Екоцидот и официјално е ново кривично дело, правниците сметаат дека тешко ќе се докажува

Со новините, за разлика од претходно, за некои кривични дела повеќе не е потребно настанување на штета на животната средина, туку доволно е само испуштање на емисии два или пет пати над дозволеното за тоа да претставува кривично дело. Доколку, пак, се докаже дека од ваквите емисии настанала конкретна опасност или штета по човековото здравје или животната средина, тогаш тоа е основа за повисока казна

Извор: Photo by Pixabay: https://www.pexels.com/photo/forest-on-fire-51951/

Екоцидот и официјално е ново кривично дело во македонското законодавство. На 15 март стапија во сила одредбите од измените на Кривичниот законик кои се однесуваат на дела против животната средина и природата. Екоцидот е дефиниран како долготрајно и широко распространето загадување на животната средина кое предизвикува сериозна штета, а казната која е предвидена е од најмалку десет години до доживотен затвор.

Измените на Кривичниот законик се донесоа за усогласување со директивите на Европската Унија од оваа област, пред сè Директивата за заштита на животната средина, преку кривичното право, посочуваат од Македонското здружение на млади правници.

Со новините, за разлика од претходно, за некои кривични дела повеќе не е потребно настанување на штета на животната средина, туку доволно е само испуштање на емисии два или пет пати над дозволеното за тоа да претставува кривично дело. Доколку, пак, се докаже дека од ваквите емисии настанала конкретна опасност или штета по човековото здравје или животната средина, тогаш тоа е основ за повисока казна.

Па така, за загадување на воздухот, водата и почвата кое е најмалку двојно поголемо од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор, се предвидува казна затвор од една до три години. Доколку загадувањето е петпати поголемо тогаш казните се од една до пет години. Овие дела се надополнуваат, па така доколку се докаже дека некој со нив предизвикал сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, може да добие казна затвор од три до десет години. Со затвор од три месеци до пет години ќе се казнува и за осиромашување на озонската обвивка. Освен екоцидот, со измените на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, за кое ќе може да се добие парична казна или затвор до три години.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека високите казни кои ги предвидува новиот Кривичен законик служат и како превентива, но и како механизам за сите да сносат одговорност за штетите на животната средина. Екоцидот се вбројува во листата на најтешки кривични дела бидејќи претставува масовно уништување на животната средина извршено со умисла. Во пракса тоа значи предизвикување пожари на шуми, излевање на нафта или хемиски отпад, дренирање на блатни екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми или со еден збор, уништување на природата до степен од кој не би постоела можност за повторно обновување на растителниот и животинскиот свет.

Правото е во состојба да придонесе за заштита на природните системи, а воведувањето на ова ново кривично дело може да значи промена на свеста во насока на подобра заштита на животната средина што воедно би значело и поефективна правна рамка. Дополнително, заштитата на животната средина во кривично правниот систем ужива низок степен на заштита доколку се земат предвид постојните кривични дела и предвидените санкции. Воведувањето на екоцидот како кривично дело значи чекор напред кон воспоставување на механизми за сите физички и правни лица да носат одговорност за штетите на околината и екосистемите кои се резултат на нивните одлуки и дејствување, посочуваат од ДИЖС.

Инспекторите велат дека како екоцид ќе се казнува и единечен настан со поголем интензитет, како на пример, поголеми пожари, хаварии во индустриска постројка или излевање на хемикалии, како и повеќе дејства кои долготрајно се повторуваат, како на пример, фирма што во континуитет не става филтри и го загадува воздухот или почвата.

Во Македонското здруѓение на млади правници, пак, сметаат дека воопшто нема да биде лесно докажувањето на сите елементи на ова кривично дело. Велат дека одговорноста за сторување на кривично дело екоцид ќе значи докажување на настаната штета на животната средина, која по својот интензитет треба да е сериозна, широко распространета или долготрајна, да настанала како резултат на преземено дејствие или пропуштање за преземање дејствие и сторителот да имал намера да предизвика штета на животната средина.

Главна задача на судовите ќе биде да развијат критериуми за „сериозна, широкораспространета или долготрајна штета на животната средина“, со оглед на тоа што овие термини не се дефинирани. Со оглед на тоа што дискусијата за инкриминирање на екоцидот е релативно нова и до сега нема пресуди на судовите на други држави за ова кривично дело, воведувањето на ова кривично дело би требало во прв план да се гледа како деклараторно зацрвстување на заложбите на државите за борба против овој криминал и да се одвратат граѓаните од предизвикување штета на животната средина, посочуваат од МЗМП.

Во јавноста многу одамна постои впечаток дека имаме многу малку обвиненија за еколошки криминал, а уште помалку пресуди и конкретни казни за загадувачите. Бројот на обвинети лица за кривични дела против животната средина во континуитет се зголемува, но бројот на осудени лица се намалува. Во 2020 година биле обвинети 107 лица, во 2021 – 113 лица, а во 2022 – 152 лица.

За разлика од 2020 година кога биле осудени 145 лица за сторени кривични дела против животната средина, во 2021 година овој број се намалил на 136 лица, додека во 2022 година биле осудени само 95 лица.

Од Македонското здружение на млади правници велат дека повеќе од две третини од обвиненијата и пресудите се однесуваат за кривичните дела „узурпација на недвижности“, „незаконит лов“ и „незаконит риболов“, па имајќи предвид дека во Кривичниот законик има и многу потешки и посериозни кривични дела против животната средина, не би можело да се каже дека ваквата статистика значи дека имаме суштинска заштита на животната средина. Од оваа организација посочуваат дека поголемата заштита на животната средина нема да се постигне само со измени на законите, туку и со вложување во капацитетите за нивно спроведување во практиката.

За ефикасно спроведување на изменетиот Кривичен законик потребни се јавни обвинители кои ќе ги имаат потребните знаења и вештини и ги разбираат процесите во животната средина, за да можат да водат ефикасна и ефективна истрага. Самата област на заштита на животната средина е комплексна и деликатна, па поради тоа е нужно да се создаде група на обвинители кои ќе можат соодветно да одговорат на предизвикот. Вложување во капацитетите не е потребно само кај јавните обвинители, туку и кај инспекторите и полициските службеници, велат од МЗМП.

Тие сметаат дека ефикасноста на истражувањето и гонењето на кривичните дела од оваа област би се подобрила доколку во Министерството за внатрешни работи се формираат посебно одделение и единица специјализирани за истражување на кривични дела од областа на животната средина. Сметаат дека формирањето на Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти во рамки на МВР даде позитивни резултати во откривањето и гонењето на овие кривични дела, па поради тоа очекуваат дека и специјализирано одделение и единица за животна средина значително ќе помогне и ќе го подобри откривањето на сторители кои предизвикале било каков вид на штета по животната средина.