fbpx

Бројот на несреќи при работа останува висок, се работи на зголемување на свеста кај работниците и работодавците

Во 2023 година загинале 17 работници при работа, а во 2022 година оваа бројка била 12

-

Минатата година, на работно место загинале 17 лица, информираше денеска Весна Томовска, директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), на брифинг со новинарите. Таа кажа и дека имало 12 случаи на колективна повреда на работа.

Бројот на несреќи при работа со смртни последици во 2023 е покачен во споредба со оној во 2022 година, кога на работа загинале 12 лица. Но, Томовска потенцира дека во 2019, 2020 и 2021 година, бројот на загинати лица бил 17, односно ист како и лани.

„Бројот на колективни повреди во 2022 година бил 15, што е повисок од бројот на повреди во 2023 година. Ова зголемување на бројката на несреќи со смртни последици е резултат на тоа што сè уште треба да се работи на подигнување на свеста кај работниците за носењето на личната заштитна опрема, посебно кога станува збор за ризичните дејности, односно градежништво, каде што најчесто се случуваат несреќите со смртна последица“, изјави директорката на ДИТ.

Според неа, треба да се обрне внимание на почитувањето и на спроведувањето на мерките за безбедност и здравје при работа од страна на работодавците.

„Инспекторатот е во преговори со Меѓународната организација за трудот, што е специјализирана агенција на Обединетите Нации, која се занимава со прашањата поврзани со трудовата проблематика, за подготвување на  проект со којшто преку кампањи ќе се дигне свеста кај работниците за значењето за носењето на личната заштитна опрема. Дополнително, би им се укажало на работодавците да вложуваат во квалитетни системи за безбеднот и здравје при работа. Безбедната и здравата работна средина доведува до поголема продуктивност од страна на работниците“, посочи Томовска.

Последна несреќа на работно место со трагичен исход се случи на 8 јануари во фарма кај селото Амзабегово, Свети Николе, на локација – шахта од отворен тип која се наоѓа на отворен простор до Лагуната и Хала 1 во состав на фармата и е дел од систем за добивање и пренос на течно ѓубриво за земјоделски потреби.

Државните инспектори за труд извршија увид на настанот и по извршените вонредни инспекциски надзори, утврдија дека не се превземени соодветни мерки во согласност со прописите од областа на безбедност и здравје при работа.

„Работодавачот дозволил пристап на ангажираните работници О.Т. и С.Ј. на работни места на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности, а притоа не добиле посебни упатства за работа, во работниот простор не биле поставени знаци за опасност, предупредување и знаци за задолжително однесување. Работодавачот не изготвил и спровел изјава за безбедност со спроведување на постапка за Проценка на ризик на работните место помошник мајстор на кое работел сега починатиот работник О.Т. и на работното место општ работник на кое работел повредениот работник С.Ј. Работодавачот не обезбедил соодветна обука од областа на безбедност и здравје при работа врз основа на програма за специфичноста на работните места помошник мајстор и општ работник“, беше наведено во соопштението од Министерството за труд и социјална политика, во врска со овој случај, по што инспекторите поднесоа кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека...