fbpx

Контраспин: Концептот „Да станеме посакувани и Бугарија ќе биде пред свршен чин“ е магла

Во уште еден неодреден сет одговори за европската перспектива на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада, нејзиниот лидер Мицкоски во еден момент најавува не така брзо решение „доколку од другата страна немаме вистински партнер“ и потоа искажува спин, нудејќи концепт дека прво треба „да станеме посакувани, со што Бугарија ќе била пред свршен чин“

-

Во уште еден неодреден сет одговори за европската перспектива на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада, нејзиниот лидер Мицкоски во еден момент најавува не така брзо решение „доколку од другата страна немаме вистински партнер“ и потоа искажува спин, нудејќи концепт дека прво треба „да станеме посакувани, со што Бугарија ќе била пред свршен чин“. Ова тврдење е извртување на вистината затоа што има премногу прашања на кои засега никој не може да даде одговори, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување на ТВ Клан, зборуваше за евроинтеграциските перспективи на државата, при што во еден момент може да се детектира спин:

Спин: „Доколку немаме вистински партнер од другата страна не мислам дека ќе има брзо решение. Тогаш ќе треба да имаме комплетно нова стратегија, а тоа е како да си ги решиме домашните проблеми и како да се обидеме заедно со нашите партнери за сето ова за кое зборувам да го направиме реалност во Македонија. Да станеме посакувани и тогаш Бугарија ќе биде пред свршен чин, но доколку продолжиме да се однесуваме полтронски и поданички и прифаќаме сè, се обезличуваме, тогаш простете но, јас така не го замислувам партнерскиот однос, ниту пак, така го замислувам добрососедството.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Х. Мицкоски/веб; датум – 13.03.2024]

Контраспин: Во прилично неодредени одговори што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ во поглед на започнување преговори со Европската унија за зачленување, лидерот на партијата Христијан Мицкоски во еден момент искажа спин, дека прво треба да станеме посакуван партнер со што Бугарија ќе била доведена до свршен чин.

Ова тврдење е опционално во одговорите на Мицкоски за ова прашање и се однесува на состојбата дали ќе најдеме или нема вистински партнер во преговорите, кои „се двонасочна улица“, т.е. дали ќе се наиде на расположение кај Унијата за измени на преговарачаката рамка. Во случај да нема такво расположение, според одговорот на Мицкоски, тогаш нема да има брзо решение. Тогаш треба да се изгради „стратегија како да си ги решиме домашните проблеми…и да станеме посакувани и тогаш Бугарија ќе биде пред свршен чин“.

Се разбира дека ова е извртување на вистината или спин, затоа што никој не може да одговори на најосновните непознатите во оваа равенка. Прво, кој гарантира дека земјава ќе успее да ги среди сите проблеми со корупција и криминал, со владеење на правото, со независно судство и обвинителство, со чиста животна средина, реформирано здравство, земјоделие, образование и континуиран економски пораст, итн.? ВМРО-ДПМНЕ може да има фантастична програма и голема политичка волја, но јавноста памети многу такви ентузијастички најави и почетоци на секој мандат на големите политички партии, како и на многу разочарувања и лоши резултати по завршувањето на мандатите.

Втората непозната во равенката е за колку време „ќе станеме посакуван партнер“? Еден, два мандата или и тоа е малку време? Времето за реформи никој не го знае однапред, затоа што наталожените проблеми се големи.

И третата непозната е дали и кој гарантира дека тогаш „Бугарија ќе биде пред свршен чин“? Како што и досега се покажало и во случајот со билатералните проблеми со Грција и во случајот со Бугарија, С. Македонија како земја без море нема иста геостратегиска тежина како споменатите два соседа. Тоа е за жал политичка реалност, без оглед на нашите жртви досега, во смисла на отстапката околу името. Оттука, никој не може да гарантира дека „Бугарија ќе биде пред свршен чин“. Може да, може не. Со други зборови, ова решение за евроинтеграциите што го нуди Мицкоски во случај да не наидеме на вистински партнери во ЕУ, не е ништо друго туку само „магла“.

И ова не е некој нов предлог или концепт. Во ВМРО-ДПМНЕ очигледно се разговарало за оваа идеја, за привремено „ладење“ од почеток на преговорите, зашто потпретседателот Александар Николоски во разговор за Тв Сител, го спомена и го понуди уште во април 2023 г.:

Стојам на тоа дека Македонија може да почне преговори со ЕУ. (Новинар: Без уставни измени?) Да. Зошто? Затоа што средена Македонија внатре ќе значи сериозен притисок врз Бугарија, за Бугарија да се откаже од овие максималистички барања кои што ги има…

(Новинар: Колку години ќе ни требаат да ја средиме Македонија?). Па мислам дека за 6 месеци до една години државата може да се среди. Сите знаат каде се дувлата на корупција и мислам дека може да се среди тоа(од 16 минута во видеото).

Дел од овие ставови на партијата искажани преку Николоски беа изанализирани во контраспинотНиколоски нуди граѓаните да оладат од ЕУ додека ВМРО-ДПМНЕ не ја среди државата“.

Оттука, може да се оцени дека тврдењето на Мицкоски дека кога „ќе станеме посакувани и тогаш Бугарија ќе биде пред свршен чин, е спин.

***

И со ова искажување на Мицкоски за прашањето на иднината на европските интеграции на С. Македонија, станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ, засега, сè уште нема јасна слика и цврст став што ќе го стави како дел од понудата пред гласачите на претстојните избори. Некои контури, сепак, може да се пофаќаат – ставот на Мицкоски и Николоски за вртење кон домашната агенда откако ќе се понуди репреговарање на рамката со ЕУ, најавата на Антонијо Милошоски за „европски модел за решавање на спорот со Бугарија“ по примерот на Хрватска и Словенија, т.е. прво да ги завршиме преговорите па потоа да го смениме уставот и (или) најавата на Марјан Ѓорчев дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе се тргне од понуда до Софија за измена на дел од договорот со Бугарија, т.е. да се надгради Договорот.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...