Инспекторите за животна средина си даваат откази, дозвола за нови вработувања нема

Државниот инспекторат во моментов има 29 вработени, од вкупно 53, колку што треба да има според систематизацијата за работа

Фото: Мета.мк

Уште еден водостопански инспектор си заминал од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), но оваа институција и понатаму не добива зелено светло за да вработува нови. Директорот Сретен Стојковски денеска информираше дека ДИЖС има и помал буџет за оваа година, па ќе пропаднат и плановите да се набават и две теренски возила.

Државниот инспекторат во моментов има 29 вработени, од вкупно 53, колку што треба да има според систематизацијата за работа. Од нив инспектори се 24, а треба да се 38. Стојковски вели дека во втората половина од минатата година немало нови вработувања, туку, напротив еден водостопански инспектор си заминал, а уште еден си дал отказ минатиот месец и заминал да работи во реалниот сектор за повисока плата.

„Годишниот план за вработувања со кој беше превидено вработување на двајца инспектори и тројца административци не ни беше прифтен од Министерството за финансии. Го коригиравме и доставивме нов, за вработување на тројца инспектори, двајца за животна средина и еден водостопански. Сѐ уште чекаме бидејќи постапката е на одобрување во МИОА“, вели Стојковски.

Посочува дека загрижувачка е и старосната структура на останатите вработени во инспекторатот бидејќи 14 инспектори од трите профили имаат над 57 години. Во моментов во тек е и процедура за преземање на еден општински инспектор за животна средина, за што се чека согласност од Министерството за финансии, но таа ќе стаса дури по завршувањето на изборите.

Стојковски информира дека и буџетот на институцијата за 2024 година е намален за 600.000 денари во однос на тој од 2023 година. Во него било планирано купување на две теренски возила, но и таа набавка не им е одобрена. ДИЖС е надлежен инспекторат што треба да контролира објекти кои се наоѓаат во планински и непристапни терени, како што се, на пример, малите хидроцентрали. За да ги извршат овие контроли, инспекторите возила позајмуваат од самите инвеститори на објектите, па контролите секогаш мора да се најавени.