Заеднички железнички граничен премин со Србија ќе се гради во Табановце, решение за арсенот нема

Арсенот на неоградената депонија во Табановце, лоцирана спроти пругата и железничката станица; Фото: Мета.мк

Полициските, царинските и фитосанитарните погранични контроли на патничките и товарните возови меѓу Македонија и Србија во иднина ќе треба да се вршат на заеднички железнички граничен премин, којшто е планирано да се гради до железничката станица Табановце. Објектот со површина од 2.500 метри квадратни треба допрва да се гради во земјава, а во него ќе бидат сместени полицајците, цариниците, инспекторите и железничките работници од двете земји.

Мета.мк и Порталб.мк беа на терен уште во декември минатата година и открија дека во непосредна близина на идниот пограничен објект во Табановце се наоѓа депонијата со арсен и други отпадни минерални суровини, коишто претставуваат опасност за човековото здравје и за загадување на почвата, водата и воздухот. Стотици тони арсен и друг опасен отпад не се оградени во Табановце, а од мирисот на арсенот и другите метали и лично можевме да почувствуваме остра главоболка по 15 минути од присуството на теренот.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

Инаку, локацијата во Табановце се користела за привремено складирање на арсенот и другите метали што биле ископувани од некогашниот рудник „Лојане“, бидејќи е веднаш до пругата и служела за товарење на рудата во возови за нејзин натамошен транспорт.

Бидејќи имплементатор на заедничкиот граничен железнички премин со Србија е Министерството за транспорт и врски, побаравме од нив одговори на прашањето дали со реализацијата на проектот планираат да ја расчистат критичната локација каде што е складиран арсенот и другите отпадни минерални суровини. Исто така, прашавме и што ќе се преземе за да се заштити здравјето на патниците, железничките работници и другите погранични служби кои ќе работат во идниот објект во Табановце.

„Ве упатуваме да се обратите до надлежните институции за заштита на животната средина“, е краткиот одговор којшто Мета.мк го доби од Министерството за транспорт и врски.

Но, темата за одговорноста за арсенот складиран во Табановце се префрла од една на друга институција во изминатиов период.

Депонијата во Табановце не беше вклучена во договорот за концесија за експлоатација на арсенот и другите минерални суровини од рудникот „Лојане“, информираше за Мета.мк досегашниот концесионер. Владата минатиот месец го раскина договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за експлоатација на опасниот отпад, но концесионерот со договорот од 2014 година беше одговорен за експлоатација единствено на јаловиштето во рудникот „Лојане“, а не и за локацијата во Табановце.

Концесионерот на арсенот кај Лојане не поставил ограда оти мислел дека ќе го извезе за 6 месеци

Поради ова, надлежноста се префрли од Министерството за економија на Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на складираниот арсен во Табановце, но од таму одговорноста ја вратија повторно назад кон Министерството за економија. Мета.мк ја праша и Општина Куманово, на чија територија се наоѓа депонијата со арсен во Табановце, но одговорноста локалните власти ја префрлија на централната власт.

За труењето со арсенот во Кумановско институциите „перат“ раце и си ја префрлаат одговорноста

Инспекциските органи, пак, во два наврати – Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во септември лани и Државниот инспекторат за техничка инспекција на почетокот од февруари годинава излегоа на терен за да извршат инспекциски надзор на двете локации во Табановце и Лојане. Во Табановце тие открија дека не е поставена ограда и информативна табла околу депонијата, при што ДИЖС по надзорот испрати допис до Министерството за животна средина за отпочнување активности за расчистување на отпадната јаловина во Табановце.

Инспекторатите бараат арсенот во Лојане и Табановце да се огради и да има табли за предупредување

До денешен ден не е започнато расчистувањето, иако арсенот и другите метали се наоѓаат спроти железничката станица во Табановце, кампот за мигранти, но и во близина на самите куќи во селото. Во иднина, со изградбата на заедничкиот железнички граничен премин потенцијално ќе може да се загрози здравјето и на оние кои ќе патуваат со воз или работат во објектот, земајќи предвид дека на 100-тина метри воздушна оддалеченост е депонијата од парцелата каде ќе се гради заедничкиот граничен премин меѓу двете земји.

Инаку, од Министерството за транспорт и врски велат дека во финална фаза е изработката на проектната документација на пристапниот пат кој треба да ги поврзе патниот и железничкиот премин во Табановце. Проектната документација за самиот објект е веќе изработена и ревидирана. Заедничкиот железнички граничен премин со Србија ќе чини 5,3 милиони евра, од кои 50 отсто веќе се обезбедни преку неповратен грант од Инструментот на Инвестициска рамка од Западен Балкан (WBIF), а преостанатите 50 отсто годинава ќе се обезбедат по пат на заем од Европската банка за обнова и развој.

Владата го раскина договорот со турскиот концесионер за експлоатација на арсенот во Лојане

Дека проектот ќе мора да се реализира, потсетува и Европската комисија во Извештајот за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2021 година, во кој се наведува дека осовременувањето на прекуграничните железнички врски и олеснувањето на премините на железничкиот коридор X заостануваат зад предвидениот рок. Од ЕК забележаа дека заедничката погранична железничка станица со Србија кај Табановце сѐ уште е во фаза на планирање.

Идниот заеднички железнички граничен премин кај Табановце ќе биде првиот изграден по европски стандарди во земјава, со современо опремени простории за сместување на граничните органи на двете земји, во чии рамки е предвидена и лабораторија за ветеринарно и фитосанитарно испитување. Сепак, останува неразјаснето прашањето како ќе се надмине проблемот со опасностите од арсенот и другите отпадни минерални суровини, до оној момент кога ќе треба да профункционира овој објект во периодот по 2023 година.

До крајот на јули ќе се комплетира проектот за заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија