Жителите на Пробиштип со децении живеат со тешки отровни метали пред нивните домови [галерија]

Во старото хидројаловиште од овој рудник, депонирани се околу 12 милиони тони хидројаловина, што е еквивалентно на околу 6 милиони метри кубни преполни со тешки метали

Снимка од дрон од јаловиштето во Пробиштип; Фото: Мета.мк

Олово, кадмиум, цинк, жива, железо, бакар, арсен, ураниум и хемикалии како бакар сулфат, натриум цијанид, калиум амил ксантат, калциум оксид и калциум карбонат се само дел од опасните состојки кои ги содржи старото хидројаловиште во Пробиштип. Тешките метали кои се опасни по човековото здравје се лоцирани во самиот град, на стотини метри воздушна линија од градскиот пазар и во непосредна близина на бројни објекти, вклучително и куќи на жителите.

Во овој град лоцирана е една од најгорливите жешки еколошки точки во Македонија, која е создадена како резултат на децениското работење на рудникот за олово и цинк „Злетово“. Во старото хидројаловиште од овој рудник, депонирани се околу 12 милиони тони хидројаловина, што е еквивалентно на околу 6 милиони метри кубни преполни со тешки метали. Жителите на Пробиштип со децении живеат со опасните материи во својот двор, а најлоша е состојбата кога дува ветер и ја носи прашината од јаловиштето кон самиот град или кон населените места јужно од Пробиштип.

Докажано присуство на отрови во водите, почвата и земјоделските култури

Мета.мк беше во обиколка на старото хидројаловиште во Пробиштип, каде што може да влезе секој поканет и непоканет гостин. Самата локација на која се простира јаловиштето не е оградена. Кога бевме во посета на јаловиштето, забележавме десетина кози кои пасеа од растенијата кои изникнале во самото јаловиште.

Домашни животни се прехрануваат од растенија директно од јаловишната депонија; Фото: Мета.мк

Покрај проблемот со ветерот кој ја шири прашината од тешки метали, забележливо е дека во јаловишниот рид со метали се формирани бразди од врнежите, кои загадената вода ја носат директно во Киселичка река, која пак минува покрај самото јаловиште. Жителите на Пробиштип до ден денешен не ја забораваат кобната 1976 година, кога се случила хаварија со пукање на јаловишната брана и излевање на 150.000 метри кубни отровни метали низводно по Киселичка и Злетовска река.

Преку проект на Меѓународната агенција за соработка на Јапонија со македонската влада што бил спроведен во 2008 година, било извршено испитување на почвите, подземните и речните води, но и присуството на метали во земјоделските култури што се одгледуваат. Уште тогаш, констатирано е дека јаловиштето има тешки последици врз животната средина.

Јаловишната депонија со тешки метали во Пробиштип; Фото: Мета.мк

Па така, со испитувањето откриени се високи концентрации на олово, кадмиум, цинк, бакар и магнезиум во почвите што се наоѓаат вдолж реката Киселичка и долните текови на Злетовска река. Со јапонска помош, биле земени мостри од водата од бунари и извори во 29 села во регионот, при што биле забележани концентрации на арсен, кобалт, никел и олово кои се повисоки од националниот Стандард на вода за пиење. И во испитаните примероци од речните води, биле утврдени концентрации на никел, олово и магнезиум повисок од Стандардот за квалитетот на водите.

„Области со високи концентрации се најдени во резиденцијалните делови на Пробиштип, јаловиштата, вдолж Киселичка река и низводно по течението на Злетовска река. Јасно се следи трагата од излеаната јаловина вдолж полињата со високи концентрации“, се наведува во „Студијата за развој на капацитетите за управување со контаминирани почви поврзани со рударството во Република Македонија; Завршен извештај Том VI Краток преглед“.

Во овој документ што произлегол од истражувањето спроведено со јапонска помош е утврдено дека и дека области со високо концентрации на отровниот арсен се појавуваат во резиденцијалните делови на Пробиштип и во јаловиштата.

