fbpx

ДЗР: Автопатите Бехтел и Енка отстапуваат од планираната динамика за градба

И проектите за изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати се во 1996 година и не се завршени

-

За изградба на инфраструктурен Коридор 8 и Коридор 10д, во должина од 108 км и со проценета вредност во износ од 1,319 милијарда евра, донесен е специјален Закон со кој се уредени условите и начинот за градба. Заклучно со декември 2023 година само 0,12 отсто од трошоците се однесуваат за градба, што покажува отстапување од планираната динамика за градба. Ова го нотирале државните ревизори во последниот објавен извештај на тема „Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.

„Со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д со ревизијата се утврди дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници, изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани-Кичево. Системот за управување со јавни инвестиции не е воспоставен, а процесот на планирање, приоретизирање и алоцирање на средствата во буџетот за јавни инвестиции, не е соодветно дефиниран со тековниот Закон за буџетите со цел алоцирање на јавни средства за најприоритетни инвестиции“, пишува во извештајот.

Исто така, и проектите за изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати се во 1996 година и не се завршени.

„Вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра, поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти“, се додава во извештајот.

За проект за изградбата на автопат 2 патна делница Кичево-Охрид, вредноста на договорот за градба со анекс е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра.

„Проектот и после 10 години не е завршен, а финансиската реализација изнесува 466,4 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е изминат на 31.12.2023 година, и постои голема неизвесност од настанување на високи правни и финансиски ризици поврзани со текот на овој проект“, пишува во документот.

Ревозирите ги следеле и капиталните проекти во областа на здравството. Така,  констатирале дека изградба на Клинички Центар Скопје и изградба на Регионална Болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и договори за градба.

„Поради откажување на овие проекти за кои имало склучени договори во февруари 2016 за изградба на Регионална Болница во Штип и во мај 2017 година за изградба на Клинички Центар Скопје има високи фискални ризици врз јавните финансии. Заради раскинување на договорот за изградба на Клинички Центар Скопје и откажување на проектот во текот на 2022 и 2023 година покрената е арбитража со побарувања во износ од 23,5 милиони евра од конзорциумот на изведувачите, а поради раскинување на договорот за изградба на Регионална болница во Штип, проект од големо значење на граѓаните во јануари 2024 година покрената е арбитража од изведувачот со побарувања во износ од 22 милиони евра“, навеле ревизорите.

За трите проекти Брана Конско кај Гевегелија, Брана Речани на Оризарска река, Кочани и ХМС Равен – Речица, Полог со вкупна договорна вредност од 91 милион евра, не биле создадени услови за почеток за градба, спроведена е постапка за јавна набавка на работи и склучен е договор за изведување на градежни работи.

„Договорите се склучени иако за инфраструктурните градби немало одобрение за градба, не била решена експропријацијата, како и имало потреба од дополнително проектирање поради што и после седум години од склучените договори не се завршени градбите“, се потенцира во извештајот.

Ревизорите го разгледале и проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје, кој е најголема инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра.

„Иако за овој проект се обезбедени средства, подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација. Управувањето со овој стратешки проект не е ефикасно, не е постигната целта за спроведувањето на законските обврски и постигнувањето на стандардите“, пишува во извештајот.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двајца полицајци се сомничат дека примиле поткуп за да не констатираат сообраќаен прекршок

МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на...