На украинскиот фронт одново борби и напади, Русија го милитаризира високото образование

Генералштабот на украинските вооружени сили процени дека досега украинските сили елиминирале 397.080 руски инвазиски војници во периодот од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година до утрово

Од борбите во близината на Бахмут | Фото: Укринформ (20.05.2023)

Британското разузнавање верува дека отворањето на Институтот за светска воена економија и стратегија на Московската Висока школа за економија е знак за потесна соработка меѓу рускиот академски и одбранбениот сектор, пренесува украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Во февруари 2024 година, формиран е нов воен истражувачки институт на Московската Висока школа за економија. Институтот за светска воена економија и стратегија е основан од тврдокорниот политолог Сергеј Караганов, информира украинската агенција.

Новиот институт ќе обработува политика и економија, но ќе се фокусира на воениот индустриски комплекс на странските држави, како и на проучување на стратешкиот одговор и улогата на нуклеарните оружја.

Во самата Украина, пак, воените дејствија продолжија со висок интензитет.
Според извештајот на Генералштабот на украинските вооружени сили, во текот на изминатите 24 часа украински борбени авиони нападнале 13 позиции со руска воена жива сила, а се случиле и 84 битки.

Според истиот извор, рускиот непријател извршил 5 ракетни напади, 113 авионски напади и 135 напади од повеќецевни ракетни лансери врз украински воени позиции и врз цивилни цели. Оштетени биле станбеени згради, приватни куќи и друга цивилна инфраструктура.

Генералштабот на украинските вооружени сили процени дека досега украинските сили елиминирале 397.080 руски инвазиски војници во периодот од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година до утрово.

Од тоа, според украинскиот извор, 1.090 војници се елиминирани во изминативе 24 часа. Исто така, од почетокот на инвазијата, елиминирани биле 6.424 руски тенкови, 12.004 оклопни борбени возила, 9.500 артилериски системи, 981 повеќецевни ракетни лансери, 667 системи за противвоздушна одбрана (ПВО), 332 борбени авиони, 325 хеликоптери, 1.882 крстосувачки ракети, 24 фрегати/борбени бродови, една подморница и 12.623 камиони и камион-цистерни.