Семејно насилство: Најголем дел од жртвите се жени, само 24 отсто од пријавените завршиле на суд

Сегашни или поранешни партнери биле сторители на насилството во 63 отсто од случаите. Изненадувачки, се вели во заклучоците на ДЗР, е што втората најголема група сторители се синовите, со 16 отсто

Photo by Malicki M Beser on Unsplash

Примените пријави за семејно насилство во 2022 година пораснале за дури 61 отсто во споредба со 2018 година. Во 2022 година бил регистриран 61 случај на семејно насилство на 100.000 граѓани, информираа од Државниот завод за ревизија (ДЗР) по направената анализа врз основа на официјални податоци од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Приближно 80 отсто од жртвите на семејно насилство се жени, а истовремено, 92 проценти од сторителите на семејно насилство се мажи.

Сегашни или поранешни партнери биле сторители на насилството во 63 отсто од случаите. Изненадувачки, се вели во заклучоците на ДЗР, е што втората најголема група сторители се синовите, со 16 отсто.

Само 24 проценти од сите пријавени случаи на семејно насилство во 2019 година завршиле на суд. Сторителите биле казнети само во 15 отсто од случаите, а само во 3 отсто од случаите била изречена казна затвор.

„Овие податоци треба да служат како поттик за превенција и борба против семејното насилство и сериозни заложби за спречување на семејното насилство како преку превентивни мерки така и преку ефикасни судски разрешници“, велат од Државниот завод за ревизија.

Од таму посочуваат дека за справување со порастот на семејно насилство е потребно да се изготват ефективни превентивни програми, да се направат отворени и унифицирани системи за родово-расчленети податоци во клучните сектори, да зајакнат механизмите за заштита на жртвите и да се зајакне родовата одговорност во судството.

Анализираните податоци заводот ги претстави во инфографик, кој бил изработен за потребите на проектот – камп за родови податоци што се одржал во Измир, Турција во организација на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.

инфографик: Државен завод за ревизија