Кој контролира дали се почитува одлуката за целосна вакцинација на децата против голема кашлица?

Иако инспекторите од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека секојдневно се на терен, родители за Мета.мк велат дека во градинката каде што тие го носат своето дете никој не им побарал навистина да донесат потврда или вакцинален картон

Фото: Рената Копел (Renate Köppel) на Пиксабеј (Pixabay)

Се почитува ли одлуката за забрана за прием во градинка за деца кои ги немаат примено потребните дози од ДиТеПер вакцината? Во ек на епидемија на пертусис (голема кашлица) во главниот град и во ек на секојдневен пораст на бројот на новозаразени, надлежните тврдат дека директорите на градинките примаат само вакцинирани деца. Но, родители со кои поразговаравме се сомневаат во тоа, со оглед на тоа дека никој во градинките не им побарал потврда за примена ревакцина.

Во меѓувреме, според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од новозаразените 28 лица во рок од една недела, дури 17 се деца на возраст до 4 години.

„Пред околу две седмици, кога се крена фама по медиумите за Пертусис, од градинка ни пишаа на Вибер дека треба да се донесе потврда за примени вакцини, или ажуриран вакцинален картон и ни кажаа дека сите дечиња треба да се целосно вакцинирани и да имаат примено ревакцина за Пертусис. А, речиси сите дечиња во нашата група не беа целосно вакцинирани од пертусис, значи повеќе од 90 отсто од децата во групата. Ние детето го вакциниравме, но потоа ниту некој ни побара потврда, ниту вакцинален картон, ништо не се смени“, вели за Мета.мк родител на дете кое оди во градинка во општина Карпош.

Во врска со тоа дали се прават контроли и дали навистина директорите на градинките запишуваат и примаат деца само со примените дози за пертусис, прашавме во Комисијата за заразни болести. Оттаму одговорија дека за ова треба да се обратиме во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Во инспекторатот, пак, ни рекоа дека за тие контроли е надлежно Министерството за труд и социјална политика под чија капа се градинките.

Инспекторите тврдат дека се секојдневно на терен

За Мета.мк оттаму тврдат дека инспекторите од МТСП биле секојдневно на терен и ги проверувале досиејата на децата.

„Тие досиеја треба да ги содржат доказите за здравствената состојба што е предуслов за прием и престој на децата во предучилишните установи. Досега не е утврдено непочитување на забраната за прием на невакцинирани деца“, тврдат во МТСП.

Во член 203 од Законот за заштита на децата е наведено дека надзор над стручната работа во остварувањето, згрижувањето, воспитанието, престојот, негата, исхраната, врши МТСП. Над остварувањето на образовната работа – Министерството за образование и наука, а надзор на здравствената заштита во детските градинки ја врши Министерството за здравство.

Во одредбата од член 60 став (10) од Законот за заштита на децата, пишува дека родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето.

Инаку, при упис на деца во градинка, задолжително во досието што се води за детето треба да има и податоци за здравствена состојба на детето што ги пополнува и заверува матичниот лекар на детето при запишувањето во детската градинка, како и за секоја воспитна година во која детето престојува во детската градинка. Податоците содржат име, презиме, датум и место на раѓање на детето, податоци за вакцинален статус и примени вакцини (според личен картон за извршена имунизација) и општи податоци за неговата здравствената состојба, име, презиме, потпис и факсимил на матичниот лекар, податоци за контакт и датум на пополнување.

Во Скопје 12.638 деца пропуштиле имунизација 

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 12.639 деца пропуштени за вакцинација, информираат во Институтот за јавно здравје.

„Oд нив вакцинирани се 4.142 (32,8 отсто). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (1.933, односно 46,7 отсто). Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7.792 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4.792 или 61,5 отсто) од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација“, информираат во ИЈЗ.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I, II, III доза) или ревакцинација (I, II ревакцина) на територија на Скопје, во периодот од 18 јануари до 22 февруари, изнесува 11.934.

Во период од само една недела, пријавени се 28 нови случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје. Возраста на заболените се движи од 0 до 47 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца под една година.

По однос на место на живеење, од сите досега заболени 67 лица, најголем број се од Скопје – 55. Петмина се од Тетово, 4 лица живеат во Куманово, во Гостивар два и еден во Струга.