fbpx

ВМРО-ДПМНЕ како апостол на кинески „Синохидро“, ги бранат за автопатот Кичево-Охрид

Од ВМРО-ДПМНЕ вината за доцнење на изградбата на автопатот ја гледаат во власта, а не прифаќаат и раскинување на договорот со кинеската компанија „Синохидро“, обвинувајќи дека на тој начин ќе се оштетел буџетот за половина милијарда евра

-

По најавите на премиерот Димитар Ковачевски за можно раскинување на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве застана во одбрана на кинеската компанија „Синохидро“, која што беше избрана како изведувач токму од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во вчерашното гостување на „Сител“ вината за недовршување на автопатот ја префрли во неспособноста на менаџментот да се заврши проектот.

„Гледате ли каква е неспособноста на овие луѓе. Тогаш проценетата вредност беше 348-350 милиони евра денеска пет анекси подоцна, седум градежни сезони подоцна 300 милиони повеќе од тоа што е предвидено ние немаме ниту 75% завршени градежни работа на терен, тоа е еклатантна неспособност“, изјави пратеникот Стојаноски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на можноста за раскинување на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ вели дека тој не би бил изненаден да се направи тоа со европско знаменце, а притоа тој смета дека ќе се оштетел буџетот за половина милијарда евра.

Неговата теза е дека до крајот на годината можеби владата ќе го искористела механизмот за европско знаменце за раскинување на договорот со „Синохидро“, при што пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Македонија ќе била задолжена за половина милијарда евра. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е против раскинувањето на договорот со кинески „Синохидро“.

„Ќе бараме да го видиме анексот на договорот и сите оние работи кои ги кажав. Да слушнеме мислење на стручната фела, но секако нема да поддржиме решение кое ќе значи исплаќање на пенали од страна на Буџетот на граѓаните кон одредена трета страна за да се вметне одредена друга страна која ќе е криминално ангажирана за да се перат пари“, изјави Стојаноски, кој не прецизираше која е таа друга градежна компанија која би била ангажирана од власта наместо „Синохидро“ за доградба на автопатот.

И партискиот лидер Христијан Мицкоски вчера изјави дека власта со политикантство дополнително ја одложува изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Мицкоски вели дека два пати со анекс договори е продолжен рокот за изведба на автопатот, кој ја искритикува власта дека немаат проектен менаџмент за завршување на неговата изведба.

„Сега наместо да најдат начин како да го забрзаат проектот, тие повторно се обидуваат со некои гимнастики и политиканство да предизвикаат застој на работите, конфликт со изведувачите и на тој начин дополнително да го одложат реализирањето на овој проект“, изјави Христијан Мицкоски, додавајќи дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го завршела автопатот Кичево-Охрид.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која прстот го вперува во власта, премиерот Димитар Ковачевски вината за доцнење на изградбата на автопатот Кичево-Охрид ја насочува кон проектантите и изведувачите.

„И, по продолжувањето на градење на автопатот односно склучување на анекс пред неколку години, повторно се појавиле 11 нови свлечишта кои не овозможуваат довршување на автопатот во овој момент. И, тоа е нешто кое мора да се исправи. Но, од друга страна се поставува прашање, дали тој изведувач и неговите супконтрактори кои ги ангажирал, се во состојба да изградат вакво автопатско решение“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот е свесен дека се можни финансиски импликации врз државата од евентуалното раскинување на договорот со кинески „Синохидро“, но посочува дека крајната одлука за ова ќе ја имаат пратениците во Собранието на РСМ.

Во тек е и ревизијата од страна на Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и успешноста на капиталните инвестиции, додека меѓународни експерти ќе треба да направат анализа на договорот и дадат предлог решенија и мислења, како да се продолжи со изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Инаку, за изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип беше отворен случајот „Траекторија“ од Специјалното јавно обвинителство. Обвинети во овој предмет беа експремиерот Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, Љупчо Георгиевски, ексдиректор на ЈП за државни патишта и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, но истиот застаре поради усвоените измени во Кривичниот законик. Наместо утврдување на евентуална вина, трошоците за водење на постапката за овој случај паднаа на товар на државата.

За изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, поранешното Специјално јавно обвинителство покрена обвинение во случајот „Траекторија“ на 30 јуни 2017 година, а обвинението беше одобрено од судот на 1 ноември 2017 година. Судот го закажа првото рочиште во судскиот процес за 6 декември 2017 година.

Сепак, судскиот процес за случајот „Траекторија“ беше вратен назад по неколку години судење, откако Судскиот совет на РСМ на почетокот од јули 2021 година го разреши судијата Горан Бошевски, којшто го водеше овој судски процес за висока корупција. Поради ова, судењето се врати од почеток, но и до усвојувањето на спорните измени во Кривичниот законик немаше епилог со казни за обвинетите лица.

Застаре и „Траекторија“ за кинеските автопати – уште еден случај жртва на измените во Кривичниот законик

Идентично како и судскиот процес, со многу неисполнети ветувања минува и крајниот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Проектот започна со реализација во февруари 2014 година, со ветување од тогашниот премиер Никола Груевски дека ќе биде готов за четири години. Наместо во 2018 година, новата власт на СДСМ во 2018 година првично го продолжи рокот за изведба на автопатот до 30 јуни 2021 година. Пред повеќе од две години, во август 2021 година следеше ново продолжување на рокот за изведба до 31 декември 2023 година, но и во овој рок нема да биде завршена изградбата на автопатот.

Ковачевски: Можно е раскинување на договорот со „Синохидро“ за автопатот Кичево-Охрид

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...