fbpx

Иницијативноста за довршување на патниот и железничкиот Коридор 8 – белег на 2023

Владата лани покажа силен интерес да работи на изградба на пругата и автопатот на Коридорот 8, со кој земјава конечно ќе обезбеди алтернативни пристаништа за транспорт на стоки и патници кон Албанија и Бугарија. Сите овие владини активности оставаат белег на инфраструктурната 2023 година

-

Решителноста на македонската влада да работи интензивно на изградбата на оската исток-запад, односно на реализацијата на патниот и железничкиот Коридор 8 кој минува низ нашата земја е белегот на инфраструктурната 2023 година. Изминативе 12 месеци, изјавите на политичарите, невладиниот сектор и останатите субјекти во општеството, но и конкретните потези што беа преземени, му дадоа приоритет во јавноста на Коридорот кој Македонија треба да ја поврзе со соседните Бугарија и Албанија.

Меѓународната заедница по подолго време покажува интерес за реализација на овој паневропски коридор, кој од страна на Европската Унија во мај 2023 година беше вметнат во мапата на главните коридори во рамките на ТЕН-Т (Транс-европската транспортна) мрежа на ЕУ. Ова практично значи дека за Коридорот 8 во иднина ќе има многу повеќе можности за негово финансирање, како од страна на ЕУ, така и од страна на другите меѓународни финансиски институции.

На ЕУ не ѝ требаше премногу време за да ја покаже својата посветеност во поддршката на земјава за изградбата на Коридорот 8. Ваквата поддршка, засега, наменета е првенствено за железничкиот Коридор 8, со особен акцент на конечното завршување на пругата кон Бугарија.

Кон крајот на декември 2023 година, на сајтот за јавни набавки на ЕУ беше распишан тендерот за изградба на третата фаза од железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија, на потегот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунели во вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 мостови/вијадукти во должина од 5 километри.

Токму ЕУ обезбеди најголем дел од средствата кои се неопходни за изградбата на трите фази од пругата кон Бугарија. Само за најтешката фаза, од Крива Паланка до границата со Бугарија, обезбедени се над 500 милиони евра, и тоа по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 149,2 милиони евра како инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) на ЕУ и 60,2 милиони евра од ИПА 2 програмата на ЕУ.

Реализацијата на третата фаза на пругата кон Бугарија на терен треба да започне во текот на 2024 година. Компаниите прво ќе треба до 28 март 2024 година да ги достават понудите за изведба на проектот, по што ќе се избере најповолниот понудувач. Периодот до кога треба да се изгради третата фаза е 5 години, односно до крајот на 2029 година ќе постане реалност патувањето меѓу Скопје и Софија со воз.

Во меѓувреме, на терен продолжува изградбата на првата и втората фаза од пругата на потегот од Куманово до Крива Паланка. Мета.мк есенва беше во посета на дел од теренот каде што се одвиваат градежните работи, при што увиде дека истите се одвиваа во тој момент со забавено темпо. Сепак, од власта се категорични дека првата фаза од пругата до Бељаковце ќе се заврши во првичниот рок – до крајот на 2024 година.

И Европската Комисија во Извештајот за напредокот на С.Македонија на патот кон ЕУ за 2023 година им посочи на македонските власти дека треба под итно да се забрза изградбата на железничкиот Коридор 8, со посебен акцент на распишување на тендерот за изведба на третата фаза.

Освен во делот на железничката инфраструктура, Коридорот 8 годинава беше особено актуелен и во делот на патиштата. Во мај 2023 година, Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на петте закони кои беа поврзани со реализација на Договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на Коридорите 8 и 10д. Станува збор за Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Законот за изменување и дополнување на Законот за градење и Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да ги потпише указите за прогласување на петте закони, иако невладините организации реагираа дека со изгласувањето на законските измени постои можност за појава на корупција. Откако помина процедурата низ државните институции, американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ во септември 2023 година ја започна изградбата на автопатот Гостивар-Кичево на Коридорот 8.