Воедно, испитувањето на земјоделските култури што се одгледувале во 2006 и 2007 година покажало дека концентрациите на олово во пченицата го надминале стандардот на Македонија во 36 отсто од мострите за 2006 година и 22 отсто од мострите за 2007 година, се наведува во документот.

Од спроведените детални истражувања со јапонска помош до денес се поминати повеќе од една и пол деценија, но многу малку е направено за да се санира јаловиштето и да се изврши чистење на теренот од тешките метали, со кои ќе се заштити здравјето на жителите на Пробиштип и околните села. При нашата обиколка на јаловиштето, забележавме дека на помал дел се изградени индустриски објекти и далновод, кои биле издигнати со покривање на овој дел од јаловиштето.

Општината молчи, министерството неинформирано 

Општина Пробиштип во февруари годинава ја објави веста дека планираат санација на старото јаловиште, за што била изработена проектна документација и биле започнати постапки за урбанизација, кои би овозможиле поставување на фотоволтаична централа на просторот на ова јаловиште. Од локалните власти беше најавено дека санационите работи ќе започнат пролетва, но при нашата посета на локацијата на почетокот на јуни не забележавме никакви активности на терен.

За да го објаснат проектот што планираат да го реализираат, Мета.мк во текот на мај и јуни во неколку наврати се обиде да стапи во контакт со Општина Пробиштип. Во пет наврати ги испративме нашите прашања по електронска пошта, а неколку пати се слушнавме и на телефон со одговорните за односи со јавност во општината, но и покрај ветувањата дека ќе одговорат, до пишувањето на овој текст не добивме подетални информации како ќе се санира старото хидројаловиште во Пробиштип.

За разлика од општинските власти, од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк велат дека не се информирани за најавата на Општина Пробиштип за решавање на проблемот со старото хидројаловиште преку санација на теренот и изведба на фотонапонски електрани.

Флотацијата со тешки метали во Пробиштип се одлага во моментов на ново јаловиште и се превезува преку отворен канал; Фото: Мета.мк

Од Министерството цитираат членови од Законот за животна средина, во кои се вели дека сопственикот на подрачјето треба да подготви План за управување со контаминирано подрачје, кој треба да го достави на одобрување до надлежниот орган на државната управа.

„За контаминирани подрачја под државна сопственост, за изготвувањето на планот, Владата може да ангажира домашно или странско правно лице или истото може да го довери на домашна или странска научна институција која ги исполнува условите од овој член согласно со прописите за јавни набавки. Во конкретниот случај, а земајќи предвид намерата на општина Пробиштип за искористување на земјиштето за фотонапонски електрани, ова е нивна обрска. Секако дека министерството ја подржува општината за санација, меѓутоа не сме добиле никакво барање“, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Тие додаваат дека според информациите што ги добиле од Министерството за економија, изработена е физибилити студија за оправданоста за доделување на концесии за минерална суровина, но на последниот објавен јавен повик за доделување концесија за експлоатација на минералните суровини од јаловиштето немало заинтересиран инвеститор.

Сепак, покрај опцијата за експлоатација на тешките метали од евентуален концесионер и нивно извезување во странство, втората можност што им стои на располагање на општинските власти е покривање на јаловиштето со земја. Но, од Министерството за животна средина и просторно планирање се децидни дека сите активности за санација треба да се изработуваат во согласност со план за управување со контаминирано подрачје, со точно дефинирана временска рамка.

Јаловишната депонија со тешки метали во Пробиштип; Фото: Мета.мк

За алармантната состојба во која се наоѓа старото јаловиште во Пробиштип, Мета.мк стапи во контакт и со Државниот инспекторат за техничка инспекција. Поставивме прашања за тоа дали досега вршеле контрола на старото хидројаловиште во Пробиштип, кога последен пат бил извршен инспекциски надзор, кои се заклучоците на нивните инспектори за оваа жешка еколошка точка и какви мерки определиле за да се спречи натамошното загадување од јаловиштето.  

Од Државниот инспекторат за техничка инспекција велат дека немале вршено инспекциски надзор над старото јаловиште во рудникот „Злетово“, бидејќи согласно со Законот за минерални суровини немаат надлежност за постапување на веќе завршени објекти и инсталации.   

