fbpx

Автопатот Кичево – Охрид затрупан во свлечишта, ни по една деценија не се гледа крајот

Со анекс на Договорот рокот за изградба најнапред беше продолжен до 30 јуни 2021, а потоа рокот беше повторно пролонгиран за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Сега пред автопатот се испречија и 13 нови свлечишта за кои допрва ќе се бара решение

-

Наспроти оптимизмот што го ширеше власта дека од јануари оваа година до Охрид ќе се возиме по нов автопат, последните информации не влеваат надеж дека историската автопатска делница ќе биде завршена во скоро време. Пред автопатот Кичево-Охрид долг 57 километри, кој започна да се гради во февруари 2014 година во времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сега се испречија 13 нови свлечишта, за кои ќе се бара трајно решение од проектантски и технички аспект. Според државните ревизори ова е најголема и најскапа инфраструктурна инвестиција со децениска изградба, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски по увидот во работите на автопатот Кичево – Охрид (07.02.2024) даде недоследна изјава околу динамиката на изградбата за оваа делница која веќе требаше да биде готова:

Свлечиштата и процедурите за нивно решевање на првата и втората делница кои се појавија на трасата на автопатот Кичево – Охрид ќе го продолжат рокот за завршување. Проблемите во изведбата се од проектантски и технички аспект. Државата и наредниот период ќе продолжи да работи на трасата, со решавање на косините и свлечиштата, надминување на спорните точки и новонастанатите проблеми на проектот.

[Извор: А1 ОНТајм.мк – датум: 07.02.2024]

 

Образложение:

Оваа изјава на министерот Благој Бочварски е недоследна во однос на роковите кои ги даваа тој и лидерот на СДСМ, доскорешниот премиер Димитар Ковачевски дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде готов  до крајот на 2023 година. Па наспроти оптимизмот што го ширеше власта дека од јануари оваа година до Охрид ќе се возиме по нов автопат, последните информации не влеваат надеж дека историската автопатска делница која влезе во втората деценија од нејзината изградба ќе биде завршена во скоро време. Пред автопатот Кичево-Охрид долг 57 километри, кој започна да се гради во февруари 2014 година во времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сега се испречија 13 нови свлечишта, за кои Бочварски вели дека ќе се бара трајно решение од проектантски и технички аспект. А, тоа несомнено ќе го пролонгира рокот за завршување на трасата и тоа на неодредено време.

Но, овојпат министерот не прецизира кога би била готова делницата, туку претпазливо вели дека „точниот датум за тоа кога овој автопат би бил комплетно безбеден и пуштен во употреба зависи од тоа кога државата би отворила постапка за избор на проектант“.

 

Трасата заглави во свлечишта

Бочварски, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и професори и експерти од градежништво, во средата (07.02.2024) беа во обиколка на трасата, посочува дека се бара решение за  надминување на проблемите.

Тука сме да објасниме технички и практично како се решаваат ваквите проблеми на терен. Клучно е дека за секое од овие свлечишта настанати кон крајот на минатата година, е потребна дополнителна техничка документација со ревизија што ќе ја даде стабилизацијата на тие косини. Голем дел од тие косини се веќе двапати проектирани, сега ќе биде потребна и трето проектирање на иста косина…, Тоа секако е нешто клучно за идно безбедно одвивање на сообраќајот, вели Бочварски.

Во прашање се специфични проектантски дејности, за кои Бочварски апелираше внимателно да се известува јавноста за постапките што ќе следуваат наредниот период:

Треба да се отвори постапка за дополнително проектирање, потоа да се свика ревизија на таа проектна документација, од која ќе произлезе и предмет-пресметка што ќе ги даде количните и начинот на новата реализација односно решевањето на тие косини, по што ќе влезе механизацијата да работи на трасата според новата проектна документација.

 

Стани Благоја сите да те видат!

Но, наспроти сегашната внимателност во прогнозите за завршувањето на автопатот, власта во неколку наврати ветуваше дека делницата ќе биде готова до 31 декември 2023 година. Токму Ковачевски и Бочварски  на партиска трибина во Охрид  (18 ноември 2022) уверуваа дека на почетокот на 2024 година граѓаните ќе возат по новиот автопат.

Одговорен за патот да биде готов во јануари 2024 си ти како министер за транспорт и врски. И затоа, Благоја еве го тука, стани Благоја да те видат сите! Дајте му поддршка затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид. И нема изговори и нема предавање, затоа што секоја цел, Благоја, е достижна, ако седнеш со твоите колеги… и  ако секои две недели гледате и работите со надзорот, со изведувачите, верувај ми дека таа цел е достижна и во јануари ќе можеш сите да не повикаш во 2024 година да се возиме по тој автопат од Кичево до Охрид , го храбреше Ковачевски министерот Бочварски пред сопартијците на трибината во Охрид. (од 47,55 до 48,52 минута од видеото).

