fbpx

Ревизија: Еден километар од автопатот Кичево – Охрид чини 9 милиони евра

Во 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина и ЈП за државни патишта во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари

-

И покрај дополнителниот заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за шест години, и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, автопатот Кичево – Охрид уште не е изграден. Ова е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба во државата. Ова го констатирале државните ревиори во извештајот за ревизија на јавното претпријатие за државни патишта.

Овој автопат, според ревизорскиот извештај, е најскапиот кој се гради во државата, пти што еден километар до крајот на 2022 година чинел околу 9 милиони долари. Вториот најскап автопат е Скопје – Блаце каде за два километри ќе се одвојат речиси 6 милиони евра.

„Инвестициите за патната делница Кичево – Охрид изнесуваат 31.597.364 илјади денари или 57% од вкупните материјални средства во подготовка, додека должината на патната делница е 56,7 км, односно за изградба на еден километар од патната делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра)“, пишуваат ревизорите.

Оттаму додаваат дека за надградбата и развојот на патот – Ранковце – Крива Паланка со должина од 25,5 км сжео инвестирани 2.774.354 илјади денари, а во автопатската делница Скопје – Блаце со вкупна должина од 2 километри се инвестирани 362.978 илјади денари (приближно 5,9 милиони евра).

„Во октомври 2013, односно ноември 2019 година, донесени се закони со кои Република Северна Македонија гарантира исполнување на обврските по земените заеми за финансирање на проектот за изградба на патната делница Кичево – Охрид. Во јануари 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари“, наведено е во извештајот.

Во делот на клучни прашања, ревизорите известуваат за изградбата на патната делница Кичево – Охрид врз основа на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид.

„Недостатоците во проектната документација, нерешените експропријации на земјиштето, како и недоволните човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на процесот на изградба и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените“, пишува во извештајот.

Откако извршиле ревизија на финансиските извештаи за 2022 година, ревизорите утврдиле недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикува зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците. Освен тоа, има и несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на материјалните средства во подготовка, поради што истите не се прикажани како градежни објекти.

„Неправилно утврдена даночната основа и за 27.525 илјади денари помалку пресметан и уплатен данок на добивка во Буџетот на Република Северна Македонија. Пописот на средствата и обврските не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис. Има неправилно определување на набавната вредност на државните патишта како основа за пресметка на амортизација. Не е извршено вредносно усогласување на побарувањата и нивно евидентирање по објективна вредност. Утврдени се неправилности во начинот на управување и евидентирање на залихите на материјали и ситен инвентар“, навеле ревизорите во извештајот.

Десет проекти се однесуваат на изградба и надградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и за истите до крајот на 2022 година инвестирани се 38.235.687 илјади денари, а еден проект е за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, за чија реализација инвестирани се 458.290 илјади денари.

Во периодот од 2015 до 2022 година биле направени вложувања во проекти и недовршени градби, трошоци по основ на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други епознати трошоци, во вкупен износ од 1.924.211 илјади денари.

„Поради недоволни информации и/или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност, а за дел од нив во вкупен износ од 650.040 илјади денари не е можно да се направи соодветна алокација по делници. Најголем дел или 88% од овие вложувања потекнуваат пред и за време на 2015 година, односно поради изминат подолг временски период постојат тешкотии при обезбедувањето на валидни и веродостојни документи“, навеле ревизорите.

Наведените состојби, додаваат тие, претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост, што не е во согласност со член 13 од Законот за јавните претпријатија со кој е уредено дека претпријатието својата дејност треба да ја врши ефикасно и на начин што обезбедува заштита и унапредување на добрата од општ интерес.

Кинески „Синохидро“ ќе продолжи да го гради автопатот Кичево-Охрид

ВМРО-ДПМНЕ како апостол на кинески „Синохидро“, ги бранат за автопатот Кичево-Охрид

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...