fbpx

Со автопатите на „Бехтел-Енка“ се нарушени контролните точки што обезбедуваат интегритет во одлучувањето

Корумпираните актери прибегнуваат кон озаконување на коруптивната пракса за да осигурат дека дури и со непредвидлива иднина ќе ја избегнат правдата. Или накратко, од злоупотреба на воспоставени правила, корупцијата се преместува во доменот на воспоставување правила е еден од заклучоците во анализата

-

Корумпираните актери прибегнуваат кон озаконување на коруптивната пракса за да осигурат дека дури и со непредвидлива иднина ќе ја избегнат правдата. Или накратко, од злоупотреба на воспоставени правила, корупцијата се преместува во доменот на воспоставување правила.

Ова е еден од заклучоците од анализата на Институтот за демократија, која се фокусира на системските пропусти поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Денеска во хотелот „Панорамика“ се одржа настанот „Интегритет на носење одлуки: системски пропусти во случајот „Бехтел-Енка“, на кој се дискутираше за пропустите во постапката за избор на компанија за надзор врз изградбата на автопатиштата од Коридорите 8 и 10д, како и пропустите при склучување на договорот помеѓу владата и конзорциумот „Бехтел-Енка“ за изградба на автопатиштата.

Миша Поповиќ, раководителот на Центарот за добро управување при Институт за демократија истакна дека случајот со „Бехтел-Енка“ кажува дека самите институции, кои треба да го чуваат својот процедурален пат на носење на одлуки од почеток до крај, не успеале да контролираат односно да спречат закони за чие носење има процедурални пропусти да не се разгледуваат, да се вратат или да биде активирано вето.

„Очекувано е дека намалувањето на ризикот кај корумпираните актери е токму во експлоатацијата на процедуралните слабости и креирање на специјални закони или измена на закони кои што даваат определена привилегија и со тоа се избегнува потенцијална кривична одговорност во иднина. Тоа ни укажува на потребата од поголем притисок за употреба на заштитните механизми кои што се добро напишани, но имаме проблем во нивна имплементација. Истовремено веројатно во иднина ќе треба да се провери на кој начин судската власт може да биде вклучена во заштита на креирањето на одлуките“, вели Поповиќ.

Новинарката во „Призма“, Фросина Димеска и новинарот во „360 степени“, Александар Димитриевски, го следеа овој случај. Димеска кажа дека истражувањата на „Призма“ покажуваат оти државните институции направиле неколку пропусти.

„Истражувањето наше покажа дека надлежните односно државните институции не прават никакви длабински и посериозни проверки на оние кои што конкурираат на тендерите дури и кога даваат големи пари од државниот буџет, но и се задолжуваат со кредити. Исто така покажува и дека надлежните имаат ненаучена лекција од претходното искуство со досегашните проекти, како оној со градењето на автопатот Кичево-Охрид, за кој што се земаа кинески кредити. И тоа е автопат кој што беше договорен со специјален закон, а е автопат за кој што многу пати до сега беше пробиен рокот за изградба, беше неколкукратно зголемена почетната сума, а отворен е и судски случај“, додаде Димеска.

Една од мисиите на новинарство е да биде куче чувар на јавниот интерес и тоа не мислам само на политичките одлуки туку и за трошењето на јавните средства, смета Димитриевски.

„Нашиот главен порив беше да се држи една тензија и да внимаваме на секој чекор како ќе се трошат државните пари. Во целиот случај имаме прескокнување низа законски и подзаконски решенија за да се форсира да се гради овој проект“, додаде Димитриевски.

Инаку, во анализата се наведува дека случајот со носењето на Законот за коридорите 8 и 10д покажува како четири контролни точки во процесот последователно не успеваат да обезбедат интегритет при носење на одлуките.

Приватниот интерес на конзорциумот влегува непречено во процесот на носење одлуки во Владата, каде што се занемаруваат и закони и деловник за работа. Собранието не ја остварува својата контролна и консултативна улога, туку занемарувајќи го сопствениот деловник за работа овозможува суштествени пропусти при носењето на дискутираните закони.

„Последната точка, на патот на една идеја до влегување на закон во сила, Претседателот ги занемарува сите претходно акумулирани пропусти и не ја користи својата улога на контратежа во процесот на носење одлуки. Сето ова упатува на потребата во иднина да се прошири обемот на контрола, вклучувајќи ја и судската власт во ценење на процесот на носење одлуки“, се наведува во анализата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...