fbpx

Уште не се гледа крајот на експресниот пат Градско – Прилеп

Експресниот пат Градско – Прилеп не е завршен, на овој патен правец сè уште се вози по регионалниот пат. Неодамна (17.06.2023) поради обилните врнежи токму тој дел од регионалниот пат беше прекинат за сообраќај седум часа

-

Изградбата на овој експресен пат долг 33,5 километри започна пред седум години, во време на мандатот на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувањата на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски експресниот пат Градско – Прилеп да биде изграден најдоцна до средината на 2023 година, не се остварија. Експресниот пат не е завршен, а на овој патен правец сè уште се вози по регионалниот пат. Неодамна, поради обилните врнежи токму тој дел од регионалниот пат Градско – Прилеп  беше прекинат за сообраќај седум часа, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Ветување: Со задоволство денеска би сакал да ја информирам јавноста дека експресниот пат од Градско кон Прилеп се гради. Владата покажа истрајност и решителност да ги изгради и најтешките инфраструктурни проекти во државава. Експресниот пат Градско-Прилеп е приоритет, не само за Владата, тој има преголемо економско значење за сите граѓани од Градско, Росоман, Прилеп и цел Пелагониски регион. Од првата делница Градско–Дреново започнуваат засилените градежни работи за изградба на овој патен правец….

Вредноста на целата инвестиција е 24, 7 милиони евра, а средства се обезбедени од ИПА фондовите. Досега вкупната изградба на патот е 34,4 проценти и новиот изведувач има обврска да ги доизгради останатите 65 проценти.  Крајниот рок е јули 2023 година, но, истакна Бочварски, моите очекувања се дека тоа може да се случи и порано пред рокот.

[Извор: Скопје инфо – изјава на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски  ; Датум – 22.07.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во јули 2021 година при увид на изградбата на  експресниот пат Градско – Прилеп, изјави дека „крајниот рок за завршување е јули 2023 година, но неговите очекувања се дека патот ќе биде готов пред рокот“. Ова ветување на Бочварски е неисполнето.

Експресниот пат Градско – Прилеп не е завршен, на овој патен правец сè уште се вози по регионалниот пат. Неодамна (17.06.2023) поради обилните врнежи токму тој дел од регионалниот пат беше прекинат за сообраќај седум часа. Дождот предизвика излевање на Раечка река на местото каде што се градат двата тунела. Како што информираа од АМСМ, на клучката кај местото викано „Мотел Дреново“, на коловозот имало големо количество вода, а кај „Плетвар“ пред тунелите имало свлечиште и одрон на карпи.

Инаку, ветувањето дека експресниот пат Градско – Прилеп ќе биде завршен до јули 2023 година министерот за транспорт и врски го повтори и во септември 2021 година.  Бочварски, кој со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми изврши увид на работите на делницата Дреново – Фариш, тогаш изјави дека „експресниот пат Градско-Прилеп се гради интензивно и дека се надминати сите проблеми во изградбата“.

Благој Бочварски и Ејуп Рустеми на делницата Дреново-Фариш, 22.07.2021
Фото: mtc.gov.mk

На втората делница од Дреново до Фаришката клисура бележиме засилени градежни работи за доизградба на овој патен правец. Во соработка со ЈП за државни патишта успеавме да ги надминеме сите проблеми и сега имаме чиста траса на која во наредниот период очекуваме да има силна градежна активност. Вредноста за изградба на оваа делница е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти а сега новиот изведувач компанијата „Синохидро“ има обврска да го доизгради преостанатиот дел. Крајниот рок е месец јули 2023 година, но моите очекувања се дека тоа може да се случи и порано, пред рокот. Ме охрабрува фактот што и првата делница од Градско до Дреново, изведувачот работи со макисмално темпо, така што очекувам овој експресен пат да биде финиширан средината на 2023 година, изјави Бочварски на 2 септември 2021 година.

Сепак, тоа не се случи, очекувањата на Бочварски дека експресниот пат ќе биде завршен не се остварија.

Вистиномер побара информација од Министерството за транспорт и врски и од Јавното претпријатие за државни патишта, за тоа: до каде е изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, што е изградено досега и кога се очекува да биде готов и пуштен во употреба, но до објавувањето на овој текст од двете институции не добивме никаков одговор.

Во неодамнешните настапи и интервјуа, пак, Бочварски спомена нов рок и кажа дека овој експресен пат ќе биде готов во 2024 година. Минатиот месец на официјалниот почеток на работите за изградба на автопатот Прилеп – Битола (12.05.2023), министерот, меѓу другото, рече дека државата инвестира во инфраструктурни проекти, при што ја спомна и изградбата на новиот експресен пат од Градско до Прилеп, напоменувајќи дека:

Следната година (2024 н.з.) ќе возиме по нов експресен пат.

Неколку дена подоцна ( 17.05.2023) Бочварски и во интервју за порталот Бриф, исти така, кажа дека:

 За овој мандат како министер до 2024 година очекува да возиме по автопатот Кичево – Охрид и по експресните патишта од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка.

Премиерот Ковачевски и министерот Бочварски на делницата Дреново-Фариш, 29.11.2022
Фото: mtc.gov.mk

„Тргни – застани“, експресниот пат Градско – Прилеп се завлечка седум години 

Овој експресен пат долг 33,5 километри започна да се гради уште пред 7 години (на почетокот на летото 2016 година), во време на мандатот на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, Владо Мисајловски и Александар Стојанов на почетокот на изградбата, 21.07.2016          Фото: mtc.gov.mk

За реализација на градежните активности на првиот дел од трасата во должина од 10 километри, од Фаришката до Дреновската клисура, беше ангажирана шпанската компанија „Рубау“. Според најавите на тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, што се одвива во три фази, требаше целосно да заврши „за три до четири години“, односно во периодот 2019 – 2020 година.

Но, работите на првата делница на овој експресен пат, што се гради со средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), се развлекоа неколку години.

Во септември 2019 година Јавното претпријатие за државни патишта го раскина договорот за изведба на првата фаза  со шпанскиот изведувач „Конструксионес Рубау С.А.“, откако изведувачот неколкупати бил опоменат за исклучително ниската ефикасност. Како што беше соопштено, шпанската фирма успеала заврши само 35 отсто од работите на патната делница меѓу Дреновската и Фаришката клисура.

Изградба на првиот дел од трасата, 20.03.2017   Фото: mtc.gov.mk

Потоа следеше постапка за распишување на нов тендер (септември 2020) за довршување на изградбата на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп. Ама процедурата се одолговлечи, па градежните активности на експресниот пат продолжија дури летото 2021 година.

Од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, 02.09.2021  Фото: mtc.gov.mk

На делницата од Дреново до Фаришка клисура, градежните работи ги презема кинеската компанија „Синохидро“, а за потегот  од Градско до Дреново во должина од 15,5 километри на меѓународниот тендер е избрана австриската компанија „Штрабаг“. Министерот Бочварски тогаш (22.07.2021) кажа дека „крајниот рок за изградба на експресниот пат е јули 2023, но очекувањата се дека ќе биде готов пред рокот“.  Меѓутоа, предвидувањата на министерот дека граѓаните „за две години  ќе возат по модерен и безбеден експресен пат“, не се остварија. Експресниот пат сè уште се гради, на терен се работеше и во текот на денешниот ден (29.06.2023), а сообраќајот од Градско до Прилеп и натаму се одвива по регионалниот пат.

Столбови за еден мостовите на експресниот пат, делница Дреново-Фариш, 29.06.2023
Фото: Вистиномер

ИЗВОРИ:

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...