Меѓусебни напади со дронови меѓу Русија и Украина на првиот ден од руските претседателски избори

Русија и Украина соборија непријателски беспилотни летала и ракети во текот на изминатава ноќ додека гласачките места ширум Русија се отвораа на првиот ден од гласањето на претседателските избори

Фото: Укринформ

Три проукраински баталјони составени од регрути од Русија започнаа нов напад во јужна Русија во прекугранична рација која требаше да сее хаос пред широко очекуваниот реизбор на Владимир Путин за претседател овој викенд, јави Гардијан.

Трите вооружени групи руски прогонети борци, кои тесно соработуваат со војската на Украина, рекоа дека ја преминале границата во јужните региони Курск и Белгород.

Руската национална гарда вчера соопшти дека се бори против нападите на проукраинските групи. Министерството за одбрана на Русија подоцна во текот на денот соопшти дека ги спречило рациите и објави видео на кое се гледаат уништени тенкови и оклопни борбени возила.

Русија и Украина соборија непријателски беспилотни летала и ракети во текот на изминатава ноќ додека гласачките места ширум Русија се отвораа на првиот ден од гласањето на претседателските избори.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија истрелала 27 беспилотни летала од иранско потекло, кои биле соборени, како и осум проектили. Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека пресретнало пет украински беспилотни летала и две ракети над граничниот регион Белгород и регионот Калуга, југозападно од Москва. Локалните власти претходно соопштија дека две лица загинале, а 12 се ранети во украински ракетни напади над регионот Белгород.

Во меѓувреме, Европската Унија и НАТО рекоа дека изборите во Русија нема да бидат слободни и фер бидејќи Кремљ ја скрши целата опозиција. Двата блока ја осудија одлуката на Русија да организира гласање во украинските области окупирани од Русија за кои Москва сега тврди дека се нејзина територија.

Украинското Министерство за надворешни работи ги нарече гласовите во окупираните области незаконски и неважечки и ги повика меѓународните партнери да не ги признаваат резултатите.