Извор на фотографија: Архива на ЈП за државни патишта

Нема да има ново поскапување на автопатот Кичево-Охрид, но затоа ќе има второ пробивање на рокот за неговото пуштање во употреба. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска извршија увид во изведбата на автопатската делница долга 57 километри. Министерот Бочварски ги отфрли шпекулациите дека автопатот би можело да поскапи, посочувајќи дека останува договорената цена од 598 милиони евра.

Со кинескиот изведувач „Синохидро“ во моментов се преговара за новиот рок за довршување на автопатот Кичево-Охрид, поради тоа што градежните работи нема да можат да се завршат до постојниот зацртан рок – 30 јуни 2021 година, и покрај тоа што овој датум всушност претставуваше продолжување од три и пол години на првичниот рок за завршување на неговата изградба.

Благоја Бочварски верува дека автопатот ќе биде завршен во разумен рок. Според информациите коишто ги објави денес, пред крајот на 2023 или почетокот на 2024 година не може да се очекува официјално пуштање во употреба на целата автопатска делница. Сепак, одредени делови од автопатот до овој рок постепено ќе се пуштаат во сообраќај.

Министерот Бочварски објасни дека од Министерството за транспорт и врски досега се одобрени 20 инфраструктурни проекти за оние делови од автопатот на кои беше неопходно препроектирање, што значи дека на овие позиции може да се забрза темпото на работа. Во делот на новопроектираните косини на автопатот, во тек е експропријацијата на земјиштето околу трасата, која е неопходна за нивното изведување.

Бочварски рече дека на терен секојдневно работат 365 градежни машини и 730 работници. Тој додаде дека на 31 отсто од трасата е поставен барем прв слој на асфалт, а ископот е завршен со 53 отсто. На клучките Арбиново, Издеглавје, Ботум, Мешеишта и Подмоље веќе се вршат градежните работи, а во идниот тунел „Пресека“ останува да се доврши електричната и останата инсталација, како и видео надзорот.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми информираше дека досега на терен се реализирани 322,4 милиони евра од вкупната вредност на автопатот Кичево-Охрид. Со препроектирањето, меѓу другото, е изготвена проектна документација за новиот контролен центар на автопатот, заедно со комплетната опрема за сигнализација.

Инаку, откога со кинески „Синохидро“ ќе биде договорен најновиот краен рок за довршување на автопатот Кичево-Охрид, неопходно е да се изготви нов анекс на договорот што треба да биде доставен до Собранието на РСМ, по кој пратениците ќе се произнесат.