„Согласно Законот за минерални суровини сите одредби кои се однесуваат животната средина се во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина“, информираат од Државниот инспекторат за техничка инспекција. 

Мета.мк стапи во контакт и со Државниот инспекторат за животна средина, од каде единствено добивме детални информации за количествата на јаловина што се складирани во старото јаловиште во Пробиштип и тешките метали што се складирани во него.  

Жителите бараат спас од отровите што им се во градот

Среда е пазарен ден во Пробиштип, а градскиот пазар е преполн со луѓе кои купуваат и продаваат овошје, зеленчук, облека и други производи. Џагорот меѓу жителите во овој мал град од Источна Македонија го прекинавме со нашите прашања за штетното влијание од јаловиштето, кое се наоѓа спроти пазарот. 

Пробавме да интервјуираме 20-тина граѓани на Пробиштип, но само двајца се согласија да зборуваат пред камера за проблемот на нивниот град. Кога ја спуштивме камерата, повеќето граѓани ни одговорија дека се свесни за здравствените проблеми што може да произлезат по човековото здравје од јаловиштето и за опасностите по животната средина.

Еден од ретките кои се согласија да зборуваат јавно е Стојанче Стоилов, кој 30 години работел во флотација во рудникот за олово и цинк „Злетово“. Вели дека санирањето на јаловиштето би можело да се направи со покривање со слој на чисто земјиште, додавајќи дека е добра идејата на Општина Пробиштип да се тампонира јаловиштето и да се користи за друга намена.

„Штетно влијание не се чувствува, како ќе осетиме. Вие знаете дека радиоактивноста не се осеќа. Ќе се осети на крајот“, вели Стоилов.

Тој додава дека кога дува ветерот, се носи прашина од јаловиштето и почвата се загадува, иако има обработливо земјоделско земјиште.

„Порано во овој дел се чувствуваше прашината покрај реката, ама сега не. Помалку ја има, бидејќи е залегната од дождовите, од самите хемикалии е стврдната јаловината, така што сега има помалку прашина“, додава Стоилов.

Неговиот сограѓанин Зоран Кузманов вели дека идејата на општината за да се санира јаловиштето и да се изгради фотонапонска централа на локацијата е одлична, бидејќи градот си има проблем со жешката еколошка точка.

„Идејата е одлична. Навистина е големо жариште за болести. Едноставно оловната прашина е нешто многу лошо за секој организам“, ни одговори Кузманов.

Тој додава дека имаат проблем со јаловиштето, бидејќи е многу блиску до градот, а складираните суровини ветерот ги шири или кон Пробиштип или надолу кон други села, во зависност од правецот од каде дува.

Здравјето на Пробиштип „чини“ 4,2 милиони евра

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк информираат дека во 2010 година подготвиле основен проект за санација на јаловиштето во Пробиштип, којшто вклучува спроведување на мерки за стабилизација на косините на јаловиштето, затрупување на јаловиштото со слој од земја и засадување на вегетација за да се спречи појава на прашина.

Објекти кои биле изградени на дел од јаловиштето во Пробиштип; Фото: Мета.мк

„Според финансиските показатели од проектот за санација на јаловиштето потребни се околу 4,2 милиони евра да се направат предвидените работи за ремедијација“, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање

Сепак, во рамките на овој проект не би влегла и опција за ископување на депонираната јаловина и нејзино извезување надвор од државата или пак евентуална преработка.

Во изготвената студија која треба да води кон рекултивација на јаловиштето се наведува дека површината на јаловиштето треба да се обложи со еколошка заштита за да се спречи ширењето на прашина, додека отпадните води од самото јаловиште треба да се прочистуваат. Се предлага концептот на биолошка рекултивација на теренот со пошумување.

И покрај сите студии, испитувања и основни проекти, за јаловиштето во Пробиштип до ден денешен не е избрано конкретно решение кое практично ќе се примени на терен. Жителите секојдневно се под опасност од отровните материи, а со загадувањето на животната средина и потенцијалните земјоделски производи кои се обезбедуваат од овој реон, проблемот со загадувањето ги надминува и границите на Пробиштип.