Грузиската полиција со водени топови и солзавец ги разби демонстрантите против законот за „странски агенти“

Леван Хабеишвили, лидерот на најголемата опозициска партија во Грузија, Обединетото национално движење, објави слика на Х со крваво лице и со помодрено око

Од протестите во Тбилиси, март 2023 г. | Фото: Voice of America, Public domain, via Wikimedia Commons

Грузиските безбедносни сили употребија водени топови, солзавец и шок-бомби против демонстрантите пред парламентот доцна во вторникот, остро ескалирајќи ја репресијата откако пратениците дебатираа за нацрт-законот за „странски агенти“, кој опозицијата и западните земји го гледаат како авторитарен и инспириран од Русија, објави Ројтерс.

Очевидци за Ројтерс велат дека дел од полицијата физички ги нападна демонстрантите, кои фрлаа со јајца и шишиња кон нив, пред да употребат солзавец, водени топови и шок-бомби за да ги принудат демонстрантите од областа пред зградата на парламентот изградена во време на Советскиот Сојуз.

Леван Хабеишвили, лидерот на најголемата опозициска партија во Грузија, Обединетото национално движење, објави фотографија на Х со крваво лице и со помодрено око. Претставник на партијата изјави за Ројтерс дека Хабеишвили бил претепан од полицијата откако исчезнал од центарот на Тбилиси.

Откако беа растерани од парламентот, околу две илјади демонстранти продолжија да ја блокираат главната авенија Руставели во Тбилиси, забарикадирајќи ја со маси од околните кафулиња и со канти за ѓубре. Некои извикуваа „Робови“ и „Руси“ кон полицијата.

Претходно, полицијата употреби спреј солзавец и палки за да расчисти некои демонстранти кои се обидуваа да ги спречат пратениците да го напуштат парламентот преку задниот влез.

Грузискиот претседател Саломе Зурабичвили, отворен непријател на владата чии овластувања се претежно церемонијални, во објавата на Х рече дека интервенцијата била „целосно неоправдана, неиспровоцирана и непропорционална“ и дека протестите биле мирни.

Предлог-законот ги засили поделбите во длабоко поларизираната јужна кавкаска земја, поставувајќи ја владејачката партија Грузиски сон против протестното движење поддржано од опозициските групи, граѓанското општество, познатите личности и претседателот.

Парламентот, кој е под контрола на Грузискиот сон и неговите сојузници, најверојатно ќе го одобри нацрт-законот, кој мора да помине уште две читања пред да стане закон. Пратениците ја завршија седницата во вторникот без гласање, а расправата продолжи денеска. Вечерва повторно се очекуваат протести.

Нацрт-законот ќе бара од организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „странски агенти“.

Грузиските критичари го нарекоа предлог-законот „руски закон“, споредувајќи го со законот за „странски агенти“ на Москва, кој беш искористен за сузбивање на дисидентите таму.

Жозеп Борел, висок претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, како и потпретседател на Европската комисија силно го осуди „насилството врз демонстрантите во Грузија кои мирно демонстрираа против законот за странско влијание. Грузија е земја кандидат за членка на ЕУ, ги повикувам нејзините власти да го обезбедат правото на мирно собирање. Употребата на сила за да се потисне е неприфатлива.“

Мајкл Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот му упати порака на премиерот на Груција: „Почитуван премиере Кобахиџе. Веднаш престанете со насилството врз вашите граѓани, кои демонстрираат мирно на улиците за европските вредности. Повлечете го законот за странски агенти! Не ја уништувајте иднината на Грузија која лежи во срцето на Европа!“