fbpx

Клиника за онкологија: Мицкоски не откри никаков скандал, да престане политизирањето на случајот

Мицкоски тврди дека открил скандал, наречен „Диво месо“ - тој тврди дека и годинава лекови за пациенти болни од канцер биле давани во торбиче, а Клиниката за онкологија фактурирала како да им давала терапија на лице место

-

Претседателката на Анкетната комисија за работењето на Клиниката за онкологија, Рашела Мизрахи, по вчерашните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека и до ден денеска има злоупотреби на клиниката, најави дека денеска, откога ќе ги сослушаат последните сведоци, ќе побараат проширување на надлежностите и работата на комисијата. Мицкоски, пак, неговите наоди за работата на клиниката ги именуваше како случај „Диво месо“.

„Денес е последниот ден за сослушување на сведоци и експерти на анкетната комисија за истражување на случајот за Онкологија. Досега се сослушани 49 сведоци и експерти, а 10 лица не се појавија иако беа уредно поканети и имаа обврска да се појават. Но, овие нови сознанија за случувањата на Онкологија ја наметнуваат потребата да се испитаат сите нови информации и да се родолжи рокот на работата на комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува вклучително и тековниот период од април 2023 година на кој се однесува извештајот на ФЗО“, рече Мизрахи.

Инаку, Мицкоски вчера излезе со обвинувања до власта тврдејќи дека лекови за пациенти болни од канцер биле давани во торбиче, а Клиниката за онкологија фактурирала како да им дале терапија на лице место, лекови доцнеле, а за тоа никој од здравство не испратил допис, не биле раскинати договорите со набавувачите и немало никаква контрола при аплицирањето на лековите што им се давале на пациентите кои лежат на Клиниката. Тој рече дека сето ова се случувало и годинава.

Мицкоски мафта со документи за скандалот на Онкологија, од СДСМ велат дека ја загрозува истрагата

Овие вчера наидоа на реакција од Јавното обвинителство, од каде изјавија дека информациите изнесени во врска со предистрагата за Клиниката за онкологија се погрешни и можат да предизвикаат вознемирување на јавноста.

„Нагласуваме дека до овој момент воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година“, изјавија од обвинителството.

Реакција денеска стигна и од Клиниката за онкологија, од каде велат дека апсолутно не станува збор за никакво ново откритие или скандал објавен од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Наводите и документите кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија“, велат од клиниката.

Оттаму образложуваат дека клиниката од добавувачите повлекува количини лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и истите да се потрошат порано од планираното.

„Во тие случаи на добавувачите им треба време за испорачување на нови количини. Ова не може да биде предмет на негативна референца. Дополнителна причина за одредени лекови е глобален или регионален недостаток кој е честа појава за време и по пандемијата“, велат од Клиниката за онкологија.

Во однос на обвинувањето дека на Клиниката се набавувале лекови на залиха непотребно, е неосновано и погрешно, оценуваат оттаму. Количината за која се обвинува дека била вишок на залиха, не само што не е залиха туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти од друг лек за 5 пациенти. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија, додека се завршат постапките за нови набавки, тврдат од Клиниката за онкологија и замолуваат да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката.

„Ваквите политички манипулирани презентации на документација која не е ниту тајна, ниту скриена е само обид за злоупотреба на УКРО за дневни политички цели“, се вели во соопштението на Клиниката за онкологија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Европска недела на имунизација: Слушајте ги научниците, а не дезинформациите

Во Градскиот парк во Скопје денеска се одбележа Европската недела на имунизација, со повици за поголема вакцинација. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека повеќе од 50 години вакцините кои ги примил...