Глобално затоплување: Минатата година прогласена за најжешка во историјата

Планетата била за 1,48 Целзиусови степени потопла во 2023 година во споредба со периодот пред масовното согорување на фосилни горива да ја предизвика климатската криза

Фото: Kanenori from Pixabay

Во 2023 година е соборен рекордот за најжешка година во историјата на човештвото со огромна разлика на надминување на просечната температура на воздухот, пишува весникот Гардијан. За да се справи светот со глобалното затоплување, потребно е брзо намалување на согорувањето на фосилните горива.

Планетата била за 1,48 Целзиусови степени потопла во 2023 година во споредба со периодот пред масовното согорување на фосилни горива да ја предизвика климатската криза. Бројката е многу блиску до температурната цел од 1,5 Целзиусови степени поставена од земјите во рамките на Парискиот договор за климатски промени од 2015 година.

Научниците од Службата за климатски промени Коперник на ЕУ рекоа дека веројатно е дека ограничувањето на порастот на просечната температура над 1,5 Целзиусови степени ќе биде надминато за прв пат во следните 12 месеци од 2024 година.

Просечната температура во 2023 година беше за 0,17 Целзиусови степени повисока од 2016 година, претходната рекордна година за глобалното затоплување. Примарната причина за ова зголемено глобално загревање се континуираните рекордни емисии на јаглерод диоксид во светот, потпомогнати од враќањето на природниот климатски феномен Ел Нињо.

Високите температури на воздухот доведоа до топлотни бранови, поплави и шумски пожари низ целиот свет. Анализата покажа дека некои екстремни временски услови, како што се топлотните бранови во Европа и САД, би биле практично невозможни без глобалното загревање предизвикано од човекот.

Податоците на Коперник, исто така, покажаа дека 2023 година била првата година, кога секој ден бил барем за 1 Целзиусов степен потопол од прединдустрискиот рекорд за периодот 1850-1900 година. Речиси половина од деновите во 2023 биле за 1,5 Целзиусови степени потопли.

„Екстремите што ги забележавме во последните неколку месеци даваат драматично сведоштво за тоа колку сега сме далеку од климата во која се разви нашата цивилизација“, изјави директорот на Коперник Карло Буонтемпо.

Службата Коперник на ЕУ истакна голем број „впечатливи“ настани во 2023 година, вклучително и огромните пожари во Канада кои помогнале да се зголемат глобалните емисии на јаглерод диоксид од шумските пожари за 30 отсто и невидените високи температури на океаните.

Професорот Џон Маршам од Универзитетот во Лидс вели дека очајно треба брзо да ја намалиме употребата на фосилни горива и да достигнеме нето-нула емисии на стакленички гасови за да ја зачуваме климата за живеење од која сите зависиме.

Стотици научни студии покажаа дека климатската криза предизвикува поекстремни и почести екстремни временски услови. Додека 2023 година многумина ја сметаа како година во која глобалното загревање забрза, научниците рекоа дека повисоките температури се во согласност со предвидениот резултат на зголемени емисии на јаглерод диоксид. Сепак, брзината и интензитетот на тешките временски влијанија вознемири многу експерти.

Посебна анализа на јапонската метеоролошка агенција даде многу слични резултати како и Коперник, со рекордни 1,43 Целзиусови степени во 2023 година над прединдустриските нивоа и надминат претходен рекорд за 0,14 Целзиусови степени.