fbpx

Контраспин: Ставот на Пендаровски околу измените на КЗ е спин

Има повеќе елементи на спин околу измените на КЗ и причините за потписот на указот од страна на Пендаровски, пишува Вистиномер 

-

Претедателскиот кандидат Стево Пендаровски тврди дека со тоа што го потпишал указот за измените на КЗ не згрешил, затоа што требало да им се упати порака и лекција на корумпираните судии. Па потоа тврди дека бил принуден да го потпише веднаш зашто добил порака од партиите што го гласале дека ако не го потпише ќе му го вратат за еден ден, за на крај да признае дека можеби имало простор за поинакво негово постапување. Сето ова укажува на елементи на спин околу измените на КЗ и причините за потписот на указот од страна на Пендаровски, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, во интервју искажа став во кој може да се препознаат елементи на спин:

Спин: „Гледајте ја сум човек кој далеку од тоа да тврдам дека сум безгрешен…Не мислам дека згрешив (што ги потпишал измените на КЗ-н.з.)затоа што навистина мислам дека требаше да им се даде порака и лекција на судиите кои ги држат предметите во фиоките и потоа се жалат на политичарите – е не ни дадоа доволно време да ги судиме. Не бе другари, вие не ги судевте воопшто тие луѓе. Затоа што бевте купени, дали од бизнисмени, дали од политичари, дали од самите тие кои беа предмет на истрага…не ги извадите од фиока, фаќаа прашина таму со години…

…Знаете што, јас ја знам содржината на (измените) на Кривичниот законик кога влезе во Парламентот. Имам јас седум-осум дена време да го потпишам или да не го потпишам, не можам во недоглед да го тегнам тоа…Можеби (згрешив). Меѓутоа, добив уверување од партиите што го гласаа дека ако не го потпишам ќе ми го вратат за еден ден и со 61 повторно ќе го изгласаат. Немате ефект, пак добивате застарување…(Но ќе покажевте став, заб. на новинарката). Можно е, допуштам тука дека имало простор и за поинакво однесување“

[Извор: 24 Анализа – Интервју С. Пендаровски, датум: 10.04.2024]

Контраспин: Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја извртува вистината околу причините за потпишување на указот за Измените на Законот за кривична постапка од септември 2023, кога вели дека тоа го сторил за да им се прати „порака и лекција“ на корумпираните судии, кои чувале предмети во фиока и намерно не ги суделе случаите од СЈО.

Пендаровски е во право кога вели дека најголемо потфрлање од барањата и очекувањата од „Шарената револуција“ е во неисполнетоста на слоганот „Нема правда нема мир“, т.е. признание дека владите на СДСМ-ДУИ од 2017 година досега потфрлиле во остварување на ветената правда и казни за високата корупција од претходното десетгодишно владеење на Никола Груевски со владите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Но, кога дојде моментот за тоа дали згрешил со потпишувањето на Указот за измените на КЗ со кои и практично се постигна амнестија на голем дел од предметите на СЈО и други со висока корупција поради застарување, Пендаровски најпрво вели дека „не било грешка“, па тврди дека со измените од законот на судиите им се праќало порака за нивната корупција и за намерното чување на предмети по фиоки. (Што е најблиску до образложението на заменик министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ од СДСМ, која тврди дека измените на КЗ обвинителите и судиите ќе биле поефикасни во водењето на кривичните предмети, бидејќи роковите се скратени).

Но, нема промена на фактичката состојба ниту со измените на КЗ, затоа што ако судиите биле купени, како што тврди Пендаровски, тогаш и по новите скратени рокови не само што нема да се завршуваат предметите, туку ќе се заглавуваат уште повеќе. Во крајна линија, Пендаровски ако мислел дека со законот „ќе упати порака и ќе им се даде лекција“, можел тоа да го стори и со непотпишување на указот и со јавен настап во кој веднаш би упатил порака дека судиите се купени, што доведува до уште почудно решение од владата за скратување на роковите и отвора пат за застареност. Но, наместо тоа, Пендаровски утредента веќе, на 7-ми септември, соопшти дека ќе го потпише законот.

Освен ова, Пендаровски во интервјуто вели дека најголем дел од предметите на СЈО немале ни правосилна пресуда, што не е баш најточно тврдење, затоа што уште во 2021 година 6 се со правосилна, а 6 беа со првостепена пресуда, што е точно половина од дваесетината првични предмети што ги поднесе СЈО во рокот што го имаше од 18 месеци за истрага. Тоа добро се гледа од анализата на Бирн/Призма од тоа време.

Впрочем, извртување на вистината беше и ставот на Пендаровски од лани од септември, дека „со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата…“ – затоа што со измените дојде до практична амнестија. За сите случаи што ги водеше СЈО, а кои не беа пресудени правосилно, меѓу кои и на клучниот предмет Таргет-Тврдина, јавноста не дозна кој навистина ги прислушувал граѓаните во масовни размери.

Конечно, дека има недоследности и извртување на вистината покажува и ставот на Пендаровски при крај на интервјуто дека можеби и згрешил и дека со непотпишување на указот за измените на КЗ ќе го изразел ставот кон партиите што го гласале законот и ќе ја алармирал пошироката заедница. Имено, Пендаровски вели дека се согласил веднаш да го потпише указот, затоа што „добив уверување од партиите што го гласаа дека ако не го потпишам ќе ми го вратат за еден ден и со 61 повторно ќе го изгласаат“, што само ја потврдува скриената и вистинска причина за носењето на овој закон за само еден ден на 6 септември 2023 година во согласност и со опозицијата. А, Пендаровски не може да не го знаел сето ова, дотолку повеќе што веднаш доби барања и апели од клучните невладини организации што се борат против организираниот криминал и корупција, како и од ДКСК да не го потпишува указот за овој закон.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хеликоптер во кој патувал иранскиот претседател претрпи „тешко слетување“

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиши претрпел „тешко слетување“, пишува Би-би-си. Министерот за внатрешни работи кажува дека спасувачите сé уште се обидуваат да стигнат до местото на несреќата поради тешките...