fbpx

И темелните права под скенерот на ЕК – загрижувачки оценки за затворскиот систем, родовата еднаквост, правата на децата

-

Acquis за темелните права во најголема мера се состои од меѓународни стандарди – пред сѐ конвенциите на ООН, како и на Советот на Европа, но и стандардите што ги развиваат бројните тела воспоставени за следење на спроведувањето на меѓународните конвенции. Сепак, во некои области постои и т.н. „тврдо“ acquis – тоа се задолжителните правни акти на ЕУ. Такви акти на ЕУ постојат во подрачјата: недискриминација, заштита на личните податоци, процедуралните права и заштитата на жртвите на кривични дела, како и за медиумите.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Извештајот од скринингот за Темелните права детално ги разработува правната и  институционалната рамка, како и спроведувањето на правата. Правата и слободите се  систематизирани според Повелбата на темелните права на ЕУ и ги содржат првите три групи на права од Повелбата: дигнитет; слободи, еднаквост. Социјалните права се предмет на разгледување во Поглавјето 19: Социјална политика и вработување.

Општата оценка дека Македонија е делумно усогласена со стандардите и правото на ЕУ, натаму се диференцира: додека за правната рамка се вели дека во голема мерка е воспоставена, главните забелешки се за имплементацијата. Меѓутоа, деталната анализа покажува дека и усогласеноста на правната рамка, особено во подрачјата кадешто има „тврдо“ acquis – не е на завидно ниво.

Она што најмногу загрижува е што одделни проблеми се хронични и оценките за нив се повторуаваат не само со години – туку со децении.

Извештајот ја оценува правната рамка за правото на живот и на интегритетот на личноста и човековото достоинство како во голема мера усогласена со acquis и европските стандарди, но потребно е усогласување со одредбите на Повелбата на темелните права во подрачјата на медицината и биологијата.

Загрижувачки, но не и изненадувачки, се острите критики за спречувањето на тортурата и нечовечкот и понижувачо постапување и затворскиот систем, откако Македонија со години не ги спроведува адекватно препораките на Европскиот комитет за спречување на тортурата. Засрамувачка е оценката за состојбата на затворскиот систем: „здравствена заштита со низок квалитет, меѓузатвореничко насилство, бедни материјални услови, отсуство на корисни активности и ендемска корупција“. Изрична е и критиката за непрофесионализам во управувањето на затворскиот систем.

Правната рамка за правото на брак и на основање семејство се оценува како начелно усогласена со европските стандарди, но се укажува на проблемот на малолетнички бракови.

Заштитата на личните податоци е делумно усогласена со acquis, но загрижува фактот што, и покрај веќе скоро две децении од постоењето на Агенцијата за лични податоци, се укажува на недостаток на вработени. Друга значајна опсервација на Извештајот е дека нема оценка за усогласеноста на Изборниот законик со Законот за заштита на личните податоци, особено по воведувањето на биометриските податоци.

Се цени дека слободата на мислата, совеста и религијата е гарантирана и правно и во практиката.

Единственото подрачје од Темелните права за кое ЕУ дава и униформирана оценка е слобода на изразувањето, вклучувaјќи ја и слободата и плурализмот на медиумите – 2,5. Усогласеноста со acquis и стандардите на ЕУ се цени како делумна. Констатирано е дека Владата отстапила од со закон утврдените нивоа на финансирање на јавниот радиодифузен сервис и регулаторот (Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги). Иако општиот конктекст се оценува како поволен за слободата на изразувањето, забалежани се напади, закани и заплашувња на новинарите, па се бараат повисоки стандарди на јавните функционери во нивниот однос кон новинарите. Се констатира потреба од стратешка рамка за медиумскиот сектор и консолидација на финанската стабилност и независност на регулаторот, како и продолжување на реформата на МРТВ. Извештајот само ја констатира, но не дава оценка за дебатата за можноста за повторно воведување на државното рекламирање во приватните медиуми, единствено барајќи поголема транспарентност. Се укажува на потреба од усогласување со acquis во поглед на дезинформациите. Препорачано е и забрзување на саморегулацијата на медиумите.

Законодавството за слободата на собир и на здружување е оценето како усогласено со Повелбата на темелните права и со Европската конвенција на човековите права. Сепак, се бараат повеќе напори за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Иако конкретно не се споменуваат последните законски измени (мотивирани од имињата на „бугарските“ клубови), се напоменува дека секоја измена треба да биде во согласност со acquis и донесена по широки консултации, како и по добиено мислење од Венецијанската комисија.

За недискриминацијата е констатирана делумна усогласеност на правната и институционалната рамка. Оценето е дека Комисијата за заштита и спречување од дискриминација функционира, наспроти намалувањето на буџетот и неименувањето два члена. Се укажува на можни преклопувања со Народниот правобранител.

Покрај проценката дека правната рамка за борба против расизмот и ксенофобијата, говорот на омраза и кривични дела од омраза е делумно усогласена со acquis, клучните забелешки се однесуваат на потребата од систематско следење и јакнење на капацитетите на институциите за превенција и гонење на говорот и делата од омраза.

Оценките за родовата еднаквост и правата на жените се прилично критични. Покрај констатираната делумната усогласеност на законодавната рамка, критиките се однесуваат на недостатокот на податоци за да може да се креираат соодветни политики, вклучувајќи и недостаток на инструменти за родово-осетливо стратешко и буџетско планирање. Се укажува дека е потребно натамошно  усогласување, но и развивање на услугите за да се достигнат стандардите на Истанбулската Конвенција. Се констатираат недоволни капацитети и недоволна координација на надлежните служби, што резултира со недоволна поддршка на жртвите на силување и насилство.

