Македонија е втора најзагадена држава во Европа, според годишниот извештај на IQAir

Загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе годишно ширум светот, повеќе од СИДА и маларија заедно, а ефектот од тоа најмногу се чувствува во земјите во развој, се вели во извештајот

Принтскрин, годишен извештај на IQAir

Само седум земји го исполнуваат меѓународниот стандард за квалитет на воздухот, при што смртоносното загадување на воздухот на места се влошува поради враќањето на економската активност и токсичното влијание на чадот од шумските пожари, се вели во новиот извештај на веб-страницата која го мери квалитетот на воздухот IQAir.

Северна Македонија, после Босна и Херцеговина, е најзагадената земја во Европа, според концентрацијата на ПМ2,5 честичките во воздухот. Веднаш зад нас се Црна Года, Србија, Турција, Грција и Албанија.

Принтскрин, Годишен извештај на IQAir

Гардијан пренесува дека од 134 земји и региони опфатени во извештајот, само седум, вклучувајќи ги Австралија, Естонија, Финска, Гренада, Исланд, Маурициус и Нов Зеланд, ги исполнуваат ограничувањата на упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) за честичките што се испуштаат од автомобили, камиони и од индустриски процеси.

Огромно мнозинство земји не го исполнуваат овој стандард за ПM2.5 честичките, кои се помали од широчината на човечко влакно кои при вдишување можат да предизвикаат голем број здравствени проблеми, па и смрт.

Принтскрин, Годишен извештај за 2023 на IQAir

Најзагадената земја, Пакистан, има нивоа на ПМ2,5 за 14 пати повеќе од стандардот на СЗО, според извештајот на IQAir, додека Индија, Таџикистан и Буркина Фасо се исто меѓу најзагадените земји.

Најзагадена урбана област во светот минатата година била Бегусараи во Индија, земја која е дом на четири од најзагадените градови во светот.

Северна Македонија е на 32. место во светот според концентрацијата на ПМ2,5 честичките во светот.

Но, дури и во богатите земји кои брзо се развиваат, загрозен е напредокот во намалувањето на загадувањето на воздухот, наведува Гардијан.

Канада, која долго време се сметаше дека има најчист воздух во западниот свет, минатата година стана најлоша во однос на ПM2,5, поради рекордните шумски пожари што ја опустошија земјата.

Во меѓувреме, во Кина, подобрувањето на квалитетот на воздухот беше попречено минатата година поради закрепнувањето на економската активност по пандемијата од ковид-19, при што извештајот откри 6,5 отсто зголемување на нивото на ПM2,5.

Загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе годишно ширум светот, повеќе од СИДА и маларија заедно, а ефектот од тоа најмногу се чувствува во земјите во развој, каде што немаат сигурни мерења за квалитетот на воздухот, се вели во извештајот.