојниот студентски стандард“.

Проценетата економска цена на чинење на ДСД по студент во тековната учебна 2023/2024 година кај првото сценарио изнесува 10.084 денари, а во второто сценарио – 14.680 денари.

Понатаму, ревизорите заклучиле дека објектите кои ги користат државните студентски домови во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење.

Во извештајот се забележани невоедначени услови кои ги нудат студентските домови, но и интерес на студентите за сместување во одредени студентски домови – оние под капата на ДСД Скопје.

Студентите даваат највисока оцена за мебелот, најниска за техничката опременост во домовите

Во рамки на ревизијата била спроведена и анкета за задоволството на студентите од условите во студентските домови, при што квалитетот на животот за време на престојувањето во студентските домови е оценет како лош или потпросечен, со средна вредност од 2,8 од можни 5.

Со најлоша оцена – 1,67, е оценета техничката опрема во домовите (принтер, фотокопир, компјутер и телевизор), односно ваква опрема речиси и да нема во повеќето државни студентски домови. Ниска оцена од 1,81 има и за Интернетот во студентските домови.

Од друга страна, највисока оцена од 3,33 студентите дале за мебелот во домовите. Оцена 3,07 е дадена за заедничките простории (менза, читална/библиотека, двор). За квалитетот на исхраната студентите дале оцена 2,64, а за хигиена 2,41.

Загревањето и ладењето на просторот, од вкупно 286 студенти кои одговориле на анкетата, се оценети со 2,58.

Бананите и зејтинот во Скопје поскапи од Битола и Охрид?

Анализирана била и количината на основните прехранбени продукти кои се најзастапени во исхраната на студентите во одредени студентски домови.

Според резултатите, постои разлика меѓу најзастапените продукти во храната во различни студентски домови. Така, во државните студентски домови под надлежност на ДСД Скопје (домовите „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“) најзастапени продукти се млекото и јогуртот, потоа месото, па компирот, гравот и оризот.

Во студентскиот дом „Пелагонија“ најчесто се сервирале компир, грав и ориз, потоа месо, па овошје.

Од друга страна, во битолскиот студентски дом „Кочо Рацин“ и во „Томе Стефановски – Сениќ“ најмногу се служело млеко и јогурт, а потоа месо и компир/грав/ориз.

фото: принтскрин од извештај на Државниот завод за ревизија

Забележливо од анализата е дека во сите анализирани студентски домови, освен во Пелагонија, е нотирано ниско присуство на овошје. Во „Пелагонија“ месечно по студент се служеле 1,8 килограми овошје, а во останатите студентски домови се служело под 0,6 килограми овошје по студент месечно. Најмалку овошје им се давало на студентите во охридскиот студентски дом „Никола Карев“, кои месечно добивале по 70 грама овошје.

Забележана е и разлика во цените кои одредени државни студентски домови ги плаќаат за набавените артикли преку постапки за јавни набавки. Во одредени случаи, цените кои еден дом ги плаќал за некои артикли се двојно поголеми од она што го плаќале другите домови. Така, за килограм банани, ДСД Скопје плаќал 70 денари, „Пелагонија“ 79,9 денари, а битолскиот „Кочо Рацин“ – 42,3 денари.

За килограм зелка, „Пелагонија“ плаќала 47,5 денари, додека „Кочо Рацин“, „Никола Карев“ и „Сениќ“ овој производ го обезбедувале по цена од 17,6 – 18,6 денари за килограм.

Скопските студентски домови плаќале повеќе од останатите државни студентски домови за речиси сите производи. Така, килограм зејтин ДСД Скопје го чинело 161,9 денари, „Пелагонија“ 139,9 денари, а „Кочо Рацин“ 70,8 денари.

Во извештајот е нотирано дека најекономично работел токму битолскиот студентски дом „Кочо Рацин“.

фото: принтскрин од извештај на Државниот завод за ревизија

Проблематични и резултатите од конкурсот за прием на студенти во студентските домови

Во однос на сместувањето во домовите, утврдена е неусогласеност на законските и подзаконските акти и слабости во делот на програмските активности, што води до неизвесност во поглед на начинот на евалуација на примените апликации од страна на назначената комисија во рамки на МОН и во однос на постапувањето во делот на утврдените критериуми за дефинирање на бројот на бодови за семејно-материјалната состојба, што според ревизорите, создава ризик од неправилно утврдување на бројот на обезбедени места за сместување на студенти за секоја група поединечно и што влијае на ефективноста на процесот на примем и сместување на студентите во домовите, а особено на студентите од загрозени социјални категории.

Ревизорите утврдиле дека списоците на апликации по кои се одлучувало не се потпишани и архивски заверени, а недостасуваат податоци за вкупниот број на примени и одбиени студенти во оние домови каде интересот за сместување бил најголем – во „Пелагонија“ и домовите под ДСД Скопје.

Министерството не доставило ниту поткрепувачка документација дека МОН извршило соодветно бодување на поднесените пријави, согласно групите и критериумите утврдени во конкурсот.

„Не е воспоставена единствена база на податоци за студентите кои аплицирале на конкурсот за сместување во ДСД и контрола за точноста на истите и нивниот избор од страна на МОН како орган кој е носител на процесот на прием на студенти во ДСД со надлежност да врши контрола на работата на ДСД. Врз основа на доставените извештаи, министерот нема донесено акт со кој ќе ги официјализира конечните резултати“, се вели во извештајот.

Во делот на ивестициите, ревизорите нагласуваат дека Проектот за енергетска ефикасност со кој се планира темелна реконструкција на сите девет државни студентски домови во земјата е започнат од страна на МОН, за што е обезбееден кредит и грант во висиона од над 24 милиони евра – сума за која ревизорите фрлаат сомнеж дали ќе биде доволна за целосно реализирање на проектот согласно планираното. Дополнително, се забележува дека активностите за реконструкција на домовите уште не се започнати.

Ревизорите утврдиле и дека верификацијата која треба да ја направи Министерството за образование и наука (МОН) пред започнувањето со работа на студентските домови, не била извршена за сите државни студентски домови. Не е воспоставен ниту Регистар на студентските домови, што според ревизорите, влијае неповолно врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите и на реалноста на прикажаниот капацитет на студентските домови.