fbpx

Ковачевски: Го разбирам скептицизмот на граѓаните за пругата кон Бугарија, но ќе работиме напорно [Галерија]

-

Свесен сум дека постои скептицизам, јас сум еден од оние кои практично пораснаа со проектот железница кон Бугарија. Од моментот кога станав свесен за тоа што се железнички коридори, тогаш почна да се гради овој железнички коридор и сѐ уште не е изграден. И знам зошто постои тој скептицизам, таа недоверба дека некогаш и ќе се случи ова. Системот ни е таков и тоа на многу места, јасен ми е сентиментот на граѓаните. И за да можеме да го поправиме, треба сето ова најпрво да си го признаеме, а потоа да се зафатиме со работа.

Со таква порака се обрати премиерот Димитар Ковачевски на денешната церемонија на отпочнување со градба на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. На свеченоста близу Шупљи Камен беше и техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев, потоа евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, како и министри од владите на Северна Македонија и Бугарија, но и претставници од Делегацијата на ЕУ и Европската банка за обнова и развој, коишто всушност го даваат лавовскиот дел од потребните пари за железничко поврзување на Северна Македонија и Бугарија.

Градежните работи ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година, и опфаќаат тунели во должина од 5,5 километри, железнички мостови, надвозници и подвозници, железнички станици и стојалишта, како и нов систем за сигнализација и телекомуникација.

„Денес продолжуваме со остварување на целта, од национално, стратешко и меѓународно значење за Република Северна Македонија. Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори. Северна Македонија географски, природно е крстосница, клучна точка на поврзување и кон Европа, но и кон Јадранското и Црното Море. Со капитални проекти како овој, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња“, порача македонскиот премиер на почетокот на својот говор.

Македонскиот премиер нагласи дека изградбата на пругата истовремено е и изградба на заедничката европска иднина.

„Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, железничко поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката на регионот во целина“, нагласи тој.

Ковачевски веднаш потоа се насочи на медиумските известувања за најавата за почнување на реализацијата на целосната изградба на пругата, на чија траса веќе има дел објекти и поставена траса, но и на скептицизмот на народот за завршувањето на проектот кој беше почнат пред повеќе од 28 години. По констатацијата дека и медиумите и граѓаните се во право, Ковачевски јасно вети дека ќе се работи напорно овојпат да се завршат сите работи како што треба, односно да се рехабилитираат објектите и дел од трасата изградени пред многу години и потоа да се продолжи со градежни работи до целосното завршување на пругата.

Тој недвосмислено ги посочи причините зошто проектот почнат во 1994 година, досега не е изграден.

„Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење, или немало доволна посветеност или имало премногу корупција. Или сите 3 работи заедно.

Затоа, тука, пред вас, одговорно тврдам дека единствената опција која ја имаме е да ги удвоиме напорите и напорно да работиме. И да го сработиме сето ова со нашите пријатели, со нашите соседи, со ЕУ. Можеме секако да зборуваме зошто нешто не можело или како требало да се направи. Но имаме и опција да избереме да работиме и да одиме напред, да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина“, порача Ковачевски.

Бугарскиот премиер во својот говор на церемонијата кај Шупљи Камен рече дека пругата ќе значи остварување на еден сон на многумина од двете страни на границата што се сонува веќе 140 години.

Говор на Галаб Донев , технички премиер на Бугарија, на почетокот на рехабилитацијата и изградбата на пругата кон Бугарија. Фото: Влада на РСМ, 29 октомври 2022.

„Железничката траса на Коридорот е важна за земјите низ коишто се протега, како за Бугарија, за Северна Македонија, така и за Албанија, и несомнено ќе создаде голема додадена вредност на развојот на целиот наш регион. Во изминатите над 140 години реализацијата на инфраструктурата и поврзувањето, коишто се самата основа на денешниот Коридор 8, беше копнеж на редица генерации од двете страни на границата. Коридорот 8 ќе ја овозможи клучната врска меѓу Бугарија, Северна Македонија и Албанија, меѓу граѓаните и бизнисите на трите држави“, порача техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев во неговиот говор.

На церемонијата за почетокот на работите за рехабилитација и доизградба на железничката врска со Бугарија, се обратија и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, директорот на Македонски Железници, Хари Локвенец и Анди Аранитаси од ЕБОР.

Инаку, најголемиот дел од парите за завршувањето на пругата ќе дојдат од ЕУ и ЕБОР.

Транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор VIII) се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел на овој паневропски коридор долг 315 километри минува низ Северна Македонија, односно Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка. Меѓутоа, врските недостасуваат на западниот крај (од Кичево до границата со Албанија) и на источниот крај (од Куманово до границата со Бугарија).

Фото: Влада на РСМ, 29 октомври 2022

Вкупната должина на источниот крај на железничкиот Коридор VIII е 88,2 километри од кои 34 километри, односно делницата Бељаковце – Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Грант финансиран од ЕУ-WBIF од 75 милиони евра, дополнет со национален придонес од 1 милион евра, е доделен за да се доближи овој железнички дел до современите стандарди. Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година, и опфаќаат тунели во должина од 5,5 километри, железнички мостови, надвозници и подвозници, железнички станици и стојалишта, како и нов систем за сигнализација и телекомуникација. Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за завршување на источниот крај на железничкиот Коридор VIII до границата со Бугарија, потсети Делегацијата на ЕУ во земјава.

Откако ќе биде завршена, се очекува железничката делница да го зголеми годишниот обем на товар за 20 отсто до 2040 година и да обезбеди пристап до современите транспортни средства за повеќе од 350.000 луѓе. Ќе се намали времето на патување, како и загадувањето на воздухот и бучавата.

Од 2007 година, ЕУ обезбеди над 500 милиони евра за транспортниот сектор и преку Инструментот за претпристапување и преку WBIF.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...