fbpx

Ќе се прави анализа што сè шпански „Рубау“ (не)сработил на патот Градско – Прилеп

-

Фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ е избрана од Јавното претпријатие за државни патишта да го изработи елаборатот со пресек на извршените работи и предмер – пресметка на неизведените делови за изградба на експресниот пат Градско – Прилеп, во делот меѓу Дреновската и Фаришката клисура. Со 10,2 милиони денари вредниот договор ќе се направи анализа на досега изведените работи од идната делница долга 10 километри, по што би следело распишувањето на тендерот за избор на нов изведувач што ќе треба да ја догради трасата од експресниот пат.

Според податоците на ЈП за државни патишта, шпанската компанија „Конструксионес Рубау С.А“ за три години од работењето успеала да заврши 35 отсто изведени работи на патот. Шпанските изведувачи и ЈП за државни патишта меѓусебно се обвинуваат за раскинувањето на договорот, а за тоа која страна е во право ќе треба да одлучи меѓународната арбитража во Загреб.

На Електронскиот систем за јавни набавки е објавено образложение за целокупната постапка што довела до раскинување на договорот за изградба на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп.

Шпански „Рубау“ уште во март 2019 година најавил напуштање на договорот, со предлог за негово препуштање на друг изведувач. ЈП за државни патишта барало изведувачот да продолжи со зголемена динамика да го гради патот, независно од тоа што компанијата побарала препуштање на договорот на друг изведувач.

„Во меѓувреме од страна на надзорот известен е изведувачот на неколку пати за исклучително ниската ефикасност, а на крајот и констатацијата дека изведувачот Конструксионес Рубау С.А. го има повлечено целокупниот персонал и механизација од градилиштето“, се наведува во објавеното образложение.

Шпанскиот изведувач во текот на јули ја повлекол целокупната опрема од градилиштето и на 5 август годинава го известил ЈП за државни патишта дека отпочнал арбитражна постапка пред Интернационалниот суд за арбитражи. Шпанците бараат отштета во висина од 10 милиони евра, додека од ЈП за државни патишта велат дека изведувачот не доставил програма за работа за три месеци.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески веќе изјави дека очекува државата да го добие спорот пред меѓународната арбитража во Загреб. Тој потврди дека шпанскиот изведувач немал доставено план и програма за работа за три месеци и самоволно го напуштил градилиштето.

Очекувањата на властите се дека во првата половина на 2020 година ќе се реализира постапката за избор на нов изведувач за делницата меѓу Фаришката и Дреновската клисура. Експресниот пат Градско – Прилеп се гради во три етапи, а во моментов непречено се одвива изведбата на втората фаза меѓу Градско и Дреновската клисура. Третата фаза од проектот треба допрва да почне да се гради, а целокупниот експресен пат би требало да се заврши до крајот на 2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...