Освен автопатот меѓу Гостивар и Кичево, „Бехтел-Енка“ ќе ги гради и делниците Тетово-Гостивар, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола на Коридорите 8 и 10д, кои ќе бидат со вкупна должина од 110 километри. Од Јавното претпријатие за државни патишта во септември годинава ветија оти во следниот период ќе се градат по 23 километри автопат годишно на Коридорите 8 и 10д.

Како што пишува Радио Слободна Европа на македонски јазик, до крајот на 2023 година нашата земја издвоила околу 245 милиони евра за автопатите што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел-Енка“. Во 2024 ќе се издвои идентичната сума, со која треба да продолжи изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д.

Во делот на реализацијата на патниот Коридор 8, повторно беше пробиен рокот за довршување на автопатот Кичево-Охрид којшто го изведува кинеската компанија „Синохидро“. Рокот за завршување на автопатската делница истече на 31 декември 2023 година, додека на терен изведувачот од Кина не ги комплетираше градежните работи во целост. Од владата пред новогодишните празници соопштија дека донеле одлука да се склучи анекс на договорот со „Синохидро“ за да се продолжи рокот за изведба на градежните работи, но притоа нема да има ново финансиско задолжување за доградбата и истовремено изведбата на автопатот ќе продолжи да се реализира.

Од Министерството за транспорт и врски на крајот од минатата година соопштија дека е направена ревизија, односно експертски извештај, кој беше доставен до Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски и Владата. Врз основа на овој документ, институциите ја донесоа одлуката за дореализација на проектот. Она што ќе треба допрво да се изготви е препроектирањето на 11 нови свлечишта, а кои потоа ќе треба и да се санираат.

Во делот на Коридорот 8, лани беше пуштен во употреба реконструираниот пат од Струга до граничниот премин Ќафасан со Албанија, којшто ќе се користи од граѓаните до завршувањето на новиот автопат. Во делот кон Бугарија, патниот Коридор 8 минатата година продолжи да се реализира. Во мај беше пуштен во употреба реконструираниот пат Куманово-Страцин во должина од 31,2 километри. Воедно, лани продолжи и изградбата на новиот експресен пат Ранковце-Крива Паланка во должина од 24,5 километри, кој треба да биде готов до јуни 2024 година.

Коридор 10 – акцент ставен на завршување на секцијата Д од Градско до Битола

И кај паневропскиот Коридор 10, во годината што измина имаше серија од активности кои се реализираа во делот на развојот на патиштата и железницата. Во патната инфраструктура акцентот беше ставен на секцијата Д од Коридорот 10, која се гради од Градско до македонско-бугарската граница.

На 14 септември 2023 година започна изградбата на автопатот Прилеп-Битола од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“. Делницата е со планирана должина од 40 километри. Паралелно со изведбата на градежните работи на оваа автопатска делница кои допрва ќе треба да се реализираат, и во 2023 година продолжи изведбата на експресниот пат Градско-Прилеп.

Иако беше првично најавено дека ќе биде готов најдоцна до средината на 2023 година, овој експресен пат останува да се доврши со една година задоцнување, односно до средината на 2024 година. Со реализацијата на овие два проекта, граѓаните од Пелагонискиот регион ќе добијат целосно нова патна инфраструктура кон Скопје, но и земјава ќе добие побрз пристап кон Грција и крајната точка на Коридорот 10 – пристаништето во Игуменица на Јонското море.

Кога станува збор за самиот автопат од Табановце до Гевгелија, изминатава година ја одбележа почетокот на реконструкцијата на делницата Неготино-Демир Капија која треба да заврши до април 2024 година. По долгиот застој на работите, продолжи реконструкцијата на автопатската делница од Петровец до Катланово.

Во делот на патниот Коридор 10, од Министерството за транспорт и врски лани беше објавен тендерот за избор на изведувач што ќе го имплементира Интелигентниот транспортен систем. Договорот за овој проект треба да се продолжи до почетокот на годинава, при што во 2024 година целокупниот сообраќај од Велес до Табановце деноноќно ќе се мониторира од контролен центар преку поставување на видео-надзор долж автопатот, ќе се постави електронска сообраќајна сигнализација за информирање на возачите за условите на патот, ќе се постават СОС-телефони, како и системи за давање информации за временските услови на патот и за мерење на стакленичките гасови.

Што се однесува до автопатот Скопје-Блаце, 2023 година може да се оквалификува како период на бавна реализација на работите. Тендерот за избор на изведувачи за изградба на втората фаза од клучката кај селото Блаце до скопската обиколница во должина од 10,5 километри е продолжен до 10 јануари годинава, односно до овој рок компаниите ќе може да се пријават на самиот тендер. Годинава треба да започне изградбата на оваа автопатска делница, но останува загриженоста за тоа кога ќе завршат двете фази. Имено, во јануари 2023 година беше потпишан нов договор со скопската фирма „Гранит“ за довршување на првичните 2 километра од границата со Косово до обиколницата кај селото Блаце, кој беше најавено дека ќе е готов до крајот на 2023, иако првичниот рок за негово завршување беше 2021 година.

Железничкиот Коридор 10 изминатава година го одбележа потпишувањето на Меморандумот меѓу македонската и српската влада за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, која што ќе треба да се гради со финансиски средства што ќе бидат обезбедени од ЕУ. Меморандумот беше потпишан на 17 ноември 2023 година, а она што претстои во 2024 година е заеднички да се работи на проектната документација за реализација на оваа пруга.

Србија ќе треба да ја гради железничката делница Ниш – Прешево со должина од 135 километри, додека македонската влада ќе треба допрва да ги проектира 50-те километри од граничниот премин Прешево до Скопје.

На крајот од 2023 година заврши реконструкцијата на железничката пруга од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километар. Делницата е дел од Коридорот 10, а се реконструираше фантастични 10 години. На овој дел возовите сега ќе можат да се движат со брзина од 100 километри на час. Сепак, голем проблем во текот на ноември 2023 година се појави со железничкиот мост на Црна река, кога попушти еден од столбовите и настана целосен прекин на товарниот и патничкиот превоз на пругата од Велес до Гевгелија. Сообраќајот треба да се возобнови на почетокот од годинава, откако изминатиов период беше извршена итна санација и зацврстување на носечкиот столб на мостот.

Ќе се гради конектор со Грција, гасоводот Скопје-Гостивар пред фото-финиш

Минатата година беше одбележана со привршувањето на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. Овој инфраструктурен проект се гради повеќе од седум години, а со неговото завршување треба да се овозможи проток на природен гас и кон Полошкиот регион. Она што треба допрво да се направи во наредниот период е да се изгради дистрибутивната мрежа во Тетово и Гостивар, како би можело да се овозможи приклучување на заинтересираните субјекти на природен гас.

Од круцијално значење за Македонија е објавениот тендер од Европската Унија за изградба на гасоводниот интерконектор од Неготино до грчкото населено место Неа Месимвриа во должина од 123 километри. Тендерската постапка ќе трае до 1 февруари, по што ќе треба да се избере најповолната понуда за изградба на гасоводната врска меѓу двете земји.

Иако дел од невладиниот сектор, првенствено граѓанските организации CEE Bankwatch Network и Еко-свест, поднесоа жалби до Секретаријатот на Енергетската заедница, Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) и Секретаријатот на Енергетската заедница против изградбата на проектот, овој инфраструктурен проект ќе треба задолжително да се реализира во наредниот период.

Доколку се изгради гасоводниот интерконектор со Грција, тогаш земјава во иднина би обезбедила алтернативна врска за обезбедување на природен гас – наместо досегашното користење на руски гас од „Газпром“ којшто доаѓа преку Бугарија, во иднина ќе може да се ползува американски гас од идниот ЛНГ-терминал во Грција, како и од гасоводот ТАП кој од Азербејџан преку Турција превезува гас кон Европа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...