fbpx

Застаре и „Траекторија“ за кинеските автопати – уште еден случај жртва на измените во Кривичниот законик

Трошоците на постапката, согласно денешното решение, паѓаат на товар на државата

-

Поради измените во Кривичниот законик, застаре уште еден предмет кој го водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Станува збор за случајот „Траекторија“, кој се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Обвинети во овој предмет беа експремиерот Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, Љупчо Георгиевски, ексдиректор на ЈП за државни патишта и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

„Имајќи го предвид предлогот на ЈО и измените на КЗ, Судот донесе решение – се запира кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, констатираше претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.

Трошоците на постапката, согласно денешното решение, паѓаат на товар на државата.

Обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште побара обвинението против обвинетиот Никола Груевски да биде повлечено поради настапување на апсолутна застареност, а постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените во Кривичниот законик.

Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања, а на буџетот му нанеле штета од најмалку 155 милиони евра.

За изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, поранешното Специјално јавно обвинителство покрена обвинение во случајот „Траекторија“ на 30 јуни 2017 година, а обвинението беше одобрено од судот на 1 ноември 2017 година. Судот го закажа првото рочиште во судскиот процес за 6 декември 2017 година.

Сепак, судскиот процес за случајот „Траекторија“ беше вратен назад по неколку години судење, откако Судскиот совет на РСМ на почетокот од јули 2021 година го разреши судијата Горан Бошевски, којшто го водеше овој судски процес за висока корупција. Поради ова, судењето се врати од почеток, но и до усвојувањето на спорните измени во Кривичниот законик немаше епилог со казни за обвинетите лица.

Скапо го враќаме кредитот за изградба на автопатите, Кина остана во земјава да гради и со европски пари

Груевски се спаси за „Траекторија“ – предметот застарел (хронологија + „бомба 14“)

Инаку, со измените во Кривичниот законик засега застареа предметот за прислушувањето во „Таргет Тврдина“, случајот „Продуцент“, предметот за ексчленот на Судскиот совет Теофиловски, а застареа и злоупотребата во „Моќник“ и уште пет други предмети.

Најголем број предмети кои застаруваат се однесуваат на „злоупотреба на службената положба“, односно членот 353 од Кривичниот законик. Како што пред извесно време изјави претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, по овој член во судот има 36 предмети за 197 лица, а колку од нив ќе застарат зависи од преквалификацијата што треба да ја направи обвинителот. Во најголем дел од предметите, освен членот 353, има и други членови, па постапките може да продолжат за останатите дела.

Речиси 200 обвинети функционери се засегнати од измените во Кривичниот законик

Инаку, премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека ќе побара ревизија од страна на државната ревизија за изградбата на автопатот Кичево-Охрид од страна на кинеската компанија „Синохидро“. Притоа, тој не ја исклучи можноста и за раскинување на договорот со кинескиот изведувач, бидејќи од Кинезите повторно нема да биде испочитуван зададениот рок за завршување на автопатот – 31 декември 2023 година.

Ковачевски: Можно е раскинување на договорот со „Синохидро“ за автопатот Кичево-Охрид

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...