Дека патот ќе биде завршен до крајот на 2023 година Ковачевски кажа и претходно истиот ден (18.11.2022), кога  правеше увид во градежните работи на тунелот Кичево–Охрид

Завршувањето на овој патен правец е приоритет и за Владата, но и задача за Министерството за транспорт и врски и за ЈПДП. Очекувам до средината на идната година да се оспособи левата лента за сообраќај со околу 90 отсто, за да можат граѓаните да ја користат, а министерот за транспорт има задача секојдневно да се грижи, да биде фокусиран за да се исполни рокот до крајот на идната година да се завршат целосно градежните работи.

На 16 декември 2022 година и Бочварски изјави дека „прават притисок  автопатот Кичево – Охрид  да се заврши во предвидениот рок – 31 декември 2023 година“.

Фото: Принтскрин видео

Една година подоцна (ноември 2023), пак, Ковачевски се закани дека ќе бара ревизија на проектот и раскинување на договорот за изведба на автопатот Кичево-Охрид:

Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и сè уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа на причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот.

Но, заканите на Ковачевски не се остварија. Владата на крајот на минатата година (декември 2023), сепак одлучи да потпише анекс на договор со „Синохидро“ за да се продолжи рокот за изведба на градежните работи.

 

Ковачевски: Проект бравен со Гугл мапс!

Во врска со евентуалното поскапување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, десетина дена пред заминувањето од премиерската функција, Ковачевски изјави дека тоа ќе зависи од анализите на експертите во државните институции, ФИДИК експертите и пратениците во Собранието.

Очекувам сите договори да се почитуваат и тој автопат требаше досега три пати да биде готов. Убаво треба да се анализира зошто има толку пропусти. Еве еден податок, на готови делови од автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта и цели ридови беа паднати врз автопатот. Треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат на свлечиште кое што веднаш паѓа на автопатот. Автопатот е готов 80 отсто, но свлечиштата мора да се регулираат.

Од она што го гледав во проектот, кога тој е направен, една од косините е така направена што почнува од Кичево, а завршува во Албанија. Тој е проект направен со Гугл мапс, вели Ковачевски.

Градежни активности на автопатот Кичево-Охрид,  07.02.2024 Извор: Фејсбук страница на ЈП за државни патишта

ДЗР: Најголема и најскапа инфраструктурна инвестиција со децениска изградба

Историски долгата изведба на автопатот  ја забележа и Државниот завод за ревизија (ДЗР). Овој автопат е најскапиот кој се гради во државата, при што еден километар до крајот на 2022 година чинел околу 9 милиони долари, откриле ревизорите:

И покрај дополнителниот заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за шест години, и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, автопатот Кичево – Охрид уште не е изграден. Ова е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба во државата.

Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, токму оваа делница е најголемиот инфраструктурен проект опфатен во ревизијата.

Делницата е со должина од 56,7 километри, а нејзината изградба заклучно со крајот на декември 2022 година, изнесувала околу 31,6 милијарди денари (околу 512 милиони евра). За еден километар од овој автопат, до крајот на 2022 година, според ДЗР, биле инвестирани 557 273 000 денари (речиси 9 милиони евра).

До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра, се наведува во соопштението на ДЗР.

Оттаму додаваат дека во јануари 2014 година е склучен Договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

Фото: Принтскрин од соопштението на ДЗР

Како основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид  ревизорите ги посочуваат

Недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно-правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

Експертите и професорите присутни на увидот на градежните работи  (07.02.2024) сметаат дека една деценија е долг период за изградба на автопат од 57 км. Нивните проценки се дека доколку целата постапка за новото проектирање би течела како што треба санацијата на свлечиштата би траела околу една година.

Сепак, никој не дава прогноза кога ќе биде завршен автопатот Кичево-Охрид кој започна  да се гради во февруари 2014 година, во времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и според првичните планови тој требаше да биде готов до февруари 2018 година. Но, изградбата се пролонгираше, а во меѓувреме се смени и власта, следеше препроектирање и допроектирање на недостатоците во проектната документација. Со анекс на Договорот рокот за изградба најнапред беше продолжен до 30 јуни 2021, а потоа рокот беше повторно пролонгиран за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Сега пред автопатот се испречија и 13 нови свлечишта за кои допрва ќе се бара решение.

Градежни активности на мостот на автопатот Кичево-Охрид,, 07.02.2024 Извор: Фејсбук страница на ЈП за државни патишта

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...