fbpx

Русија не ја уништи армијата на Украина

Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија, таа уште ја брани територијата на својата суверена држава. Во објавата произволно се тврди дека биле испратени 300 милијарди долари и притоа не се наведува кој ги испратил. Проверката на Вистиномер покажа дека се работи за пакет од 300 милиони долари кои ги вети администрацијата на Бајден

-

Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија, таа уште ја брани територијата на својата суверена држава. Во објавата произволно се тврди дека биле испратени 300 милијарди долари и притоа не се наведува кој ги испратил. Проверката на Вистиномер покажа дека се работи за пакет од 300 милиони долари кои ги вети администрацијата на Бајден. Белата куќа наоѓа начини да испрати нова воена поддршка за Украина. За 60-те милијарди кои се споменуваат во објавата, претседателот на САД Бајден веќе го потпиша Законот и најави „дека оружјето ќе почне да пристигнува за неколку часови во Украина“. Според Зеленски, оваа помош би била исклучителна за одбраната на Украина, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

10 години ја тренираа украинската војска, вложија преку 300 милијарди долари. Русите ја уништија, исто како и втората и третата армија, сосе целото украинско наоружање како и целото собрано оружје од Западот и други земји.
 Шо ќе поможат следните 60 милијарди? 
Упс, имало избори во САД и не му одговарало на Бајден дотогаш да капитулира Украина. 
ОК, значи после изборите не било толку страшно. А дотогаш нека гинат луѓето.
 Ех бе, Словените се потрошна роба за Западот. Не знам кога ќе се сфати овој прост факт.

Потоа се споделува фотографија од изјава на Столтенберг кој тврди дека одложувањето на помошта за Киев имало последици.

НАТО има помогнато со тренинг на украинската војска во последните 10 години, вклучително и во периодот на воената инвазија којашто Русија ја спроведе врз територијата на Украина во 2022 година, но и претходно како одговор на нелегалното присвојување на Крим. НАТО во 2014 година има помогнато трупите на украинската армија да добијат тренинг за одбрана, но тоа на ниеден начин не е поврзано со воената инвазија која почна во февруари 2022 година, а која беше неиспровоцирана и трае до ден денешен со контраофанзива на украинската војска. Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија со оглед на тоа што таа уште ја брани територијата на својата суверена самостојна држава.

Врските меѓу НАТО и Украина датираат од 1990 година и оттогаш се развија во едно од најзначајните НАТО партнерства. Од 2014 година, на почетокот на илегалното присвојување на Крим, соработката меѓу НАТО и Украина е интензивирана во критични области.Откако Русија спроведе целосна инвазија, НАТО и сојузниците овозможуваат помош.

Сојузниците никогаш нема да го признаат руското илегално и нелегитимно анектирање на Крим. Откако Русија нелегално го присвои Крим и откако почна агресија во источна Украина во 2014 година, НАТО ја зголеми својата поддршка за развој на капацитетите и создавање капацитети во Украина заедно со тренинг на десетици илјади украински војници од страна на сојузниците, пишува на сајтот на НАТО.

Значи, тренингот што им е обезбеден на украинските војници е реакција на руското анектирање на Крим односно повторно станува збор за активност на одбрана. Русите не ја имаат уништено украинската војска.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски го поздрави тоа што помошта за Украина од 60 милијарди долари беше усвоена од страна на американскиот House of Representatives, но потенцираше Вашингтон да биде брз ѝ да го претвори ова во закон за да се продолжи со преносот на оружје, додавајќи дека приоритет се оружја со долг дострел и воздушни одбранбени системи, објави Ројтерс.

Според него оваа воена помош би пратила силна порака до Русија дека Вашингтон стои зад Киев и дека нема да биде втор Авганистан.

Мислам дека помошта навистина ќе ги засили вооружените сили на Украина и ќе имаме шанса за победа, рече Зеленски.

Тој бараше брзо да помине законот во Сенатот за да се одговори на руската воена инвазија. Претседателот на САД, Џо Бајден го потпиша Законот на 24 април и најави „дека оружјето ќе почне да пристигнува за неколку часови во Украина“.
Во објавата се тврди дека биле испратени 300 милијарди долари и притоа не се наведува кој ги испратил. Меѓутоа, Вистиномер пронајде дека се работи за пакет од 300 милиони долари кои ги вети администрацијата на Бајден. Белата Куќа наоѓа начини да испрати нова воена поддршка за Украина. Советникот на САД за национална безбедност Џејк Саливан, на новинарите им кажа на 12 март, дека овие пари ќе дојдат од Пентагон, кој заштедил преку договори.
Овие 300 милиони долари се од договори односно заштеда од договори склучени од страна на Пентагон кој има буџет од 840 милијарди долари, пишува Радио Слободна Европа.

Инаку, кога станува збор за вкупната воена помош од 2014 година, според официјалните податоци на американскиот Стејт Департмент, САД има доделени 44,3 милијарди долари од почетокот на последната сеопфатна агресија агресија и уште 47 милијарди долари од првичната агресија во 2014 година, Овие две бројки заедно ни оддалеку не изнесуваат 300 милијарди долари, како што се вели во објавата

Бројни држави од Европа, како и САД помагаат Украина да се одбрани од руската воена агресија. Тоа се прави на национално ниво, но и на ниво на НАТО. Фактот што украинската армија се бори, е доказ дека таа не е уништена. Фактот што Зеленски бара помош од партнерите е доказ дека армијата на Украина има амбиции да продолжи да се бори за својата држава.

Во врска со тврдењето дека Словените биле потрошна роба на Западот, со тоа се промовира старата спинерска теза дека „НАТО ќе се бори во Украина до последниот Украинец“, која ја пласираше Путин за да ја оправда својата воена инвазија. НАТО ниту ја почна воената инвазија, ниту, пак, има свои војници во Украина. Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година, а Украина како независна држава има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели.

НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната. Војната би можела веднаш да престане, доколку Русија се повлече од украинската територија. НАТО помага во координацијата на украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставувањето на хуманитарна помош. Членот 5 (безбедносната гаранција на членот 5) и нејзиното ветување за колективна одбрана им дава увереност на сојузниците дека може да испраќаат оружје за Украина без притоа да ја намалат својата сопствена безбедност.

Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема, дронови и тенкови. До денеска, НАТО сојузниците обезбедија милијарди евра вредна воена опрема за Украина. Сојузниците, исто така, тренираат украински трупи за да ја користат оваа опрема. Сето ова, прави разлика на военото поле секој ден, помагајќи ѝ на Украина да го одржи своето право на самоодбрана, кое е наведено и во Повелбата на Обединетите нации.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матурантите се исплашени оти испити ќе полагаат во холови, нема да има препишување

Учебната година за матурантите завршува в петок. Ова е период кога се подготвуваат да слават со своите врсници и професори, заокружувајќи го средното образование, но и период кога се...