Оценката за правата на детето е многу критична. Единствено за ова подрачје изрично се вели дека правната рамка не е во согласност со меѓународните стандарди и директивите на ЕУ. Се оценува дека не се разрешуваат структурните предизвици: нема стратешка рамка, нема доволно ресурси на надлежните институции, нема соодветни услуги, а во системот на социјална заштита отсуствува професионален развој и надзор за услугите за заштита на децата. Недостасуваат програми за социјална, психолошка и правна поддршка на децата жртви на насилство.  Се укажува и на потребата од еднаков пристап до квалитетно образование. Сериозни недостатоци се забележуваат и во спроведувањето на Законот за малолетничка правда.

И покрај постоењето на стратешка и институционална рамка, се заклучува дека лицата со попреченост се соочуваат со дискриминација, што го има утврдено и Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата во повеќе предмети. Позитивна е оценката за процесот на деинституционализација.

Правната рамка за правата на лицата лезбејки, геј, трансродови, интерсекс и квир се цени како во голема мерка усогласена со acquis, но со проблеми во спроведувањето, особено спречувањето и гонењето на делата од омраза кон овие лица. Комисијата не пропушта да го забележи фактот дека не се донесени измените на Законот за матична евиденција со кои требаше да се спроведе пресуда на Европскиот суд за човекови права.

Правото на сопственост е гарантирано во согласност со acquis. Се забележува на долгите и скапи постапки, како и на сѐ уште нерешените предмети за денационализација.  

Делумна усогласеност е оценета за процедуралните права уредени со повеќе директиви на ЕУ – правата на информирање во кривичната постапка, на адвокат, на бесплатна правна помош, како и за процедуралната заштита на децата во кривичната постапка. Иста е оценката и за правата на жртвите на кривични дела.

Фокусот во однос на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата и културни права е ставен на имплементација на Стратегијата „Едно општество за сите“, вклучувајќи ги и препораките на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа. Се забележува за недоволна координација меѓу различните надлежни тела, како и за потребата од „зголемување на  отпорноста кон политичко мешање“ на институциите (Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните). Се констатира недостаток на преведувачи и билингвален персонал во институциите. Комисијата оценува дека претставеноста на заедниците кои не се мнозинство на локално ниво е ниско, како и големи разлики во спроведувањето на законот меѓу општините. Иако позитивен во однос на стратешката рамка за Ромите, Извештајот укажува на постојни долготрајни проблеми и потреба од систематски мерки и градење на капацитетите за да се спречи повеќекратната и структурна дискриминација на Ромите, како и специфичните проблеми како што се уличните деца, раното напуштање на школувањето, ранливоста на жените и девојките Роми.

Конечно, прашањето на внесување на бугарската заедница во Уставот воопшто го нема во делот од Извештајот од скринингот во кој се дава оценка на Комисијата за состојбите. Избегната е каква и да е оценка за усогласеност со acquis или европски стандарди. Во делот за изложеното од државата се содржи намерата за внесување на други заедници, вклучувајќи ја бугарската. Потоа во резимето на наодите е вметната реченицата од последниот извештај на ЕК и заклучоците на Советот на ЕУ – дека „Северна Македонија се обврзала да започне и приоритетно да ги постигне соодветните уставни измени, со цел да се вклучат во Уставот граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи“.

Четвртото подрачје од Поглавјето 23 – Права на граѓаните на ЕУ  е „тврдо“ acquis на ЕУ  и вообичаено се усогласува пред пристапувањето, зашто се однесува на правата кои на граѓаните на новата членки ќе им припаднат како на граѓани на ЕУ – правото на глас и избор во Европскиот парламент и на локално ниво во ЕУ, правото на слободно движење во ЕУ, како и на конзуларната заштита. Оттаму, не изненадува оценката дека во ова подрачје не сме усогласени. Меѓутоа, Комисијата не пропушта да опомене дека е потребно воздржување од овозможување систематско стекнување државјанство врз основа на посебен економски интерес.

Резиме на наодите

Извештај од скринингот, Кластер 1, Поглавје 23: Правосудство и темелни права

Области: Темелни права и Права на граѓаните на ЕУ

Оценка за подготвеност: не е дадена на ниво на поглавје

Област/подрачје Резиме на наодите
III Темелни права

 

Правната и институционалната рамка на Северна Македонија е делумно усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди за темелните права. Правната рамка, вклучувајќи ги и правата на луѓето кои припаѓаат малцинствата, во голема мера е воспоставена, но имплементацијата треба да се зајакне за да се гарантира целосно уживање на човековите права во пракса, особено во однос на:

–    доследно спроведување на препораките на меѓународните тела за следење на човековите права;

–    зајакнување на капацитетите на националните тела со надлежности за унапредување и одбрана на човековите права;

–    подобрување на условите на лицата лишени од слобода;

–    зголемување на заштитата на слободата на изразување;

–    унаредување на родовата еднаквост и недискриминација;

–    зголемување на ефикасноста во справувањето со криминалот од омраза и говорот на омраза;

–    заштита на правата на децата;

–    заштита на лицата со посебни потреби;

–    зајакнување на капацитетите и независноста на институциите надлежни за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците.

Северна Македонија се обврза да започне и приоритетно да ги спроведе соодветните уставни измени, со цел да се вклучат во Уставот граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи.

IV. Права на граѓаните на ЕУ Правната и институционалната рамка не е усогласена со правото на ЕУ за правата на граѓаните на ЕУ.

Северна Македонија треба да:

–     обезбеди целосно усогласување на својата законодавна рамка со правото на ЕУ за да се обезбеди целосно уживање на сите права на граѓанство на ЕУ при пристапувањето.

–    да се воздржи од овозможување систематско стекнување државјанство врз основа на посебен економски интерес.

 

 

Оригинален извор на анализата е Порталб.мк

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...